Од трета до прва класа — колку би чинеле денес билетите за патување со Титаник?
Околу 2.200 луѓе патувале со Титаник кога потонал во 1912 година. Малкумина можеле да си дозволат да патуваат со тој луксузен прекуокеански брод. Но, што мислите колку би чинела денес еден билет за ова луксузно патување?
Препорачано
Титаник се сметал за апсолутен луксузен трансатлантски брод во своето време, а во тоа време бил и најголемиот брод во светот. Билетите за неговото прво патување во пролетта 1912 година, од Саутемптон до Њујорк, можеле да си ги дозволат само богатите. Сепак, патувањето било привлечно и за луѓе со скромни приходи кои се надевале на подобар живот во Америка.
Постоеле големи разлики помеѓу поединечните класи на сместување, што јасно се гледа и во филмот за таа трагедија. Германскиот весник „Берлинер куриер“ пресметал колку би чинело патување со Титаник според денешните стандарди, пишува „Т-онлајн“.
Колку чинеле најскапите кабини на Титаник?
На луксузниот брод имало два апартмани со приватно шеталиште, и токму во нив преминувањето преку Атлантикот било најскапо. Во текот на летната сезона, патувањето, според „Шпигел“, чинело 870 британски фунти по лице, што дури и тогаш било вистинско богатство.
Изразено во долари, цената на апартман била 4.350 долари, што денес би било повеќе од 125.000 американски долари, или околу 117.000 евра. Во 1912 година, американската милионерка Шарлот Кардеза и нејзиниот син Дрејк, како и Брус Исмеј, директор на „Вајт стар лајн“, патувале во овие апартмани.
Покрај луксузните апартмани, Титаник им нудел на своите патници салони за дружење, ресторани и теретана.
Повеќе од 4.000 евра за билет од прва класа
Дури и „редовните“ кабини од прва класа биле исклучително скапи според денешните стандарди. Билетот тогаш чинел 150 долари, што одговара на денешната вредност од околу 4.330 американски долари или 4.050 евра.
Во втора класа, патувањето чинело 60 долари, што би одговарало на цена од приближно 1.730 американски долари или 1.620 евра денес.
Како била организирана третата класа?
Луксузот на Титаник бил видлив и во третата класа. Додека на другите бродови од тоа време патниците од трета класа најчесто имале големи заеднички спални соби, на Титаник имало и кабини за шест, четири или две лица.
Патниците од трета класа тогаш плаќале во просек 36 долари по лице за патувањето. Ако платите и куповната моќ од тоа време се споредат со денешната, таа сума одговара на приближно 1.040 американски долари, или околу 970 евра.


