Фото: Принтскрин / „Икс“ /OSINTtechnical

ВИДЕО | Украински дронови нападнаа центри на најголемиот руски онлајн трговец

Ова е втор напад врз објекти на компанијата „Вајлдберис“ за само четири дена. Во текот на викендот украински дронови погодиле нејзини магацини во градовигте Тамбов и Електростаљ.

Украински беспилотни летала нападнале логистички центри на „Вајлдберис“, најголемиот руски онлајн трговец, при што биле повредени најмалку 15 луѓе. Во ноќните напади биле погодени магацински комплекси во Краснодар и во Невиномиск, во југозападниот дел на Русија, а вработените биле евакуирани, објави „Би-би-си“.

Ова е втор напад врз објекти на компанијата за само четири дена. Во текот на викендот украински дронови погодиле магацини на „Вајлдберис“ во Тамбов и во Електростаљ, град во близина на Москва. Во тие напади загинале осуммина, а сателитските снимки покажале дека три објекти во Електростаљ биле целосно уништени од пожар.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека силите на Киев нападнале логистички центри во Краснодарскиот и во Ставрополскиот Регион. Тој тврди дека објектите биле вклучени во снабдувањето на руската армија со компоненти за беспилотни летала, навигациски уреди и друга опрема.

Основачката на „Вајлдберис“, Татјана Ким, соопшти дека работниците биле евакуирани по нападите. Таа ги осуди ударите врз вработените, нагласувајќи дека станува збор за обични луѓе кои ја извршувале својата работа. Ким порача дека компанијата, и покрај нападите, ќе продолжи да работи и да им обезбедува услуги на корисниците.

Во магацинскиот комплекс на периферијата на Невиномиск биле повредени петмина. Според регионалниот гувернер Владимир Владимиров, тие добиле медицинска помош, но не биле задржани во болница. Во нападот врз комплексот во Краснодар биле повредени уште десетмина, од кои тројца се наоѓаат во тешка состојба.

Зеленски го номинираше извршниот директор на „Нафтогас“ за иден премиер на Украина

„Би-би-си“ ги анализираше снимките од двете локации и потврдил дека во објектите избувнале големи пожари. Првите информации за нападите се појавиле кратко по полноќ според времето по Гринич, кога руската агенција ТАСС објави дека во Невиномиск била активирана противвоздушната одбрана. На снимките направени од локалните жители се гледаат магацини зафатени од пламен и од огромни столбови чад.

Гувернерот на Краснодарскиот регион, Венијамин Кондратјев, изјави дека областа била цел на масовен напад. Остатоци од дрон паднале во кругот на компанија во Армавир и усмртиле еден работник. Градските власти соопштија дека бил погоден и склад за нафта, по што избувнал пожар. Делови од беспилотни летала погодиле и станбени згради во Краснодар и куќи во селото Динскаја, но таму немало повредени.

Зеленски соопшти дека Украина погодила уште еден склад за нафта, како и танкер и четири товарни брода од руската „флота во сенка“ во Црното и во Азовското Море. Русија ја користи оваа флота за да ги заобиколува меѓународните санкции воведени врз нејзиниот извоз на нафта по инвазијата врз Украина.

Украински безбедносен експерт изјави дека руските доброволци ја користеле платформата на „Вајлдберис“ за купување воена опрема. Според него, целта на нападите е да се нарушат испораките на електроника, санкционирани производи и стока со двојна намена за руската армија и за воената индустрија.

Нападите, сепак, погодиле и стотици независни продавачи што ги чувале своите производи во магацините. Трговка за „Би-би-си“ изјави дека ја изгубила целата облека што ја продавала, а со тоа и единствениот извор на приходи. Таа стравува дека нови напади би можеле целосно да ѝ го уништат работењето.

Погоден брод блиску до романскиот брег — Букурешт го впери прстот кон Русија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот