Обиколницата кон Халкидики повторно се затвора — ќе се вози низ Солун
Возачите кои патуваат кон Солун и Халкидики или се враќаат кон Македонија треба да очекуваат изменет сообраќаен режим поради нови градежни работи на Обиколницата.
Препорачано
Во четврток, 23 јули, од 23 часот до 5 часот наутро на 24 јули, за сообраќај во двата правци ќе биде затворен делот од Источната внатрешна обиколница меѓу клучките К5 кај болницата „Папагеоргиу“ и К6 кај Метеора, објави Катимерини.
Во тој период возилата што пристигнуваат од правецот на Евзони и продолжуваат кон Халкидики ќе бидат пренасочувани преку градското подрачје на Солун. Се очекува зголемен сообраќаен метеж, особено на улиците што ќе се користат како алтернативни правци.
Сообраќајот кон исток ќе се пренасочува преку излезот кај Евкарпија, а нема да биде дозволено вклучување на обиколницата од рампата кај болниците. Возилата во спротивниот правец ќе се пренасочуваат преку клучката К6 и булеварот „Андреас Папандреу“.
Нови ограничувања ќе има и во петок, 24 јули, од 23 часот до 5 часот наутро на 25 јули. Тогаш ќе биде затворен само правецот кон запад, од клучката К6 кон К5, односно правецот што го користат возилата кои се движат кон Евзони и Македонија.
Правецот кон исток, односно кон Солун и Халкидики, во текот на втората ноќ ќе остане отворен за сообраќај. Грчката сообраќајна полиција апелира возачите да ја следат привремената сигнализација, да ги почитуваат ограничувањата и однапред да го планираат патувањето.


