Проф. Гордан Калајџиев / Фото: Инфомакс / Политиканти / скриншот

Несреќите, скандалите и трагедиите не го сменија вредносниот систем – оставките од морални причини останаа „мислена именка“

Убеден сум дека начинот на кој функционираат политичките партии се најголемиот проблем на Македонија, а тој произлегува од ова што го кажавме, нивниот вредносен систем е проблематичен, тој е простачки – вели универзитетскиот професор Гордан Калајџиев за „Слободен печат“ .

На оставки на политичари и на функционери од морални или од политички причини уште долго ќе почекаме, без оглед на големината на несреќите, трагедиите и скандалите, кои, за жал, редовно се случуваат во македонското општество. Само со промена на вредносниот систем кај политичарите, кој подразбира сериозна одговорност кон работата и компетентни луѓе, ќе се смени сегашното функционирање на политичарите што власта сè уште примарно ја сфаќаат и ја употребуваат како плен од избори, велат аналитичарите.

Последниот скандал со загадената вода со фекалии во Гостивар уште еднаш потврди дека нашите политичари не чувствуваат никаква одговорност, а оттука не ни размислуваат да поднесат оставки од морални или политички причини. Единствено со што политичарите цела недела по скандалот ја бомбардираат јавноста се меѓусебните обвинувања и префрлувањето на одговорноста. Неотповиклива оставка никој досега не поднесе.

Градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани по неколку денови молк се одважи да ѝ се обрати на јавноста и кажа дека не чувствува никаква одговорност иако повеќе од 3.000 негови сограѓани завршија во болница и во амбуланти.

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев за „Слободен печат“ вели дека оставката од морални или од политички причини, едноставно е прашање на општа и на политичка култура.

– Тоа воопшто не е мал проблем, туку тоа е нашиот најголем проблем. Затоа не ни функционира ни општеството, ни економијата, ни правосудството, затоа што нема сериозен однос кон работата, кон одговорноста. Тоа не е мало прашање. Политичарите не се придржуваат до принципите, политиката се сфаќа како плен, власта се сфаќа како плен од избори и тоа не се менува за жива глава. Реториката малку се поправа, но системот функционира по стара шема – се доаѓа на власт се искористува власта, се поставуваат свои луѓе и тоа некомпетентни луѓе на сериозни места – вели Калајџиев.

Според него, системот некако се тркалал по некои научени патеки од времето на Југославија, но како избледуваат тие патеки, се поставуваат нови и до израз доаѓа непрофесионалниот однос, некомпетентните луѓе, сериозните слабости и прашање е дали ова воопшто е држава.

– Еве, да речеме, млада држава на која сега се гледаат детските болести. Сме функционирале по патеки што биле колективна свест и како тие бледнеат, така овие новите патеки се гледа дека се поставени аматерски. Убеден сум дека начинот на кој функционираат политичките партии се најголемиот проблем на Македонија, а тој произлегува од ова што го кажавме, нивниот вредносен систем е проблематичен, тој е простачки – вели Калајџиев.

Во изминативе 35 години се редеа несреќи – се урнаа два авиона и хеликоптер, водената „бомба“ во Стајковци однесе 23 животи, во сообраќајката кај Ласкарци – 14 жртви, сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ зеде 46 животи, во модуларната болница во Тетово изгореа 14 луѓе, во таканаречената дискотека во Кочани починаа 64 луѓе. За среќа, во Гостивар нема починати, но повеќе од 3.000 граѓани се затруени со вода со фекалии.

Оставка не поднесе ниту еден политичар и функционер. Некои од нив понудија оставки, за премиерите да не им ги прифатат, бидејќи функционер ако искрено чувствува морална одговорност, поднесува неотповиклива оставка. Оттука само поранешниот министер за урбанизам Антонио Пешев ќе остане запаметен дека поднел неотповиклива оставка како морален чин по двете тешки авионски несреќи кои се случија во 1994 година.

На прашањето зошто политичарите и функционерите се однесуваат како да се родени во фотелјите и тешко се решаваат да поднесат оставки, Калајџиев вели дека кога тоа ќе почне да се практикува, тогаш ќе значи дека сме станале функционална држава.

– Не е многу тешко да се одделат од фотелјата, но тоа ќе ги чини, оти ако тоа стане начин на поведение, тие многу брзо, со оглед на тоа колку слабости имаат во функционирањето, ќе треба полека полека две третини да си отидат со оставки. Општеството ќе функционира кога повеќе слоеви на одговорност – политичка, морална, кривична ќе профункционираат како нормален начин на однесување – вели професорот.

Тој додава дека политичарите наместо сами да понесат одговорност, бараат жртвени јагниња и строга казнена политика кај нерелевантни луѓе за нив. Дека се штитат само „врхушките“ на партиите, а тие надолу за нив се неважни и може да ги жртвуваат колку сакаат.

– Решенијата изгледаат едноставни, ама сигурно не е едноставно да промениш вредносен систем, да промениш однос кон власта. Тие со години не можат да сфатат кога се на власт дека не можат да владеат со сè, особено со судскиот систем. Колку е тоа тешко да го сфатиш? Треба да имаш некоја базична општа култура за да го сфатиш, ама нас како општество ни фали ниво на култура, систем на вредности. Ние сме слаби во темелите и затоа не може со паушални решенија да го вратиме системот на прави патеки. Ова е цел систем, ќе продолжат и несреќи и чуда. Сега ако сакаат, тие можат да почнат и да ги бесат, ама што? Денеска ќе ги обесат овие од „водовод“, утре тие од земјоделие, задутре тие од транспорт, оти кај ѝ да фатиш секаде е скапано. Со тоа што ќе осудиш тројца од „водовод“ нема да ги поправиш тие од транспорт – заклучува Калајџиев.

Претходно, тој на Фејсбук се огласи со тврдење дека најголемата вина за сите случувања од тој тип се по вина на политичарите.

„Се потврдува дека политичките партии се најголемиот душман на овој народ: некомпетентни кадри, корупција и несреќи! Сега пробуваат да се спасат со лисици и притвори на ситната боранија!“, напиша тој.

Меѓупартиски обвинувања

Партиите во зависност која од нив е власт, а која опозиција, при секоја несреќа или скандал бараат оставки. СДСМ побара политичка одговорност поради масовното труење на граѓаните во Гостивар и оцени дека здравствените институции целосно потфрлиле во заштитата на јавното здравје. Од партијата побараа оставки од министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов, како и од одговорните лица во локалните центри за јавно здравје. Од СДСМ обвинија дека наместо брза реакција и транспарентност, институциите дозволиле хаос и институционален колапс.

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Владата навремено презема мерки за справување со состојбата и ја обвини опозицијата за политизација на случајот. Од партијата велат дека очекуваат „Обвинителството и судството да си ја завршат својата работа, а не како пред шест години кога за модуларната болница, наместо Филипче, виновен бил кабелот“.

Левица, пак, оцени дека случајот со загадената вода за пиење во Гостивар е последица на долгогодишната партизација на институциите и побара целосна кривична одговорност за сите инволвирани. Партијата ги обвинува СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Вреди дека со години ги пополнуваат раководните позиции според политичка лојалност, а не според стручност, со што, како што велат, јавните претпријатија, инспекторатите и државните институции ја губат способноста да функционираат во интерес на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот