Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Природата удри по слабостите на Скопје

До кога локалните институции ќе се справуваат со последиците што секој пообилен дожд и ветар или големо невреме како последното ги оставаат зад себе во градот. Кога ќе почнат да се занимаваат со решавање на причините што доведуваат до ова?

Страшното невреме со силен ветар што краткотрајно беснееше во Скопје, зад себе остави пустош – стотици паднати дрвја, искршени гранки, десетици оштетени возила, урнати покриви, искинати кабли, домови што со часови останаа без струја. За среќа, или што би се рекол градскиот татко, фала му на Бога, во овој страотен „удар“ беа повредени само 15-ина граѓани, но причинета е огромна материјална штета, која веројатно допрва ќе се проценува.

Скопјани веќе научија дека во вакви невремиња најмногу помага среќата, оти сето друго требало навреме да се превенира за да нема последици како на градот да му се случила катаклизма.

Вчерашниот оркански ветар ги соголи сите повеќедецениски проблеми во Скопје. Најпрво покажа дека грижата за дрвјата се сведува на – засади дрво и нека си расте, а воедно покажа дека нема никаква контрола врз тоа кој и како доградува, покрива, открива, односно врз урбанистичкиот хаос што ни се случува во градот.

Многупати досега сме барале одговори дали редовно се контролира состојбата на старите дрвја низ Скопје. Низ Карпош, на пример има и стогодишни дрвја со широки стебла и тешки крошни, кои растат во градски услови каде што корените и немаат многу простор да се шират.

Невремето токму во оваа општина покоси најмногу дрвја. Пред неколку години од Општината посочија дека мапирале 70 суви дрвја што требало итно да се исечат и ги пријавиле во Град Скопје со прецизна локација за секое од нив, но од ЈП „Паркови и зеленило“ никогаш не одговорија дали постапиле по оваа пријава.

Граѓаните, пак, постојано предупредуваат дека со години стојат по улиците и паркчињата дрвја обележени за сечење и кастрење, опасни и за минувачите и за автомобилите.

Масовното паѓање на стебла и гранки низ градот покажа дека ова јавно претпријатие очигледно нема ниту доволно луѓе, ниту механизација, ниту капацитет да постапува навреме, ниту пак да ја следи состојбата на сите останати дрвја. Е затоа ни е потребна среќа – и тоа голема – при секој посилен ветар.

Друг проблем е комплетното непочитување на стандардите за доградба и за ставање покрив на објектите, настрешници, стреи на влезовите. Летаа лимени покриви од зградите од силниот ветар како да се од хартија. Води ли некој сметка во градов како се поставуваат тие покриви со кои треба да се заштитат становите на најгорните катови од протекување при пообилен дожд? Или секој си покрива како сака, па штитејќи си го објектот од поплава, со неквалитетно изведениот покрив ја загрозува безбедноста на околината. Каде се инспекциите што треба да контролираат дали се почитуваат градежни стандарди? И воопшто, почитува ли некој во градов некакви стандарди?

Во невремето се уриваа покриви и од нови згради. Фушерајот при изградба излезе на виделина при стравотно невреме кое траеше само 10-15 минути. А што ако потраеше?

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по невремето изјави дека природата не може да се спречи, но дека екипите на јавните претпријатија реагирале брзо, организирано, навремено и одговорно. Не е спорно дека реагираа брзо, но не е навремено откако нешто лошо ќе се случи. Тоа е задоцнета реакција.

Навремено значи да се превенира, да не се дозволат апокалиптичните сцени што се случија низ градот во невремето. При неодамнешното невреме Скопје се поплави, атмосферската канализација (каде што ја има) беше претесна да го прими количеството вода од обилниот дожд. А зошто се дозволило да биде така?

Овој пат летаа покриви и паѓаа дрвја.

До кога локалните институции ќе се справуваат со последиците што секој пообилен дожд и ветар или вакво невреме ги оставаат зад себе во градот. Кога ќе почнат да се занимаваат со решавање на причините што доведуваат до ова?

Вчера скопјани имаа среќа што невремето се случи кога луѓето веќе беа прибрани од работа во своите домови. Што ќе се случеше ако удреше еден час порано? Што ќе броевме наместо паднати дрвја и смачкани автомобили?

Природата нѐ удри каде што најмногу нѐ боли, по слабостите на градот.

Редно е да почнат да се решаваат проблемите во Скопје од кои зависи животот и безбедноста на граѓаните. Отпосле – сѐ е задоцнето и џабе!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот