Талир и еден, два… конец
Девет години по бегството на Никола Груевски, додека непроменетото гласачко мнозинство го возвишува по социјални мрежи и се моли на сите богови за неговото враќање назад, една обвинителка пробува да го однесе тој случај на најсрамна јавна корупција до завршница. Колку луѓе застанаа во нејзината одбрана? Десетици, стотици илјади луѓе на страна на криминалецот. Ниеден на страната на обвинителката. Тоа е сликата на македонското општество.
Јас сум сигурен дека, на прашањето за што точно се гони Никола Груевски во предметите против него, апсолутното мнозинство граѓани во државава нема да имаат поим. Дента по неправосилната ослободителна пресуда во „Талир 2“, со која Груевски беше ослободен од обвинението поради последиците од измените на Кривичниот законик, повторно можеше да се прочита што, всушност, стои во заднината на предметот. И тоа во медиуми и портали што можат да се избројат на прсти.
Препорачано
Во превод, не се појавија нови докази што ја променија сликата за случајот. Не беше утврдено дека договорите биле поинакви, дека парите не биле исплатени или дека имотот не бил стекнат. Се промени законот според кој тие факти требаше да добијат кривичноправно значење. Самата судијка нагласи дека анализата на доказите, утврдените факти и заклучоците на судот останале непроменети, но дека по измените на Кривичниот законик, Обвинителството не докажало пречекорување на службените овластувања според новото законско битие на делото.
А што биле тие непроменети факти? ВМРО-ДПМНЕ во договорот за коинвеститорство вложила земјиште, а градежната компанија „Бетон“ ја изградила партиската палата. Според обвинението и првостепената пресуда од 2022 година, договорот бил несразмерно поволен за партијата: ВМРО-ДПМНЕ требало да добие 43 проценти од објектот, иако вредноста на нејзиниот влог оправдувала удел од околу 20 проценти. Кога партијата добила помала површина од договорената, „Бетон“ ѝ исплатил дополнителни 2,16 милиони евра, со кои биле купувани партиски недвижности низ државата. Истовремено, градежната фирма најголем дел од приходите во тој период ги остварувала преку договори со државни институции, јавни претпријатија и општини.
За истите докази и истата фактичка состојба, Никола Груевски во 2022 година беше неправосилно осуден на шест години затвор, а беше наредена и конфискација на партиското седиште. Пресудата подоцна беше укината по измените на Кривичниот законик. Значи, меѓу шестгодишната затворска казна и ослободителната пресуда не постои нов доказ дека случајот бил измислен. Постои политичката одлука да се измени законот.
Во превод, во најмрачните години на македонската независност – период што голем број граѓани, веројатно и денешното гласачко мнозинство, го доживуваат како златна доба на државата – врховниот политички лидер и еден од најмоќните бизнисмени во земјата се договориле секој да го добие она што го сака: лидерот од малата партиска куќа да направи палата, а бизнисменот да изгради хотел, додека неговата компанија продолжува редовно да добива државни тендери.
Девет години по бегството на Никола Груевски, додека непроменетото гласачко мнозинство го возвишува по социјални мрежи и се моли на сите богови за неговото враќање назад, една обвинителка пробува да го однесе тој случај на најсрамна јавна корупција до завршница.
Завршница во која таа е секој ден јавно шиканирана од првиот човек во државата, низ политички и институционални лавиринти, сите во обид да не се донесе пресудата. Таа завршува со оставка, по девет години работа на случајот. Колку луѓе застанаа во нејзината одбрана? Колкумина од сите тие граѓани, медиуми и здруженија што сите овие години, запрепастени од државната корупција, зборуваат за владеењето на правото и за борбата против корупцијата, застанаа во нејзина одбрана?
Десетици, стотици илјади луѓе на страна на криминалецот. Ниеден на страната на обвинителката. Тоа е сликата на македонското општество.
Девет години по бегството на Никола Груевски, сегашниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, во поткаст зборува за тешките години низ кои поминувале тие од партијата. Мислиш, сите тие години биле по босанските планини во крвави битки против фашистите. А не во слепа поддршка на партија и врхушка без еднаш да одговорат друго освен – „да, шефе“. Премиерот на државата, тогашен генерален секретар, министерот за надворешни работи, градоначалникот на Град Скопје, министерот за транспорт и врски сите, низ Унијата на млади сили на партијата. Моделирани низ корупција, за корупција.
Девет години, клекнувања на колена, бескрајни спинувања, договори, состаноци и прослава на победи, во и пред симболот на ненаситен криминал во срцето на главниот град.
На моралот на тие луѓе, на нивното внатрешно чувство за тоа што значи да се биде чесен човек и горд родољуб се изгради независната држава.
На нивниот морал и отсуството на „муда“ на самопрогласените слободари.
Убаво е чувството на надмоќта што ја имаш на хартија и во некој ќош од кафеана со одбрано друштво. Уште поубаво чувство е да отидеш на Благица Павловска со другото друштво. Зашто до таму стигнува отпорот кон некултурата. Да направиш културен настан во Железара, да ја игнорираш новата зграда одма до тебе чиј паркинг е свлечиште и да се фатиш на орото заедно со Сузана Спасовска. Сите денес би застанале на тапанот од „Тешкото“ на Галичник, селото со три жители преку остатокот од годината.
Не знам Ленче Ристоска дали беше на „Само вистина“ на Канал 5, ама знам кој беше барем двапати оваа година – Латас.
Има анални фисури на дебелите задници на корумпираните балкански политичари со повеќе достоинство од таа личност. А сепак во нашето општество тие личности опстојуваат подобро и се повеќе ценети од обвинителка со интегритет како Ленче Ристоска.
Протежето на Латас, Ивона Талевска, е рехабилитирана јавна личност, редовен гостин на поткасти и емисии. Во Македонија само тркалото се врти и пак од почеток, без ништо да се промени.
А работите и тоа како се менуваат. Охрид и Охридското Езеро се пред одлуката да бидат ставени на Листата на светско наследство во опасност. Замислете ја љубовта што ја има овој народ кон наследството што го добил, секогаш кога ќе го почувствувате мирисот на боровата шума веднаш до луксузните апартмани на началникот.
Замислете ја љубовта кон фамилијата во држава во која загадениот воздух е поврзан со секоја деветта смрт на дете помладо од една година.
Замислете ја љубовта кон градот на солидарноста, со процент на зеленило меѓу најмалите во Европа, додека се продаваат становите на Водно.
Замислете ја љубовта кон огништето во држава со 205 целосно празни населени места и уште 218 во кои останале помалку од десет жители.
Така, тука чука тапанот во 7/8.
Чука во срцето на луѓе што од маалски мангупи, хохштаплери и гангстери прават божества, а од оние другите – голтари и просјаци.
По цена на сè што вреди и останува да се памети.
Нека им е жива и здрава палатата.
(Авторот е молекуларен биолог)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


