Фото: Profimedia

Америка ги засилува нападите врз Иран — војната досега ја чинела 37,5 милијарди долари

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет го повика Конгресот итно да ги одобри дополнителните средства за војската, предупредувајќи дека во спротивно таа би можела да се соочи со критичен недостиг. Предлогот на Доналд Трамп за одбранбен буџет од 1,5 билиони долари тој го претстави како историска инвестиција во американските вооружени сили.

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет вчера се најде под силен притисок во Сенатот поради војната со Иран, чии досегашни трошоци ги процени на 37,5 милијарди долари. Неговото сведочење пред Комитетот за буџетски средства беше проследено со остри расправии и со повеќекратни прекини од демонстранти, објави „Асошиејтед прес“.

Сослушувањето се одржа неколку дена откако Пентагон објави дека загинале уште тројца американски војници. Со тоа бројот на жртвите меѓу американските сили се искачи на 17, додека од почетокот на јули се повредени повеќе од 100 војници.

Хегсет побара Конгресот да го одобри дополнителното воено финансирање, кое го опиша како итно и неопходно. Тој предупреди дека без новите средства американската војска би можела да се соочи со сериозен недостиг. Предложениот одбранбен буџет на претседателот Доналд Трамп, тежок 1,5 билиони долари, го оцени како генерациска инвестиција.

Републиканците подготвуваат пакет од 95 милијарди долари, во кој најголем дел од парите се наменети за војната. Предвидени се и средства за други безбедносни потреби, помош за земјоделците погодени од царинската политика на Трамп и за измени на изборните закони. Белата куќа побара пакетот да биде усвоен веднаш и без измени.

„Зошто Американците плаќаат за конфликт што не го поддржуваат?“

Демократите предупредија дека конфликтот прераснува во уште една долготрајна американска војна. Сенаторката Пети Мареј потсети дека Трамп повеќепати најавувал скорешен договор и брз крај на борбите, но сега бара уште десетици милијарди долари.

Сенаторката Џин Шахин го праша Хегсет зошто бара нови средства кога Пентагон сè уште не потрошил околу половина од 150-те милијарди долари одобрени минатата година. Таа праша и зошто американските граѓани треба да плаќаат за конфликт што, според анкетите, мнозинството не го поддржува. Хегсет одговори дека преостанатите пари ќе бидат потрошени до септември.

Началникот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, не можеше да каже дали побараните средства ќе бидат доволни за завршување на војната, образложувајќи дека трошоците зависат и од потезите на непријателот. Тој не даде конкретен одговор ниту на прашањето дали Иран би можел да наплаќа премин низ Ормускиот Теснец.

ВИДЕО | „Светските шампиони се со Палестина“ — Иран лансираше дрон кон американска база со ликот на Јамал

Тензиите кулминираа кога демократскиот сенатор Гери Питерс ја нарече стратегијата на администрацијата целосен неуспех и му порача на Хегсет дека нема ниту долгорочен план ниту јасна стратегија за победа. Хегсет возврати дека е срамно војната да се опишува како неуспех и ги обвини демократите дека поради противењето кон Трамп одбиваат да ги одобрат потребните средства.

Републиканците планираат пакетот да го усвојат преку буџетска постапка што не бара поддршка од демократите, но тесното мнозинство во Претставничкиот дом остава мал простор за несогласувања во нивните редови.

„САД не се заинтересирани за средба“

Американската војска ноќеска продолжи со воздушните напади врз Иран, погодувајќи хангари и складишта за беспилотни летала. Новиот бран удари следуваше по најавата на претседателот Доналд Трамп дека операциите ќе бидат засилени, додека дипломатските напори за обновување на пропаднатото примирје остануваат без резултат.

Иранскиот министер за внатрешни работи Ескандар Момени отпатува во Пакистан, кој посредува меѓу Вашингтон и Техеран. Трамп, сепак, изјави дека САД не се заинтересирани за средба додека Иран не покаже подготвеност за суштински преговори. Тој најави и можен напад во близина на главен ирански објект за збогатување ураниум.

Во меѓувреме, експлозии одекнале во повеќе ирански провинции, а противвоздушната одбрана била активирана кај Техеран. Иран возврати со напади врз Бахреин, Јордан и Кувајт, како и врз танкер во Ормутскиот Теснец, чиј екипаж морал да го напушти бродот.

Судирот сè повеќе се претвора во борба за контрола врз Ормускиот Теснец, низ кој пред војната минуваше околу една петтина од светската нафта и природен гас. Цената на нафтата надмина 92 долари за барел, а бензинот во САД достигна просечни четири долари за галон.

Истовремено, јеменските Хути прогласија поморска блокада на Саудиска Арабија и ги предупредија бродовите да го избегнуваат теснецот Баб ел Мандеб. Во војната досега се повредени повеќе од 500 американски војници.

Африка сака да стане нов голем снабдувач на гас за Европа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот