Јунскиот топлотен бран ја намали европската жетва за речиси девет милиони тони
Јунскиот топлотен бран во Европа предизвика значителни штети врз житните култури, а вредноста на изгубеното производство се проценува на околу две милијарди евра. Најпогодени се Франција и Унгарија, покажува анализата на Европскиот конзорциум на иновативни универзитети (ECIU), објавена од „Фајненшл тајмс“.
Препорачано
Според европската асоцијација COCERAL, екстремните температури ја погодија пченицата во клучната фаза на формирање на зрното, како и пролетниот јачмен, пченката и други култури. Поради тоа, прогнозата за вкупното производство на жито во Европската Унија и Велика Британија е намалена за речиси девет милиони тони.
Најголемото намалување е кај пченката, чија проценка за производство е ревидирана од 57,2 на 52,7 милиони тони. Тоа значи дека ЕУ ќе мора повеќе да се потпира на увоз, особено од Украина и Бразил, доколку недостигот се продлабочи.
Франција е најтешко погодена, со намалување на очекуваната жетва за 4,1 милиони тони, што претставува загуба од околу 891 милион евра. Само кај пченката приносот е намален за 3,35 милиони тони, на 9,4 милиони тони, што е полош резултат и од сушната 2022 година.
Втора по обемот на загубите е Унгарија, каде што приносот е намален за 2,4 милиони тони, со проценета вредност од 444 милиони евра. Шпанија изгуби околу 1,4 милиони тони жито во вредност од 276 милиони евра, додека Германија бележи исто толкаво намалување, вредно 233 милиони евра.
Аналитичарот Том Ланкастер од ECIU предупредува дека намалените приноси ќе ги намалат приходите на земјоделците и ќе ја ослабнат безбедноста на храната во Европа. Сепак, анализата нагласува дека станува збор за проценка на пазарната вредност на изгубеното производство, а не за директна финансиска загуба на земјоделците, бидејќи дел од нив можеби ќе имаат корист од повисоките цени или веќе го продале родот однапред.
Во меѓувреме, подобрените прогнози за жетвата во Бугарија, Романија, Италија и Финска делумно ги ублажија вкупните загуби, па нето намалувањето на вредноста на очекуваното европско производство сега се проценува на околу 1,79 милијарди евра.
Загубите доаѓаат во период кога земјите членки на Европската Унија преговараат за иднината на Заедничката земјоделска политика. Според Тео Паке од Европската агенција за животна средина, наместо субвенциите да се насочуваат кон зголемување на отпорноста на климатските промени, тие и понатаму поддржуваат практики кои придонесуваат за продлабочување на кризата.


