Спорните извештаи за водата во Гостивар под лупа на Обвинителството – директорот на ЦЈЗ Тетово не верува дека направиле пропуст

Обвинителството ги истражува нелогичните извештаи што излегле од Центарот за јавно здравје Тетово, подрачна единица Гостивар, издадени на 29 јуни и 13 јули, кои покажуваат дека водата во Гостивар е безбедна за пиење, иако Обвинителството утврди дека од 25 јуни биле ставени пумпи во преливната комора во село Вруток и отпадните води завршиле во гостиварските домови.

Директорот на Центарот, Шаќир Зулбеари за „Слободен печат“ вели дека не може да дава информации бидејќи истрагата е во тек, но не верува дека таму е направено нешто бидејќи сите процедури биле направени институционално, стручно и сè било документирано.

– За резултатите не смееме да даваме информации, поради тоа што истрагата е во тек. Не смееме веќе да даваме вакви информации, сè што ни побараа од јавното обвинителство ние сè сме доставиле таму, сите резултати – вели Зулбеари.

На прашањето како е можно во период кога имало многу заболени да излегуваат извештаи дека водата е безбедна за пиење, тој вели: „Значи затоа ви кажувам, има датум кога е отпечатен и кога е земан примерокот затоа за сите информации докторот што го давал извештајот како било, што било, за сè ќе одговорат во Јавното обвинителство. Ние сме цело време во контакт со Обвинителството, не можам сега да зборувам како било и што било поради тоа што не ни е тоа дозволено – објаснува Зулбеари.

Долгорочни последици од долгорочно пиење фекалии – тешко ќе се исчистат цевките, а здравјето на гостиварци ќе трпи

Тој вели дека тие како Центар за јавно здравје имаат договор со гостиварското јавно претпријатие „Водовод“ и сите примероци што им биле барани, ги реализирале.

– Имаме договор со „Водовод“ и сите примероци што се барани од нивна страна, сите сме ги реализирале. Тие се надлежни од институциите да бараат да вршат контрола на водата, за тие што сме акредитирани ние сме ги извршиле, другите ги вршат други – вели тој.

На нашето прашање дали смета дека има некаква вина во Центарот, тој вели дека ако некој направил некоја грешка ќе одговара и додава дека во извештајот има и други работи, но најавува прес-конференција откако ќе заврши истрагата.

– Јас не верувам дека нешто е тука направено, нашиот Центар ги направил сите процедури институционално и стручно и документирано е сè. Ако некој направил некоја грешка ќе одговара. Има и други работи, не можам да давам информации, на крај ќе излеземе на прес – завршува тој.

Министерот за здравство Сашо Клековски, пак, на прашање како извештаите покажувале вакви резултати вели дека зависи кога се точно земени мострите и од каде.

Само три дена пред да се открие дека гостиварци пиеле вода со фекалии, ЦЈЗ Гостивар доставил извештај дека водата може да се пие!

– Јас ги очекувам сите мостри земени оваа година да бидат доставени во МЗ, упатено е службено барање до ЦЈЗ да ги испрати сите мостри со локации каде што се земени и штом се проверат информациите, ќе можам да коментирам. Сè зависи кога е точно земено, каде е земено како мостра – вели Клековски.

Тој објаснува дека одговорноста за квалитетот на водата е на јавните комунални претпријатија.

– Јавното комунално претпријатие како давател на услугата со закон е задолжено да врши проверка на квалитетот на водата. Прашањето е дали јавното комунално претпријатие ја вршело таа работа, бидејќи еве можам да кажам дека ЦЈЗ Тетово подрачна единица Гостивар, ја добило набавката за вршење на контрола, меѓутоа таа е со ограничен број мостри годишно. И во рамките на тие мостри годишно, Центарот за јавно здравје ги земал мострите. Ние сега ги анализираме резултатите и местата каде што се земени мострите бидејќи тоа ќе биде потребно и за планирање на следните чекори. Во основа планираме да извршиме преглед на постојната ситуација и решенијата се различни во различни градови. „Водовод и канализација“ – Скопје имаат на пример сопствена лабораторија и мислам дека најревносно ги вршат тестирањата на скопскиот водовод, ќе извршиме увид каде што е неопходно, а тоа ќе мора да биде заедно со други органи кои не се од секторот здравство заради распределба на одговорноста – вели Клековски.

Според податоците од здравствените установи, бројот на прегледи во болницата и Здравствениот дом е значително помал во однос на претходните денови. Надлежните оценуваат дека трендот укажува на постепено смирување на состојбата. Министерот очекува планот кој треба да го соопштат екипите од Скопски Водовод во соработка со гостиварскиот за тоа како ќе се постапува во иднина за да се прочисти водата во Гостивар.

Само три дена пред да се открие дека гостиварци пиеле вода со фекалии, ЦЈЗ Гостивар доставил извештај дека водата може да се пие!

Обвинителството соопшти дека ќе се проверува начинот на кој биле вршени анализите на водата во Гостивар, но не прејудицираа дали биле доставувани неточни или лажни извештаи за квалитетот на водата, бидејќи допрва треба да се спроведат повеќе истражни дејствија.

Доколку од документацијата и вештачењата произлезе евентуална одговорност на други лица или институции, истрагата може да биде проширена и кон нив.

Агенцијата за храна и ветеринарство на вчерашната прес-конференција соопшти дека добиле извештаи извршени од Центарот за јавно здравје Гостивар на 29 јуни и на 13 јули, покажале дека водата за пиење била безбедна. Напливот на пациенти со стомачни тегоби започна токму на 13 јули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот