Европски реформи, македонски пазарења
Најголемата иронија е што премиерот и лидерите на другите партии, своите барања и апетити ги претставуваат како некакво барање на Брисел и како некакви „европски реформи“. Вистината е сосема поинаква. Она што го бараше ЕУ, а тоа се препораките на ОБСЕ/ОДИХР за чистење на изборните нерегуларности, департизација и чист Изборен законик, воопшто не беше спорно. Проблемот настана кога партиите го киднапираа овој процес за да протнат сопствени агенди кои немаат врска со ЕУ.
Истече рокот во кој партиите требаше да постигнат консензус за Изборниот законик и со тоа да исполнат дел од реформската агенда што ни ја постави Европската Унија за овој период.
Препорачано
ВМРО-ДПМНЕ инсистираше на гласање на дијаспората по пошта или електронски без претходна безбедносна проверка, поради што СДСМ и ДУИ „се исплашија“ од изборен инженеринг и кражба на изборите. ДУИ остана зад својот став за една изборна единица и изборен праг од 5 отсто по своја мерка. Левица, исто така инсистираше на една изборна единица и блокираше поради сопствениот колач од државното финансирање.
Со ова, партиите уште еднаш докажаа дека купувањето ситни политички поени е поважно од државниот интерес. Македонија и граѓаните изгубија 4,2 милиони евра од ЕУ-фондовите затоа што партиите по не знам кој пат покажаа дека немаат капацитет за компромис кога се во прашање нивните математики за власт.
Некои од овие барања што ги ставија на маса партиите не се услов на Европската Унија, ниту, пак, дел од препораките за Изборниот законик на ОБСЕ/ОДИХР. Тоа се чисти внатрепартиски пазарења за тоа кој како да си обезбеди подобра стартна позиција за следните избори. А резултатот од тоа нивно препукување што е? Наместо европски стандарди и милиони евра за реформи во џебот на граѓаните, добивме уште еден пропаднат рок, меѓусебни обвинувања и законик скроен да ги штити партиските фотелји, а не демократијата.
Најголемата иронија е што премиерот Христијан Мицкоски и лидерите на другите партии, своите барања и апетити ги претставуваат како некакво барање на Брисел и како некакви „европски реформи“. Вистината е сосема поинаква. Она што го бараше ЕУ, а тоа се препораките на ОБСЕ/ОДИХР за чистење на изборните нерегуларности, департизација и чист Изборен законик, воопшто не беше спорно. Проблемот настана кога партиите го киднапираа овој процес за да протнат сопствени агенди кои немаат врска со ЕУ.
Особено зачудува ставот на премиерот Христијан Мицкоски и неговата „занесеност“ со европските реформи. Тој, неуспехот да се усвојат измените на изборните правила, а со тоа и да се направат потребните европски реформи, директно ѝ го припиша на опозицијата. Опозициските партии биле виновни што тој и неговата влада не ја носат Македонија кон ЕУ. Ако не беше смешно, ќе беше трагично. Па дури и им порача на граѓаните и на политичките опоненти, ако не него, да ја слушнеле еврокомесарката Марта Кос, која порача дека со непостигнувањето консензус во дадениот рок, државата ќе изгуби 4,2 милиони евра.
А ја слуша ли тој Марта Кос? Зошто не го повлече барањето за дијаспората? Нашите иселеници имаат право да гласаат на избори, што беше толку итно и неопходно токму сега да бара тие да гласале електронски? Настрана што нас тука нè малтретираат со разни идентификации и отпечатоци од прст за да гласаме. Или за него не важат пораките на Марта Кос. Ја слушна ли Мицкоски Марта Кос кога јасно и гласно од Скопје му порача дека уставните измени остануваат неопходен услов за напредокот на државата кон евроинтеграцијата и дека не треба да сонува за некакви гаранции оти ќе нема нови блокади во текот на преговорите? Тој можеби слуша само тоа што нему му одговара, ама граѓаните слушаат. И сега кога слушаат како на Мицкоски му е полна устата со реформи и евроинтеграција, тој треба да поработи сериозно на тој план. Не да промовира политички плурализам и да собира аплаузи од оние околу него.
Власта има право да го вперува прстот во кого сака, но исто така има и обврска да испорачува резултати. Европските реформи не се мерат по бројот на изговори, туку по бројот на усвоени закони и исполнети обврски. Европската Унија бара политичка зрелост и почитување на меѓународните препораки. Тоа што Македонија не успеа да ги усвои измените на Изборниот законик во дадениот рок, не е пораз на европската агенда, тоа е пораз на домашната политика што и понатаму ги става партиските интереси пред интересите на граѓаните. Сѐ додека секој реформски процес служи како параван за партиски пазарења, Македонија нема да ја кочи Брисел – ќе се кочи самата себе.


