ФОТО | Насилничка наплаќа влез кај Камените Кукли, им се заканува на туристи и ги гаѓа со камења
Од МВР информираат дека уште во 2024 година вакви немили настани биле пријавени до Основно јавно обвинителство Куманово, каде е покренат обвинителен акт против С.Д. и М.Д. како и против здружението „Извор“ за кривично дело „узурпација на недвижности“.
Посетители сведочат дека деновиве тешко стигнуваат до природниот споменик Камени Кукли во селото Долна Куклица бидејќи таму ги пресретнува жена што сака да им наплати влез и се однесува насилно.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Застаната е една жена која бара пари за да се посетат ‘куклите’. Жената воопшто не е некое официјално лице, ниту, пак, вработена во општината или каде било. Во нашиот случај не сакаше да нè пушти бидејќи имало гости (кампери) – странци кои требало да спијат и ние ги вознемируваме. Односот ѝ беше крајно дрзок, со остар тон, има и некој маж со неа и неколку кучиња. Во разговор со локалци дознавме дека веќе некое време стои таму, многу луѓе досега имале проблем, често знаела да е насилна“, сведочи Марио Станојковски за „Слободен печат“.
Тој инцидентот го објави и на социјалните мрежи, каде што повеќе луѓе се охрабрија да пишуваат за слични искуства на Куклица, истоимениот локалитет кај селото кој во 2008 година е прогласен за заштитено подрачје од трета категорија – споменик на природата.
Инаку, земјените пирамиди или т.н. Камени Кукли во селото Долна Куклица се најмаркантната појава на земјени столбови-пирамиди во Македонија.
„Извади клучеви и ми се закани дека ќе ми ја изгребе колата“
Разни посетители на ова место ги опишуваат своите негативни искуства со измамничката која им наплаќала влез.
„Жена ни бараше пари за влез и пристап до ‘Камените Кукли’, велејќи дека тое е нејзин приватен имот. Јас ѝ се спротиставив, велејќи дека Камените кукли не се во нејзина сопственост. Жената со нејзиното дрско однесување извади клучеви и ми се закани дека ќе ми ја изгребе колата и ќе ми ги дупне гумите ако не платам 240 денари за влез (фамилијарна карта било толку)“.
Вака го опишува своето искуство еден револтиран посетител на локалитетот.
Друга посетителка сведочи дека жената ги нападнала и ги мавала со камења, барајќи им две евра по човек.
„Ако сме се врателе за пола саат, ако и било ќеф ќе нè пуштела. Кога нè маваше со камења, од полицијата само ја проверија и си отидоа. Ни рекоа дека не можат ништо да направат, многу пати е пријавувано, зашто таа има многу тужби, ама никако казна да ѝ се изрече“, сведочи жената.
„Каде се институциите во случајов?“
Освен македонските посетители, слично доживување имале и странски туристи, кои на туристичката мапа од Кратово го штиклирале локалитетот, но, наместо форми изградени од вулкански карпи високи од 4 до 10 метри – добиле закани и напади.
„Каде се институциите? Зошто дозволуваат некој да ги злоупотребува и профитира од убавините на Македонија?“, прашува туристка.

„Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт со општина Кратово, која управува со овој геоморфолошки споменик на природата, но засега немаме повратен одговор.
Од МВР, пак, информираат дека уште во 2024 година слични инциденти биле пријавени до Основно јавно обвинителство Куманово, каде е покренат обвинителен акт против С.Д. и М.Д. како и против здружението „Извор“ за кривично дело „узурпација на недвижности“.
„Против лицето С.Д. е изречен и казнен налог, во врска со закани за пуштање куче, на лица-туристи кои биле во посета на локалитет ‘Камени Кукли“ во с. Куклица, Кратовско. Во 2026 година против С.Д. и нејзиниот сопруг Е.М.Б, е поднесена кривична пријава за ‘спречување службено лице во вршење на службено дејствие’, велат од МВР за „Слободен печат“.
Сега, по вчерашните случувања пријавени кај „Камени Кукли“, повторно е известен јавен обвинител од Куманово.
„Дополнително ќе бидат известени Државен пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Трудов инспекторат, надлежен инспектор при Министерство за култура и Општина Кратово, за преземање мерки и активности од нивна надлежност“, ни соопштија од МВР.


