Разговор со Лиде Стојановска, туристички водич: Три летни рути што ќе ве натераат повторно да се вљубите во Македонија
Македонија е прекрасна земја, но за жал многумина ја потценуваат како летна туристичка дестинација. Кога станува збор за одмор, најчесто изборот паѓа на Охрид или на патување надвор од државата, додека многубројни природни и културни богатства остануваат неправедно во сенка.
Препорачано
Од планински предели и водопади, преку средновековни манастири и археолошки локалитети, до живописни градови и автентични гастрономски искуства, Македонија крие вистинска ризница од места кои вреди да се посетат.
Токму на оваа тема разговаравме со туристичкиот водич Лиде Стојановска, која за читателите на „Слободен печат“ предложи три интересни рути за летно истражување низ земјава.
„Летото е совршено време да откриеме нови предели, приказни и вкусови во Македонија. Наместо класичен викенд во еден град, предлагам неколку тематски рути кои можат да се истражуваат шест до седум дена и да понудат поинакво доживување на нашата земја“, вели таа.
Североисточна Македонија – патување низ историјата и мистиката
Ова е една од најинтересните, а сè уште недоволно откриени туристички региони во Македонија. Рутата може да започне од Кокино, мегалитска опсерваторија стара неколку илјади години, а потоа да продолжи кон Старо Нагоричане и Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
Следна станица се Осоговските Планини и манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, едно од најзначајните духовни светилишта во земјата. Потоа патот води кон Куклица и познатите Камени кукли, а веднаш потоа и кон Кратово – градот на камените мостови, средновековните кули и богатата рударска традиција.
Во околината на Кратово вреди да се посетат и археолошките локалитети Цоцев Камен и Големо Градиште, а патувањето да заврши во Лесново и Штип. Манастирот во Лесново, поврзан со Св. Гаврил Лесновски, е еден од бисерите на средновековната уметност, додека Штип нуди богато културно наследство, стара архитектура и препознатлива гастрономија.

Од Малешевијата до југот – природа, водопади и медитерански допир
За љубителите на планините и на природата, ова е идеална летна рута. Патувањето започнува во Берово, продолжува кон Делчево и Пехчево, каде што посетителите можат да уживаат во свежината на Малешевските Планини.
Потоа следува Струмица со манастирите Вељуса и Водоча, значајни сведоштва за византиското културно наследство. Во близина се и Смоларскиот и Колешинскиот Водопад, едни од најубавите природни атракции во Македонија.
Рутата продолжува кон Дојран, со неговата единствена езерска атмосфера и традиционален риболов, а потоа кон Гевгелија и Демир Капија, каде што посетителите можат да уживаат во сонцето, лозјата и медитеранскиот дух на југот.

Низ срцето на Македонија – Крушево, Прилеп, Битола и Преспа
Ова е патување низ историјата, традицијата и природните убавини на Пелагонија.
Започнете во Крушево, градот на револуционерната историја, староградската архитектура и богатата влашка традиција. Продолжете кон Прилеп, каде што ве очекуваат Марковите Кули, Трескавец и Могилата на непобедените.
Следна станица е Битола, градот на конзулите, Широк Сокак и античкиот локалитет Хераклеја Линкестис. За крај, упатете се кон Преспа – регион што нуди прекрасни пејзажи, автентични села, богата гастрономија и мир што ретко може да се најде на други места.
Македонија можеби е мала по големина, но нуди неверојатна разновидност на природни богатства, културно наследство и локални приказни.
Понекогаш е доволно само да се избере една рута и да се тргне во истражување.



