ВИДЕО | Пожар изби од електрична инсталација пред зграда во Кисела Вода — станари бегале во пижами и со бебиња во рацете
Густ чад и силни детонации утрово ги разбудиле станарите на нова зграда на компанијата „Трим и Лум“ во скопската населба Кисела Вода, откако околу 5:00 часот избувнал силен пожар пред самиот влез на објектот. Станарите во паника биле разбудени од полицијата, но и од серија силни детонации кои одекнувале и се слушале сè до повисоките катови, објави МКД.
Препорачано
Вознемирените жители раскажуваат дека влезот за само неколку минути комплетно се исполнил со густ и задушувачки чад, поради што семејства со мали деца и бебиња во рацете панично трчале по скалите во обид да најдат спас. Многумина од нив успеале да излезат на улицата боси и облечени само по пижами, без да имаат време да земат какви било лични работи, телефони или документи.
„Ова е трет пожар во истава зграда за само една година! Жиците со денови стоеја „голи“ и незаштитени на отворено, токму тука каде што секој ден играат нашите деца. Пријавувавме во Општина Кисела Вода, доаѓаа инспектори на терен, но сè завршуваше така – само со лист хартија и записник. Никој со прст не мрдна да го реши проблемот трајно“, револтирано сведочат станарите за 4Њуз.
Според сведоштвата на жителите, огнот најверојатно избувнал на главната електрична инсталација лоцирана пред самиот влез, на која извесен период претходно биле изведувани технички работи од страна на екипи на ЕВН. Граѓаните во своите изјави за медиумите потенцираат дека целиот настан изгледал како сцена од хорор филм, при што силните удари звучеле како експлозии од бомби.
Особена загриженост кај заедницата предизвикува и фактот што во приземјето на овој станбен објект работи детска игротека во која секојдневно престојуваат многу дечиња.
Како директна последица на овој сериозен дефект, зградата во целост остана без електрична енергија. Загрижените граѓани стравуваат дека отстранувањето на настанатите штети и комплетната санација на прегорената инсталација би можеле да потраат со недели, па дури и до еден месец, што дополнително ќе го загрози нивното нормално секојдневно функционирање во домовите.
Надлежните инспекциски служби вршат детален увид со цел официјално и темелно да ги утврдат точните причини за избувнувањето на пожарот.


