Лисичани селектираат пластичен отпад пред куќа, другите населби ќе причекаат
Од Општината се задоволни од досегашните резултати, кои според нив се исклучително охрабрувачки и го потврдуваат успехот на проектот. Како што велат, граѓаните покажуваат високо ниво на одговорност и посветеност во процесот на примарна селекција на отпадот, што претставува силна основа за понатамошен развој и проширување на овој модел.
Сѐ поголем број семејства од населбата Лисиче се вклучуваат во проектот што го спроведува Општина Аеродром, поточно општинското Јавно претпријатие за комунални дејности, со кој им се овозможува да селектираат пластичен отпад пред сопствените куќи.
Препорачано
За таа цел тие добиваат жолти канти наменети за фрлање на пет амбалажи, а собраниот отпад потоа го преземаат екипи на претпријатието.
Во моментов, како што велат од Општината, селектираат околу 150 домаќинства во населбата. Оттаму објаснуваат дека проектот се одвива континуирано и успешно уште од неговото започнување.
Најпрво, во селекцијата на пластичен отпад се вклучиле 100 домаќинства, а поради големиот интерес дополнително уште 50 нови домаќинства деновиве добиле жолти канти за ПЕТ- амбалажа и се приклучиле кон иницијативата. Целта е да се опфатат вкупно 600 домаќинства, кои преку своето активно учество ќе придонесат за почиста и поздрава животна средина.
Вклучувањето на граѓаните се реализира преку теренски активности, односно анкета од домаќинство до домаќинство, по што следува поделба на канти, потпишување договори, кратка едукација и доставување информативни материјали за правилно селектирање на отпадот. Позитивниот одзив на жителите покажува дека еколошката свест постојано расте и дека граѓаните активно придонесуваат за почиста и поздрава животна средина – велат од Аеродром за „Слободен печат“.
Собраниот отпад редовно го презема ЈП за комунални дејности и го предава на овластени колективни постапувачи и компании кои поседуваат соодветни дозволи за управување со отпад, согласно со законските прописи. Како што објаснуваат од Општината отпадот се транспортира со специјално електрично товарно возило, што дополнително придонесува за намалување на влијанието врз животната средина.
Од Општината се задоволни од досегашните резултати, кои според нив се исклучително охрабрувачки и го потврдуваат успехот на проектот. Како што велат, граѓаните покажуваат високо ниво на одговорност и посветеност во процесот на примарна селекција на отпадот, што претставува силна основа за понатамошен развој и проширување на овој модел.
Особено значајно е што Општина Аеродром е една од првите општини во државата што воспостави и успешно спроведува организиран систем за примарна селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата. Со овој проект Општина Аеродром поставува стандарди и претставува позитивен пример за современ, одговорен и одржлив пристап кон управувањето со отпадот, придонесувајќи за создавање трајни еколошки навики, поголема вклученост на граѓаните и почиста животна средина за сегашните и идните генерации – тврдат од Аеродром.
Но оттаму не прецизираат дали селектирањето на пластичниот отпад директно од пред куќите ќе остане во рамките на населбата Лисиче или има идеја и капацитет тој да се прошири и во другите населби, а со него да бидат опфатени и семејствата кои живеат во зградите.
Освен во Аеродром, канти за отпад се доделуваат и во општина Карпош, но не за селекција на примарниот отпад. Пред една година Општината распиша јавен оглас за доделување на пластични канти од 120 литри за селекција на мешан отпад на домаќинства кои живеат на територија на Карпош.
Во оваа пригода напоменуваме дека пластичните канти се наменети исклучиво за одложување на отпад од домаќинствата и истите не служат за собирање на градежен шут, гранки и слично. Ве информираме дека Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ќе го собира отпадот од домаќинствата кој ќе биде одложен во пластичните канти.


