Фото: Profimedia

Украински војник во казнена колонија им го прераскажувал „Хари Потер“ на заробениците за да им помогне да издржат

Украинскиот маринец Александар Иванов бил заробен за време на борбите за Мариупол и држен во влажна, сива ќелија во руска казнена колонија – цели 1.495 дена. Немал контакт со надворешниот свет и не знаел дали неговата земја сè уште се бори, ниту дали неговата сопруга и син се живи, објави Би-би-си.

Но, во тие мрачни денови пронашол нешто што му помогнало да преживее.

Пред руската инвазија врз Украина, Александар служел како мајор во Триесет и шестата маринска бригада. Во пролетта 2022 година, сè се променило.

Неговиот последен спомен од окупираниот Мариупол не бил поврзан со борбени тактики, туку со, како што рекол, „мирисот на смртта што се чувствувал во воздухот“.

Неговата сопруга Нели се сеќава на последниот, тежок телефонски разговор.

„Ми рече: ‘Ова е последен пат да контактираме’“, раскажува таа.

Неколку дена подоцна, кратка порака потврдила дека е заробен.

Потоа следеле години психолошка тортура. Александар поминал три од четирите години во заробеништво во казнена колонија во руската област Мордовја.

Бил во мала ќелија со уште осум луѓе, каде што затворениците поголемиот дел од времето го минувале стоејќи. Во ќелијата имало тоалет, мијалник со студена вода, мало парче сапун, туба паста за заби и хартија што ја делеле меѓу себе секоја недела.

На секои три или четири дена им било дозволено да прошетаат од две до пет минути.

Топла храна добивале трипати дневно, но нејзиниот квалитет и количина биле толку лоши што Александар во заробеништво ослабел триесет килограми.

Чуварите ја палеле пристигнатата пошта за да ги мачат затворениците, а радиото постојано емитувало пропаганда во која се тврдило дека Украина повеќе не постои.

За четири години, Александар само еднаш успеал да ѝ испрати гласовна порака на сопругата. Чуварите му дозволиле да издиктира три реченици. Следниот ден добил слично краток одговор. Нели му кажала дека го прославиле роденденот на синот, дека биле во кино и дека посетиле градинка.

„Сфатив дека ако децата во Николаев, недалеку од фронтот, одат во кино, тоа значи дека во Украина сè е во ред“, вели тој.

Во меѓувреме, Нели собирала информации за сопругот дел по дел. Сè што дознала за неговата состојба и движење доаѓало од војници ослободени при размена на заробеници, кои ги паметеле телефонските броеви на семејствата на други затвореници.

Еден ден слушнала нешто што ја насмеало.

Александар ги забавувал другите заробеници така што им ја прераскажувал приказната за Хари Потер.

„Не бев изненадена“, вели таа.

„Бев среќна. Помислив: ‘Ако им го прераскажува Хари Потер, тогаш можеби не е сè толку лошо’.“

Александар вели дека еден од методите на психолошки притисок во заробеништво бил затворениците да не смеат да зборуваат меѓу себе. Речиси целото време го минувале во ќелиите, од будење до спиење, стоејќи и молчејќи.

Но, еден ден им кажал на другарите во ќелијата дека е љубител на Хари Потер, а тие побарале да им ја раскаже приказната.

Поставил еден услов: ќе им ги прераскаже сите седум книги, колку што може попрецизно, од сеќавање.

Сите се согласиле.

Серијалот за Хари Потер на авторката Џеј Кеј Роулинг влегол во животот на Александар неочекувано. Во 2005 година, кога бил седмо одделение, учествувал во детски телевизиски квиз и случајно ја избрал темата Хари Потер.

Бил елиминиран во првиот круг, но серијалот го задржал неговото внимание за цел живот. Со нетрпение ја чекал секоја нова книга, а подоцна петтата книга, „Хари Потер и Редот на фениксот“, ја прочитал за еден ден.

Години подоцна, како студент, книгите му помагале да го мине времето при долгите патувања од еден до друг крај на Киев.

„Продолжив да го читам Хари Потер и се покажа дека сум ги запомнил сите детали“, вели Александар.

Приказните го задржале вниманието на неговите слушатели – мажи од различна возраст, од постари луѓе до тинејџери регрути.

Пет или шест часа дневно, Александар шепотејќи им ги раскажувал авантурите на јунаците од Хогвортс. Се однесувал како да чита аудиокнига, градел напнатост и застанувал во највозбудливите моменти.

„По триесет минути реклами, ќе слушнете што се случило понатаму“, им велел.

Понекогаш толку се внесувал во приказната што другите затвореници морале да го смируваат за да не го привлече вниманието на чуварите.

По еден месец стигнал до крајот, но неговата публика побарала да почне повторно од почеток. Во тие неколку часа секој ден, затворениците веќе не се чувствувале како да се во затвор во Мордовја, туку како да се во ходниците на Хогвортс.

„Се чувствувавме како затвореници од Азкабан, со дементори пред ќелијата“, вели Александар.

„А кој е најдобриот начин за борба против дементорите? Со Патронус. Кога затвореник верува дека некој го чека дома, тоа создава толку силен Патронус што ниеден дементор не може да го пробие“.

Неговото познавање на Хари Потер влијаело дури и врз односот со чуварите. Кога некои од нив ги препознале тетоважите инспирирани од книгите на неговите раце и нозе, покажале, како што вели тој, „одреден степен човечност“ и почнале да му се обраќаат понормално.

Во меѓувреме, Нели продолжила да се залага за ослободување на сопругот. Ѝ пишувала на Џеј Кеј Роулинг, опишувајќи како Александар ги прераскажувал нејзините книги во заробеништво и колку надеж му дале.

„Ние веруваме дека среќата може да се најде и во најмрачните времиња, само ако човек се сети да го вклучи светлото“, напишала таа.

„Александар стана тоа светло за многу други“, додала.

Одговор не добила, но чудото за кое се молела конечно дошло.

На 15 мај годинава, добила порака од украинскиот Координативен штаб за постапување со воени заробеници — Александар се враќа дома.

Бил ослободен во размена на заробеници.

Набргу повторно бил со семејството. Сега се опоравува и се обидува да надомести четири години изгубено време.

Вели дека добил стотици пораки за поддршка, како и пакети со сувенири поврзани со Хари Потер од луѓе што ја слушнале неговата приказна.

„Не можам со зборови да опишам колку ми значи ова“, вели Александар.

„Благодарен сум им на сите и горд сум што сум дел од оваа земја“.

ВИДЕО | Детските ѕвезди на новиот „Хари Потер“ ќе станат милионери пред да бидат полнолетни, откриени се вртоглавите хонорари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот