Родната куќа на Адолф Хитлер стана полициска станица
Родната куќа на Адолф Хилтер во австрискиот град Браунау на Ин денес официјално стана полициска станица, објави „ОРФ“.
Препорачано
Куќата претходно беше реновирана, по неколкугодишни дебати за соодветната намена на контроверзната зграда.
Точната старост на куќата не може со сигурност да се утврди, но архитектонското биро „Марте.Марте Архитектен“, кое раководеше со проектот, одлучи да ја дизајнира како куќа од 17 век.
Во зградата долго време се наоѓала гостилница, а на горните катови имало станови. Хитлер пораснал во еден од нив.
Зграда со „меморијална соба на Фирерот“
Во периодот меѓу двете светски војни, сопственикот на гостилницата поставил „меморијална соба на Фирерот“, а во 1938 година зградата ја презела Нацистичката партија.
По падот на нацистичкиот режим, имотот му бил вратен на првичниот сопственик.
Во 1970-тите години, во зградата кратко време било сместено училиште, а од 1976 година таму работела организацијата „Лебенсхилфе“ за луѓе со интелектуална попреченост.
Откако организацијата се иселила во 2011 година, зградата останала празна.
Во 2016 година, државните власти ја презеле куќата преку процес на експропријација.
Експертска комисија препорачала зградата да се користи за социјални и за добротворни цели или за потребите на државната администрација.
Членовите на комисијата заклучиле дека музеј би можел да привлече неонацистички групи, но дека уривањето на зградата би значело негирање на нејзината историја.
Нацистички код на „Гугл мапс“
Симболичната важност на куќата неодамна беше истакната и со инцидент, откако зградата привремено била прикажана на „Гугл мапс“ со куќен број 88 наместо со точната адреса, Салцбургер Форштат 15.
Бројот 88 е нацистички код за „Хајл Хитлер“. Кога корисниците ќе кликнеле на бројот, на мапата се појавувала локација означена како „ХХ88“.
Министерството за внатрешни работи на Австрија соопшти дека полицајците ќе добијат дополнителна обука за подигнување на свеста поради „чувствителната локација“ на нивното ново работно место.
Критики за идната намена на зградата како полициска станица
Планираното претворање на зградата во полициски објект повеќепати беше критикувано, меѓу другото и поради начинот на кој тоа би можело да биде сфатено во меѓународни рамки.
Иницијативата „Дискурс Хитлер хаус“, заедно со меморијалниот центар за холокаустот во Ерусалим „Френдс оф Јад Вашем“, неодамна предложи во зградата трајно да биде поставена патувачката изложба „Праведниците“, посветена на луѓе кои ги ризикувале животите за спасот на Евреите за време на холокаустот.
Министерството за внатрешни работи го одби предлогот.
Реновирањето на зградата започна во октомври 2023 година. Фасадата, која претходно била жолта и мувлосана, е премачкана со бела боја, а заоблените прозорци се заменети со правоаголни, пишуваат локалните медиуми.
Над влезот веќе е поставено логото на полицијата.
Познатиот споменик со натписот „За мир, слобода и за демократија“, донесен од најголемиот концентрационен логор во Австрија, Маутхаузен, и понатаму стои на одредено растојание од зградата.


