Том Хенкс им даде брачен совет за Тејлор Свифт и Тревис Келси: „Мажот мора да прави вафли во недела“
По речиси четири децении брак со актерката Рита Вилсон, холивудската легенда Том Хенкс смета дека има право да даде по некој совет за успешна врска. Токму тоа го направи кога беше прашан за претстојната свадба на Тејлор Свифт и нејзиниот свршеник Тревис Келси.
Препорачано
На премиерата на анимираниот филм „Приказна за играчките 5“ (Toy Story 5) во Лос Анџелес, 69-годишниот актер во шега откри што според него е тајната на успешниот брак.
„Мажот мора да прави вафли во недела“, изјави Хенкс за „Ентертејнмент њуз“.
Во новото продолжение на популарната франшиза, Хенкс повторно му го позајмува гласот на каубојот Вуди, а филмот доби и музички придонес од Тејлор Свифт. Пејачката неодамна ја објави песната „I Knew It, I Knew You“, која се слуша на крајот од филмот.
Хенкс призна дека не знаел за песната сè до денот кога била објавена.
„Ми рекоа: ‘Вечерва во 9 часот Тејлор Свифт ќе ја објави песната што го затвора нашиот филм’. А јас им реков: ‘Па јас го гледав филмот и немаше песна од Тејлор Свифт’. Тие ми одговорија: ‘Знаеме’“, раскажал актерот низ смеа.
На премиерата, Свифт не ја криеше својата возбуда што се сретнала со Хенкс и Тим Ален, кој го позајмува гласот на Баз Лајтер. Таа на црвениот тепих носеше стара видеокасета од оригиналниот филм „Приказна за играчките“, а подоцна побара од актерите да ѝ ја потпишат.
Хенкс подоцна за „Ју-ес-еј тудеј“ откри дека не направил селфи со поп-ѕвездата, но затоа со задоволство ја потпишал нејзината касета.
„Ѝ ја потпишав оригиналната видеокасета од првиот филм. Ѝ реков дека требало да донесе и видеорекордер за да го потпишеме и него, па сето тоа заедно да заврши во Смитсонијан“, се пошегувал актерот.


