Трамп тврди дека постигнал договор со Иран, Техеран негира — Нетанјаху е оптимистичен за наводниот договор
Растат надежите за мир меѓу Иран и САД откако претседателот Доналд Трамп најави дека договор може да биде потпишан веќе викендов, иако Техеран вели дека сè уште нема конечна одлука, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Доколку биде потврден, договорот би претставувал најзначаен дипломатски пробив досега во обидите да се стави крај на тримесечната војна, во која загинаа илјадници луѓе, а светските цени на енергенсите нагло пораснаа откако Иран речиси целосно го затвори Ормускиот Теснец за поморскиот сообраќај.
„Штотуку постигнавме одличен договор за завршување на војната со Иран. Теснецот официјално ќе биде отворен веднаш штом ќе потпишеме, а тоа би можело да се случи наскоро, многу наскоро, можеби веќе викендов во Европа“, им рече вчера Трамп на новинарите во Белата куќа.
Тој додаде дека потпретседателот Џеј Ди Венс ќе присуствува на церемонијата на потпишување.
На прашањето дали иранскиот врховен лидер, ајатолахот Мојтаба Хамнеи, го одобрил договорот, Трамп рече дека според информациите со кои располага, одговорот е потврден.
Од средината на март, Трамп повеќепати тврдеше дека договорот со Иран за ставање крај на војната е блиску. Во меѓувреме, двете страни оваа недела повторно разменија напади, што дополнително го наруши прекинот на огнот прогласен во април.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багаеи, изјави дека голем дел од договорот веќе е финализиран, но дека Иран нема да отстапи од своите црвени линии.
„Сè уште не сме донеле конечна одлука по ова прашање. Станува збор за многу важно прашање кое во моментов го разгледуваат надлежните институции“, рече тој.
Берзите растат и покрај тензиите
Азиските берзи утрово го следеа силниот раст на светските пазари, поттикнати од надежите дека мировниот договор конечно би можел да стане реалност, додека цената на нафтата падна на најниско ниво во последните два месеци.
Сепак, тензиите околу Ормускиот Теснец остануваат високи. Американски претставник изјави дека американските сили собориле два ирански дрона-камикази, откако Техеран се обидел да нападне трговски бродови што минувале низ оваа стратешки важна поморска рута.
Иранската војска, пак, запрела еден танкер кој се обидувал да мине низ теснецот, додека државните медиуми јавија дека рано утринава се слушнале експлозии.
Најавата на Трамп уследи откако тој ги откажа планираните воени напади врз Иран, наведувајќи дека преговорите бележат напредок.
„Ова е многу силен меморандум за разбирање, кој во одредена мера е сè уште концептуален“, им изјави Трамп на новинарите.
Тој повеќепати повтори дека секој мировен договор мора да гарантира дека Иран нема да може да развие нуклеарно оружје. Иран, пак, негира дека има такви намери.
Барањата на Техеран вклучуваат укинување на меѓународните санкции, ослободување на милијарди долари замрзнати средства и признавање на неговата контрола врз Ормускиот Теснец.
Продолжуваат меѓусебните напади
Трамп претходно најави дека САД „многу силно“ ќе го нападнат Иран и дека на подолг рок сакаат да ја преземат контролата врз островот Харг – главниот центар на иранската нафтена инфраструктура.
Конфликтот стана сериозен политички товар за Белата куќа, бидејќи анкетите покажуваат пад на рејтингот на Трамп поради незадоволството на гласачите од високите цени на горивата.
Некои републиканци јавно изразија загриженост дека непопуларноста на војната би можела да ги чини мнозинство во Конгресот на изборите во ноември.
Од друга страна, Трамп мора да ги задоволи и тврдокорните членови на Републиканската партија, кои инсистираат секој договор трајно да му го затвори патот на Техеран кон развој на нуклеарно оружје.
Клучна ќе биде и реакцијата на останатите држави од Блискиот Исток.
Трамп на социјалните мрежи објави дека договорот добил поддршка од Израел, Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по разговорот со Трамп, соопшти дека Израел не е страна во меморандумот со Иран.
Во соопштението се наведува дека Нетанјаху ја поздравил посветеноста на Трамп за обезбедување договор кој ќе вклучува отстранување на збогатениот нуклеарен материјал, демонтирање на инфраструктурата за збогатување, ограничување на производството на ракети и прекин на поддршката за вооружените сојузници на Иран во регионот.
Во меѓувреме, Техеран продолжува да бара Израел да ги запре нападите во Либан, каде што паралелно со конфликтот меѓу Израел и Иран продолжуваат борбите меѓу израелската армија и милитантите на Хезболах, кои имаат поддршка од Иран.


