На Путин му се допаѓа неговата најлоша опција во Украина
Целта на инвазијата од 2022 година – воено и политичко потчинување на цела Украина – не е остварлива, што значи дека Путин веќе доживеа неуспех. Отворено е прашањето дали неговата власт би можела да издржи прекин на огнот со кој практично би признал таков исход. Но, речиси сигурно не би можел политички да преживее сценарио во кое ја губи контролата врз Крим.
Кога рускиот претседател Владимир Путин трезвено би ја проценил состојбата во војната против Украина, би настојувал да постигне прекин на огнот. Меѓутоа, неговата процена очигледно не е трезвена, бидејќи сите знаци укажуваат дека има намера да прибегне кон некаква форма на ескалација. Доколку навистина тргне по тој пат, ќе ја влоши ситуацијата за сите, но пред сè за себе.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Енкориџ во август 2025 година, Путин се обидува да ги убеди САД да го принудат украинскиот претседател Володимир Зеленски на договор со кој Русија би ја задржала контролата врз териториите што веќе ги зазела – нешто помалку од 20 отсто од територијата на Украина – а Украина, покрај тоа, би ѝ предала и мал дел од Доњецката област што сè уште е под нејзина контрола.
Вреди да се потсетиме дека Трамп пред средбата во Енкориџ ја имаше поддршката и од Украина и од Европејците во настојувањето веднаш да се воспостави прекин на огнот. Но, по разговорите со Путин, ненадејно се откажа од барањето за прекин на огнот и наместо тоа го прифати барањето на Путин во врска со Доњецк. Европејците, сосема природно, побрзаа да го заштитат Зеленски од притисокот што Путин и Трамп би се обиделе да го извршат врз него, па политичките разговори за завршување на борбите западнаа во ќорсокак. Токму Трамп – кого Путин уште еднаш го надмудри – ја продолжи војната.
Подрачјето за кое станува збор нема никакво економско значење, но е важно за одбраната на Украина, а има и симболична тежина за Путин, кој во 2022 година го измени рускиот устав за да го прогласи Доњецк за дел од Русија. Поради тоа, можноста Украина едноставно да ги предаде своите позиции не доаѓа предвид.
Во текот на изминатата една и пол година руската армија постепено ги губеше своите способности, што се гледа во сè послабите капацитети на руските трупи, додека украинските технолошки способности на бојното поле значително се подобрија. Поради тоа, линијата на фронтот се претвори во „зона на смртта“ што речиси и не се поместува.
Се разбира, се чини дека Путин и понатаму верува оти неговите сили можат да воспостават целосна контрола врз Доњецк, додека неговите генерали сè уште се плашат од последиците доколку му кажат дека тоа не е можно. Но, изгледите се исклучително неповолни за него.
Путин исто така верува дека нападите врз цивилните населби и критичната инфраструктура можат да ја принудат Украина на предавање. Но, иако несомнено предизвикуваат огромно страдање, воздушното бомбардирање само по себе никогаш не добиле војна, па нема да ја добијат ниту оваа во Украина.
Во текот на последните неколку месеци Украина ги прошири своите напади со дронови со среден и долг дострел врз цели во Русија, онеспособувајќи значителен дел од капацитетите за преработка на нафта и предизвикувајќи политички болна криза во снабдувањето со гориво низ целата земја. Украина дополнително ќе ги засилува овие напади.
Меѓутоа, вистинскиот пресврт би можело да го донесе настојувањето на Украина да ги прекине линиите за снабдување што го поврзуваат Крим со Русија. Украинците непрекинато ги напаѓаат товарните камиони што минуваат низ окупираниот копнен коридор во источна Украина, мостот и траектите преку Керчкиот Проток, како и бродовите што се обидуваат да достават залихи преку Азовското Море.
Оваа кампања веќе му ја усложни ситуацијата на Кремљ, а би можела да се покаже како политички катастрофална доколку руската контрола врз Крим биде сериозно доведена во прашање. Во тој момент дури ни замрзнување на конфликтот во должина на постојната „зона на смртта“ можеби повеќе нема да биде можно.
Освен Путин, тешко дека некому во Русија особено му е важно за малиот дел од Доњецк кој сега го блокира политичкиот процес. Но, на многумина – оправдано или не – им е важен Крим. Впрочем, токму одземањето на тој полуостров од страна на Путин во март 2014 година ја зголеми неговата популарност и го подготви теренот за целосната инвазија во 2022 година.
Сепак, целта на инвазијата од 2022 година – воено и политичко потчинување на цела Украина – не е остварлива, што значи дека Путин веќе доживеа неуспех. Отворено е прашањето дали неговата власт би можела да издржи прекин на огнот со кој практично би признал таков исход. Но, речиси сигурно не би можел политички да преживее сценарио во кое ја губи контролата врз Крим.
Поради тоа, доколку постапуваше рационално, Путин би требало да го заборави Енкориџ и веднаш да прифати прекин на огнот. Доколку продолжи по сегашниот пат, малку е веројатно дека ќе го освои делот од Доњецк што го посакува, но многу е веројатно дека ќе ја загуби контролата врз Крим. Освен тоа, истражувањата на јавното мислење покажуваат дека големо мнозинство Руси поддржуваат завршување на војната.
Прекинот на огнот, секако, не би го завршил самиот конфликт. Трајното политичко решение и понатаму би било далеку. Но, конфликтот барем би се префрлил во политичката сфера, би се поттикнале промени и во Русија и во Украина и би се отворил простор за дипломатија во која би се вклучиле поголем број надворешни актери.
За жал, се чини дека Путин е решен да продолжи по сегашниот пат – директно кон работ на бездната.
(Авторот е поранешен премиер и министер за надворешни работи на Шведска.)
Вијести
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


