Матичните лекари ќе закажуваат термини кај специјалисти само кога се присутни пациентите
Управата за електронско здравство побара од матичните лекари во рок од две недели да ги отстранат софтверските решенија за автоматско креирање упати за прегледи кај специјалисти во системот „Мој термин“.
Управата за електронско здравство побара од матичните лекари да престанат со автоматското закажување специјалистички прегледи преку софвтер и термините да ги резервираат додека пациентот е присутен во ординацијата, објави „Вечер прес“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од Управата велат дека ваквата одлука следува по утврдени неправилности во досегашниот начин на закажување, поради кои пропаѓале голем број термини и се создавал нееднаков пристап на пациентите до специјалистички прегледи.
Во дописот до избраните лекари, се бара во рок од 15 дена да се отстранат можностите за автоматско креирање и резервирање упати преку интерни листи на пациенти.
Оттаму нагласуваат дека упатот треба да се креира и да се издава само во моментот кога пациентот е присутен.
„Се задолжуваат сите избрани лекари веднаш по приемот на овој допис, да престанат да ја користат оваа функционалност и закажувањето на термините да се врши во моментот кога е присутен пациентот и кога лекарот непосредно го креира и го издава упатот“, се наведува во дописот на Управата.
Од Управата предупредуваат дека по истекот на рокот ќе извршат проверки, а доколку утврдат неправилности кај некои лекари, привремено ќе им оневозможат пристап до „Мој термин“.
Одлуката предизвика реакции кај дел од матичните лекари, кои посочуваат дека укинувањето на автоматското резервирање термини ќе создаде дополнителен административен товар.
„Ќе ги префрламе пациентите од електронската листа во тетратки. Ќе водиме рачни списоци. Секој ден рачно ќе пребаруваме еден по еден пациент, дали се појавил термин. Ќе чекаме да се отвори некое место и ќе играме брзи прсти за да го фатиме пред да исчезне. Ова не е дигитализација. Ова е враќање чекори наназад“, рече специјалистката по семејна медицина, Даниела Николовска.
Секој граѓанин преку „Мој термин“ ќе може да се изјасни дали сака да е органодарител, најави Алиу


