Фото: Принтскрин / Икс/@NTRL_id

ВИДЕО | Крвав напад во Тајланд: сепаратисти убиле пет војници, повредени се и цивили

Група вооружени мажи синоќа нападна безбедносен контролен пункт во Јужен Тајланд, при што загинаа петмина припадници на паравоенските единици, а шест цивили беа повредени, објави „Бангкок пост“.

Шестмина мажи облечени во црно, кои се возеле во црн пикап „нисан“, го извршиле нападот врз контролниот пункт Букех Сами во областа Рангае, пукајќи со огнено оружје и фрлајќи импровизирани бомби направени од цевки, соопшти Командата за операции за внатрешна безбедност.

Во нападот загинале припадникот Тирајут Сомакерд и четворица доброволни припадници на паравоените единици. Меѓу шестмината повредени цивили имало и две деца.

Напаѓачите потоа побегнале. Безбедносните сили трагаат по нив.

Нападот следуваше по експлозијата на автомобил бомба во близина на полициска станица во областа Муанг, во провинцијата Наративат, во вторникот вечерта.

Полковникот Екварит Чобчупол, заменик-портпарол на регионалната команда, го осуди „суровиот и нехуман“ напад, истакнувајќи дека се случил во населено место и дека сторителите не покажале никаква грижа за „страдањето на невини луѓе“.

Се проценува дека околу 7.700 луѓе загинале во насилни инциденти откако во 2004 година повторно се засилила активноста на бунтовниците во трите јужни погранични провинции.

Тајландската влада се обидува да го обнови мировниот процес, кој е во застој, преку повторно започнување на разговорите со сепаратистичката организација „Барисан револуси насионал“.

Танут Суварнананда, новиот главен преговарач на Тајланд, изјави дека преговарачкиот тим ќе ги земе предвид советите од сите групи погодени од насилството на југот.

Бројот на жртви во барот во Бангкок се искачи на 30, властите испитуваат дали изгореле зашто излезите биле блокирани

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот