СДСМ: Наместо дебата – монолог во Советот на Град Скопје, Ѓорѓиевски го гази Деловникот и ја замолчува опозицијата
По денешните промени во начинот на поставување и одговарање на советничките прашања во Советот на Град Скопје, советничката група од СДСМ одржа прес-конференција на која обвини дека градоначалникот Орце Георгиевски и владејачкото мнозинство го кршат Деловникот и, како што велат, ја задушуваат дебатата во Советот, претворајќи ги седниците во еднонасочни монолози кои не ѝ овозможуваат на опозицијата да даде реплика или да постави дополнителни прашања.
Препорачано
Координаторката на советничката група на СДСМ, Катерина Цаневска Арсовска, изјави дека станува збор за „нов изум“ со кој се уништува демократијата и, како што вели, се замолчува опозицијата.
„Порано поставувавме прашања, а сега градоначалникот држи монолог, одговара на прашања, а ние немаме право и можност да реплицираме и да укажеме за што всушност станува збор. И новинарите што се овде се зачудени од овој нов изум на мнозинството во Град Скопје“, изјави Цаневска Арсовска.
Цаневска Арсовска обвини и за ново прекршување на Деловникот, наведувајќи дека материјалите за значајни точки како што е ребалансот на Буџетот, биле доставени со задоцнување наместо во законскиот рок од седум дена.
„Орце Георгиевски милува да каже дека тој е избран и дека тој одговара за работата на Советот. Да го потсетиме дека и ние сме избрани од граѓаните и одговараме пред граѓаните. Одговорноста не е само негова, туку и наша“, порача координаторката на советничката група на СДСМ.


