Иран го впери прстот кон Америка — Трамп вели дека „преговорите за мир продолжуваат, под услов незнаењето или глупоста да не им застанат на патот“
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „ќе мора да го прифати договорот што Вашингтон би го постигнал со Иран“, нагласувајќи дека „конечниот збор го имаат САД“.
Техеран го обвини Вашингтон дека носи директна одговорност за новото разгорување на конфликтот на Блискиот Исток, објави „Ројтерс“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека во Техеран никој не верува оти Израел би презел воена акција без претходна координација со САД. Според него, потезите на Израел во регионот не можат да се разгледуваат одвоено од американската политика.
Израел и Иран денеска разменија оган во одмазднички напади, со што се зголеми заканата поширокиот Блиски Исток повторно да биде вовлечен во регионална војна од полн обем.
Израел изврши напади врз централниот и врз западниот дел на Иран како одговор на ракетниот напад од Техеран. Тоа е најсериозната размена на оган откако на 8 април беше постигнат прекин на огнот во војната со Иран.
Иран возврати со бранови напади, а експлозии можеа да се слушнат во централниот дел на Израел додека израелската противвоздушна одбрана се обидуваше да ги пресретне иранските проектили.
Иранската паравоена Револуционерна гарда соопшти дека целела две воени бази во Израел, опишувајќи го нападот како дел од операцијата „Наср“, односно „Победа“. Гардата наведе дека ракетите биле лансирани откако Израел нападнал радарски позиции во три области во Иран.
Техеран вчера предупреди дека ќе возврати откако Израел ги нападна јужните предградија на Бејрут без претходно предупредување, спротивно на барањето на Вашингтон од пред неколку дена да се воздржи.
Толку од примирјето на Блискиот Исток: Израел го нападна Иран, Техеран возврати со ракети
„Израел и Иран сакаат итно примирје“
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, изјави на социјалните мрежи дека Израел и Иран „сакаат да постигнат итен прекин на огнот“.
„Конечните преговори за ‘мир’ продолжуваат, под услов незнаењето или глупоста да не им застанат на патот“, напиша Трамп, додавајќи дека американската блокада на иранските пристаништа ќе остане во сила сè додека не биде постигнат договор.
Трамп рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „ќе мора да го прифати договорот што Вашингтон би го постигнал со Иран“, нагласувајќи дека „конечниот збор го имаат САД“.
Техеран порача дека можниот мировен договор со САД зависи од почитувањето на примирјето во Либан, додека, пак, Иранската револуционерна гарда предупреди на можни пошироки напади.
Американскиот претседател оцени дека иранскиот напад врз Израел не им помага на преговорите и го повика Иран да се врати на маса.
Трамп: Нетанјаху ќе мора да го прифати секој договор што ќе го постигнеме со Иран
Израел очекува борбите да продолжат
Израелската армија соопшти дека се подготвува за борби со Иран што би можеле да траат најмалку уште неколку дена. Војската наведува дека армијата останува во висока готовност и дека е подготвена и за подолг конфликт доколку ситуацијата дополнително ескалира.
Израелската армија тврди дека нападите ги изведува самостојно, но потврдува целосна координација со Централната команда на САД. Според израелската страна, американските сили помогнале и во пресретнувањето на дел од проектилите истрелани од Иран.
„На Блискиот Исток не му требаат нови тензии“
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, предупреди дека Блискиот Исток не смее да влезе во ново разгорување на конфликтот по последната ескалација меѓу Израел и Иран.
Потврдувајќи дека ЕУ би можела да помогне во олеснувањето на напорите по прекинот на огнот, Калс изјави дека итен приоритет е обезбедувањето прекин на борбите.
Таа повика страните да се вратат на преговори и да обезбедат прекин на огнот, оценувајќи дека потоа треба да се разговара за потешките прашања, меѓу кои Ормускиот Теснец и иранската нуклеарна програма.
На Блискиот Исток не му требаат нови тензии, вели Каја Калас по нападите меѓу Израел и Иран
Кина повика на почитување на примирјето
Новата размена на удари предизвика загриженост во меѓународната заедница поради можноста конфликтот да се прошири во поширок регионален судир. Повеќе земји повикаа на воздржаност и враќање на дипломатските канали.
Кина изрази „длабока загриженост“ поради новата ескалација меѓу Израел и Иран. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, изјави дека Пекинг очекува сите страни да ги почитуваат обврските од прекинот на огнот, да го зачуваат преговарачкиот процес и да ги решаваат разликите преку политички и дипломатски средства.
Тој повика што поскоро да се постигне сеопфатен и траен прекин на огнот. Кина има силен интерес за стабилност на Блискиот Исток бидејќи увезува големи количества сурова нафта и природен гас од регионот.
Трајниот мир е доведен во прашање
Понеделникот го означи стотиот ден од војната со Иран, која почна на 28 февруари, кога Израел и Соединетите Американски Држави го убија врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и други високи ирански лидери.
Војната траеше сè до номиналниот прекин на огнот на 8 април, но трајното запирање на непријателствата е доведено во прашање поради иранската блокада на Ормускиот Теснец, низ кој во мирнодопски услови минуваше една петтина од целата светска трговија со нафта и природен гас, како и поради борбите меѓу Израел и либанската шиитска милиција Хезболах.
Со загрозени глобални енергетски испораки, со Иран кој сè уште располага со големи резерви на високо збогатен ураниум и со јеменските бунтовници Хути кои, според сè, вчера се вклучија во борбите, ризикот војната повторно целосно да ескалира станува сè поголем.


