Принцот Џорџ / Фото: Инстаграм/Кенсингтонската палата

ФОТО | Принцот Џорџ наполни 13 години – објавена е нова фотографија, а во септември го очекува голема животна промена

Кенсингтонската палата објави нова фотографија од принцот Џорџ по повод неговиот 13. роденден, со што го одбележа влегувањето на идниот британски крал во тинејџерските години.

На фотографијата, Џорџ изгледа опуштено, со рацете во џебовите, облечен во бела кошула со откопчана јака и темно одело. Сликата беше објавена на официјалните профили на принцот и принцезата од Велс со пораката: „Среќен 13. роденден, Џорџ!“.

Фотографијата ја направил британскиот фотограф Мет Портеус минатиот месец во Кенсингтонската палата, веднаш по свечената воена парада по повод официјалниот роденден на британскиот монарх („Трупинг д колор“).

Портеус е долгогодишен соработник на британското кралско семејство, а покрај кралските портрети е познат и како основач на платформата „Оушн калчр“, посветена на раскажување приказни за океаните и заштитата на морската средина. Неговите фотографии се препознатливи по користењето природна светлина и емотивниот, ненаметлив стил, поради што е еден од најбараните портретни фотографи во Велика Британија.

Фото: Инстаграм/Кенсингтонската палата

Втор во редот за британскиот престол

Принцот Џорџ, со полно име Џорџ Александер Луис, е роден на 22 јули 2013 година во болницата „Сент Мери“ во Лондон. Тој е најстарото дете на принцот Вилијам и Кетрин, принцезата од Велс, како и најстар внук на британскиот крал Чарлс Трети. Има помлада сестра, принцезата Шарлот, и помлад брат, принцот Луис.

Во моментов, Џорџ е втор во редот за наследување на британскиот престол, веднаш зад својот татко, принцот Вилијам. При неговото раѓање беше трет во наследниот ред, а по смртта на кралицата Елизабета Втора во 2022 година и доаѓањето на кралот Чарлс Трети на престолот, се искачи на второто место.

Неговото раѓање во 2013 година беше проследено со големо внимание во Обединетото Кралство и земјите од Комонвелтот, бидејќи уште тогаш беше сметан за иден британски монарх.

Принцот Вилијам со сопругата Кетрин и нивните три деца – Џорџ, Шарлот и Луис / Фото:

Го очекува ново училиште и сè поголема јавна улога

Оваа година носи големи промени за младиот принц. Покрај тоа што влезе во тинејџерските години, во септември ќе започне да посетува настава на престижниот колеџ Итон, каде што некогаш учел и неговиот татко, принцот Вилијам. Во ова елитно училиште се образувале и неговиот чичко, принцот Хари, како и Ерл Спенсер, братот на принцезата Дијана.

Џорџ ќе биде сместен во една од интернатските куќи на училиштето, каде што учениците живеат и учат под надзор на воспитувачи и раководител на куќата.

Пред Итон, тој посетуваше настава во училиштето Ламбрук во Беркшир, заедно со сестрата Шарлот и братот Луис. Претходно учеше во училиштето „Томас“ во Лондон, а првите години од образованието ги помина во градинка во Норфолк.

Во последните неколку години, принцот Џорџ постепено презема сè поистакната јавна улога. Во 2023 година беше почесен паж на крунисувањето на својот дедо, кралот Чарлс Трети, а редовно ги придружува родителите на кралски ангажмани, добротворни активности и јавни настани.

Во декември минатата година заедно со принцот Вилијам ја посети добротворната организација „Пасаж“, која им помага на бездомниците, а во јуни годинава беше дел од неколку официјални кралски ангажмани. Претходно овој месец, тој беше забележан со своите родители и на тенискиот турнир Вимблдон, додека минатиот месец присуствуваше и на парадата „Трупинг д колор“ по повод официјалниот роденден на британскиот монарх.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот