Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски"/Фото: Министерство за здравство

Целосно е реновирано одделението за трауматологија на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“

Комплетно реновираното Одделение за трауматологија на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, за кое беа потрошени речиси 230.000 евра, денеска беше пуштено во употреба.

Министерот за здравство Сашо Клековски нагласи дека е неопходно да се инвестира и во постојните здравствени установи. Тој истакна дека Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ е прва инстанца за трауматски повреди во главниот град.

„Додека траат разговорите за нови клинички болници не смееме да заборавиме на постојните. Оваа зграда на хируршката клиника датира одамна, и драго ми е што директорот го заврши овој дел, особено што оваа установа е позната како прва станица за трауматолошки повреди и претставува важен хируршки центар во градот“, изјави Клековски.

Директорот на Клиниката, д-р Небојша Настов, информираше дека Одделението за трауматологија располага со 26 болнички кревети, а на годишно ниво во него се изведуваат околу 1.100 оперативни зафати, кои ги реализираат девет хирурзи-трауматолози.

Во рамки на реконструкцијата, одделението е целосно обновено со нови болнички кревети, нова електрична и водоводна инсталација, реконструирани санитарни јазли и нови врати, изработени според стандардите за спречување на ширење инфекции.

„Направена е реконструкција на комплетно целиот оддел со комплетно нова електрична инсталација, водоводна, доводна, одводна канализациска мрежа, како и промена на системот за парно греење, промена на комплетните подови и монтажа на таканаречени автоматски сензорски врати, кои се во склоп на препораките на Светската здравствена организација за намалување на трансмисијата, односно преносот на интрахоспиталните инфекции, што подразбира дека нема кваки на самите врати, туку само со доближување на раката сензорите се отвораат или се затвораат“ рече Настов.

Тој додаде дека инвестицијата изнесува 200.000 евра само за градежните активности, со дополнителна инвестиција од 30.000 евра, која е за комплетно новиот мебел на одделот, обезбедени од спонзорства од општествено одговорни компании.

„Оние 200.000 евра се од буџетот на самата болница, односно од нашиот буџет“ појасни Настов.

Прашан колку пациенти биле згрижени и на колку им била укажана помош по вчерашното невреме во Скопје, Настов посочи дека се јавиле за преглед вкупно 22 пациенти.

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитки до раководството и вработените нагласувајќи ја определбата на Владата за континуирано вложување во здравствениот сектор.

„Од 1965 година се нема шајка заковано тука, така што полека, но сигурно, почнуваме да ги реализираме приоритетите. За жал, не можеме сè она што со децении било уништувано да го исправиме одеднаш, но еден по еден приоритет ги решаваме. Така што и во периодот што следува здравството ќе биде еден од врвните приоритети во работата на Владата. Ќе продолжиме да инвестираме, веќе буџетот надминува една милијарда евра годишно, кои ќе се инвестираат во здравството“ истакна Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот