Франција воведува целосна забрана за социјалните мрежи за деца под 15 години
Францускиот парламент донесе закон со кој ќе се забранат платформите на социјалните медиуми за лица под 15 години од јануари 2027 година. Франција стана првата европска земја што целосно им забрани на младите луѓе пристап до платформите, а сите корисници ќе мора да ја потврдат својата возраст.
Препорачано
Одлуката доаѓа во услови на растечка загриженост за менталното здравје на децата и доаѓа во време кога Велика Британија и Европската Унија ги подготвуваат своите ограничувања, објавува Би-би-си. Законот ќе се воведува постепено. Од септември оваа година, лицата под 15 години повеќе нема да можат да отвораат нови сметки, а проверката на возраста ќе стане задолжителна за сите нови корисници.
Од јануари 2027 година, правилото ќе се прошири на сите постоечки сметки, што значи дека сите корисници во Франција ќе мора да докажат дека имаат најмалку 15 години за да продолжат да ги користат социјалните медиуми. Платформите ќе мора да имплементираат алатки за проверка на возраста одобрени од францускиот регулатор за приватност.
Овој потег беше поддржан од францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја објави забраната како едно од обележјата на крајот од неговиот 10-годишен мандат. Додека владата тврди дека алатките за онлајн проверка на возраста се ефикасни и безбедни, критичарите се сомневаат во применливоста на законот.
Исто така, имаше поплаки за приватноста, ефикасноста на самите алатки и ризикот младите луѓе да најдат начини да ги заобиколат.
Франција е втората земја во светот, по Австралија, што воведе таква забрана. Австралија ги забрани социјалните медиуми за лица под 16 години во декември, но се знае дека многумина сè уште ги користат. Австралиската комисија за е-безбедност во март објави дека седум од десет деца под 16 години кои имале профил пред забраната сè уште имале „одреден пристап“.


