Рекордна суша во Австрија — без надеж за значителен дожд до крајот на август
Климатските промени драматично го зголемија ризикот од суши во Австрија. Околу 90 отсто од подземните води се на ниско ниво, а научниците предупредуваат дека до средината или до крајот на август не се очекуваат обилни врнежи, што дополнително ќе ја влоши состојбата.
Австрија се наоѓа меѓу европските држави кои ова лето се најсилно погодени од сушата, а научниците предупредуваат дека станува збор за последица на долгорочните климатски промени, а не за изолиран временски феномен.
Препорачано
Високите температури, недостигот од врнежи и забрзаното испарување доведоа до драматично намалување на резервите на подземни води, пресушување на почвата и сериозни ризици за земјоделството, енергетиката и снабдувањето со вода.
Новата анализа на меѓународната иницијатива „Светска атрибуција на времето“ покажува дека глобалното затоплување значително ја зголемило веројатноста за вакви екстремни суши, а прогнозите за наредните недели не нудат причина за оптимизам.
Австрија меѓу најпогодените од сушата
Според анализата изработена од научници од дванаесет држави, Европа е континентот што најбрзо се загрева, а источниот дел, каде што се вбројуваат Австрија и Германија, е особено изложен на последиците од климатските промени. Во Австрија до средината на јули, околу 90 отсто од мерните станици покажуваат ниско или многу ниско ниво на подземните води.
Најголемиот недостиг е регистриран во Горна Австрија, Долна Австрија, Источна Штаерска и Бургенланд. Нивото на Езерото Нојcидлер е з28 сантиметри под долгорочниот просек, додека, пак, Боденското Езеро има најниско ниво за овој период од годината откако се вршат мерења.
Експертот Клаус Хазлингер од „Геосфера Австрија“ објаснува дека топлотните бранови во јуни дополнително ја влошиле состојбата бидејќи високите температури го засилиле испарувањето на влагата од почвата. Иако во текот на јуни имало локални дождови, тие биле краткотрајни и ограничени на мали подрачја, па не успеале значително да ги обноват резервите на подземните води.
За вистинско подобрување, според научниците, потребни се долготрајни и рамномерни врнежи со умерен интензитет, а такви засега нема на повидок.
Климатските промени ја прават сушата многу поверојатна
Истражувањето покажува дека сушите во Источна Европа денес се околу 11 пати поверојатни отколку што би биле без глобалното затоплување. Во Западна Европа ризикот е зголемен пет пати. Дополнително, условите кои создаваат исклучително силно испарување на влагата од почвата се околу четириесет пати поверојатни во источниот дел на континентот, а дури осумдесет пати во западниот.
Научниците нагласуваат дека недостигот на дожд не е единствениот проблем. Постојано високите температури ја прават атмосферата поспособна да впива водена пареа. Со секој степен повисока температура, воздухот може да задржи околу седум проценти повеќе влага, што значи дека почвата многу побрзо се суши. Овој процес е споредлив со сушење на алишта, при што ткаенината многу побрзо се суши на високи отколку на ниски температури.
Проблемот, според експертите, започнал уште во претходните години. Иако големите поплави во есента 2024 привремено ги наполниле природните резерви со вода, следните две зими биле значително посуви од просекот.
Пролетта годинава била најсушна од почетокот на мерењата во Австрија во далечната 1858 година, што дополнително ја влошило состојбата.
Последиците ќе се чувствуваат и во наредните недели
Покрај земјоделството, сушата претставува сериозна закана и за производството на електрична енергија од хидроцентралите, речниот транспорт и снабдувањето со вода. Научниците предупредуваат дека ниските водостои, намалените приноси и зголемената опасност од шумски пожари можат да предизвикаат значителни економски последици.
Во Франција веќе се очекува најлоша жетва на пченка во последните 50 години, а слична е состојбата и во Романија. Можно е да растат цените на храната и енергијата, додека, пак, евентуалните ограничувања на потрошувачката на вода најсилно би ги погодиле домаќинствата со пониски приходи.
Прогнозите за наредните недели не најавуваат значително подобрување. Според „Геосфера Австрија“, до средината или крајот на август не се очекуваат распространети и обилни врнежи кои би можеле суштински да ја подобрат состојбата.
Доколку температурите повторно се зголемат, ќе се засили и испарувањето, што дополнително ќе ја исцрпи влагата во почвата. Научниците затоа повикуваат Европската Унија да воведе задолжителни планови за управување со сушите бидејќи климатските промени укажуваат дека ваквите екстремни појави ќе стануваат сѐ почести и поинтензивни во иднина.
Помалку барања за азил во Австрија, властите зборуваат за историски пресврт


