Фото: ЈП „Лајка“

Деца на игралиште пронашле салама покриена со силниот отров ланате, „Лајка“ бара итно да се пронајде трујачот

Откако деца пронашле сомнителни парчиња салама на игралиште во населбата Расадник во Кисела Вода, нивните родители го пријавиле случајот во ЈП „Лајка“, по што месниот производ бил даден на испитување во Институтот за судска медицина каде се утврдило присуство на високо потентен отров познат како ланате, информираат од претпријатието.

Како што велат од „Лајка“, станува збор за инсектицид кој е одамна забранет за употреба и увоз во Македонија и во земјите од Европската Унија поради неговата екстремна токсичност и честата злоупотреба за труење животни.

„Станува збор за отров од кој животните умираат во агонија, со појава на грчеви, пена од уста, губење сила и гушење. Опасен е при голтање, вдишување и контакт преку кожа, а само еден грам од овој инсектицид може да предизвика смрт кај човек тежок 70 килограми“, предупредуваат од ЈП Лајка.

Од претпријатието потсетуваат дека токму во Расадник пред неполн месец било регистрирано масовно труење, при што угинаа повеќе домашни и улични кучиња и мачки, а отровната супстанција била расфрлана и пред влезови на станбени згради.

Оттаму истакнуваат дека труењето со ланате во современите држави се третира како еколошки криминал и сериозна закана по јавното здравје, а потсетуваат дека и во Македонија веќе се регистрирани смртни последици кај луѓе кои дошле во контакт со оваа супстанција.

Од „Лајка“ апелираа до надлежните институции итно да утврдат кој ја расфрла отровната материја на јавни површини и на кој начин таа се внесува во земјава, и потенцираа дека доколку граѓаните забележат сомнителна храна со бела прашкаста материја, да не ја допираат без заштитни ракавици, веднаш да ги оддалечат децата и животните, случајот да го пријават во МВР и ЈП Лајка, да ја фотографираат локацијата и да ја предупредат јавноста.

Од претпријатието нагласија дека во ваквите случаи не се загрозени само животите на животните, туку и безбедноста на сите граѓани, особено на децата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот