Зохран Мамдани / Фото: EPA/VINCENT ALBAN / THE NEW YORK TIMES / POOL

ВИДЕО | Градоначалникот на Њујорк призна дека не може да го уапси Нетанјаху: „Тој е архитект на ужасен геноцид“

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, објави видео во кое објаснува дека локалните власти немаат право да го уапсат Бенјамин Нетанјаху, но повтори дека израелскиот премиер не е добредојден во градот што тој го води, објави „Њујорк Тајмс“.

На почетокот на видеото, Мамдани го нарече Нетанјаху воен злосторник.

„Тој е архитект на ужасен геноцид врз палестинскиот народ. Тој е одговорен за убиството на повеќе од 73.000 луѓе, за осакатување на десетици илјади деца додека оние што ќе преживеат се подложени на ампутации без анестезија. Тој е одговорен за таргетирање на неонаталните болници и породилните центри, лишувајќи ги новороденчињата дури и од шанса да преживеат, за безбројните луѓе што ги осакатил додека блокирал храна и хуманитарна помош да стигнат до нив и за убиството на стотици хуманитарни работници и новинари“, рече Мамдани.


Тој понатаму изјави дека Американците плаќаат за бомбите што се користат за извршување на овој геноцид и дека постои причина зошто Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде потерница по Нетанјаху.

„Како човечки суштества, со генерации градевме заедничко разбирање дека постојат злосторства толку тешки што го навредуваат целото човештво. Секој што има очи, срце и совест треба да го препознае уништувањето што го предизвикал и да разбере дека му е местото пред судот“, рече тој.

Мамдани истакна дека ги проверил сите законски опции Нетанјаху да биде уапсен од локалната полиција во Њујорк, но дека тоа е невозможно.

„Како што реков, се согласувам дека Бенјамин Нетанјаху треба да биде уапсен и суден за неговите злосторства, како што правам со секое друго лице што го бара МКС. Мојата администрација ги разгледа сите достапни патишта според сегашниот закон за да утврди дали Њујорк може да изврши потерница од Меѓународниот кривичен суд ако Бенјамин Нетанјаху дојде тука. Јасно е дека немаме независно правно овластување да ја извршиме оваа потерница“, рече Мамдани.

Сепак, дополни тој дека државната власт во Соединетите Американски Држави има право да го стори тоа.

„Сакам да бидам подеднакво јасен: Бенјамин Нетанјаху не е добредојден во Њујорк, ниту пак кој било друг воен злосторник е на слобода. Иако не можеме сами да го запреме геноцидот, можеме да одлучиме дали нашето молчење ќе стане уште едно оружје и можеме да ги испитаме сите алатки што ги имаме за да ја одбраниме човечноста и достоинството на сите луѓе. Тоа е моја обврска кон вас“, рече Зохран Мамдани.

Градоначалникот на Њујорк потврдува дека разгледува правни опции за апсење на Нетанјаху

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот