Општината загрижена за вандализмот во Карпош, апелира до родителите да се информираат за однесувањето на своите деца
Општина Карпош изразува сериозна загриженост за зачестените случаи на вандализам и оштетување на урбаната опрема и детските игралиштата на цела територија на општината.
Препорачано
Оттаму истакнуваат дека во изминатиов период е евидентирано оштетување на клупи, корпи за ситен отпад, паркинг држачи за велосипеди, детски и спортски реквизити и останата урбана опрема.
Последниот случај на кршење на канделабра, на највандалски начин, од страна на малолетни деца, дополнително ја отвара потребата од поголема грижа, одговорност и превенција. Покрај нанесената материјална штета, овде станува збор и за сериозно загрозување на безбедноста по сите граѓани на јавниот простор.Сите досега евидентирани случаи се пријавени до Полициска станица Карпош од каде што добивме известување за поголемо присуство на полициските служби на терен како и расчистување на овие случаи, велат од Карпош.
Општината апелира до сите граѓани за совесно и одговорно однесување кон урбаната опрема и јавниот простор како кон заеднички имот и навремено пријавување на секој случај на вандализам до надлежните служби.
Апел упатува и кон родителите за поголема информираност за движењето и однесувањето на нивните деца, како и разговори за значењето од зачувувањето на јавниот простор и последиците од несоодветното однесување.


