Урбанизам на повик
Искуство, базирано на врвните светските знаења и практики, спроведено на транспарентен и инклузивен начин, треба да биде моделот како Скопје ќе ја планира својата урбана иднина. Тоа треба да е процес во кој повторно светски реномирани научни и академски институции ќе се вклучат во изработката на визијата за Скопје како двигател на неговиот развој, а светските архитекти своите креативни предлози ќе ги претстават во отворен натпревар на визии и идеи.
Во последните неколку години, при секоја посета на Тирана, не може да не го забележите развојот што го доживува. Во градот владее позитивна атмосфера која се отчитува и во низа нови објекти, квалитетот на гастрономската понуда и уредениот центар. Но, можеби највпечатлив знак на промените што се случуваат во градот се безбројните градилишта од кои изникнуваат нови градби, најчесто со огромни димензии и со појавност која ја игнорира реалноста на градот. Неочекуваната димензија на облакодерите, особено во центарот на градот, како и случајноста на нивните локации во однос на другата структура на градот, само го засилува чувството дека се работи за развој што е фокусиран само во одредени точки во градот и кој произлегува од мотиви кои се поинакви од урбанистичкиот развој на еден град.
Препорачано
Овој процес на радикална изградба на Тирана започна со изработката на новиот Генерален локален план ТР030 од 2016 година, наречен уште и Тирана 2030, а изработен од светски познатиот италијански архитект Стефано Боери. Со овој план се предвидуваше развој на Тирана во наредните 15 години во град со дополнителни 200.000 жители, кружен заштитен зелен прстен од милион дрва околу градот и полицентричен развој со драматично зголемување на коефициентот на изграденост во центарот на градот. Одредени аналитичари тврдат дека овој процес всушност започна со доаѓањето на Еди Рама, најпрвин како градоначалник на Тирана во 2000 година, функција која ја извршуваше сè до 2011 година во три последователни мандати, а потоа продолжи и како премиер на Албанија.
Овој градежен бум не можеше, а да не биде забележан од архитектонската јавност, бидејќи во Тирана се нижеа светски познати архитектонски имиња што како да се дојдени директно од Венециското биенале за архитектура, а кои добиваа проекти и градеа објекти со невиден интензитет. Тирана стана ветената земја за странските архитекти што доминираа во речиси сите нови интервенции во градот. Потврда за ова е и новата книга со амбициозен наслов „Албански досиеја: слобода и архитектура“ што беше промовирана пред еден месец, уредена од Анеке Абелаки, а во издание на швајцарската независна издавачка куќа Ларс Милер Паблишерс. Во книгата се претставени 520 проекти од вкупно 60 архитекти од целиот свет кои работеле на проекти во Тирана и Албанија. Со оваа книга, уредничката, која е и куратор на Албанскиот павилјон на последното Венециско биенале за архитектура во 2025 година, ја нагласува оваа фрапантна бројка на странски архитекти кои биле ангажирани да работат, како потврда за процесот на културната, социјалната и просторната трансформација на градот. Таа, овој процес го поврзува уште со падот на комунистичкиот режим во 1992 година и потребата за дебата за тоа што значи слободата, односно, според неа, правото повторно да се замисли колективниот живот, да се гради и да се заземе просторот. Според издавачот, книгата е можност, преку проекти од 60 архитекти, интервјуа и непосредни лични согледувања, за увид во еден од „највпечатливите архитектонски пејзажи во Европа“.
Сепак, реалноста е малку поинаква. Според пописот од 2023 година, Тирана има приближно 350.000 жители помалку од очекувањата проектирани во урбанистичкиот план на Боери од 2016 година. Секако, ова е дел од општите трендови на иселување и, за жал, одливот на млади и особено образовани лица од државите на Западен Балкан. Во градот, поради рапидната урбанизација и драматичното зголемување на цените на недвижностите, процес карактеристичен за сите урбани центри на Балканот, евидентирани се огромен број ненаселени станбени единици. Со ова, причината за драматичната изградбата на нови објекти во градот очигледно се поместува во области кои не се урбанистички, туку во голема мерка се финансиски, а најчесто и политички. Но, можеби највпечатливо во целиот овој процес, а прецизно забележано во книгата, е начинот на кој се договарале и реализирале проектите.
Во книгата, која започнува со предговор напишан лично од Еди Рама, случајно или не, најмногу се разоткрива неговата улога во поканувањето на светски познатите архитекти да работат во Тирана и Албанија. Сведоштвата на архитектите содржани во книгата, укажуваат дека многумина од нив биле директно контактирани или пак ангажирани од Рама. Тие честопати биле контактирани преку заеднички пријатели, со најава дека „ќе ги побара Еди“ како во случајот со Сем Чермајеф, архитект со архитектонски студија во Берлин и Њујорк или, пак, како во случајот со Алехандро Аравена, добитникот на престижната Притцкерова награда во 2016 година, кој бил поканет лично од премиерот да дојде и да работи на проекти во Албанија, како и австрискиот архитект Крис Прехт, кој според неговото сведоштво, бил контактиран од Рама преку неговиот Инстаграм профил. Според книгата, голем дел од странските архитекти биле претставени од страна на премиерот на локални инвеститори, кои потоа ги користеле нивните проектантски услуги за проекти од десетици илјади квадратни метри.
Со овој процес Тирана, несомнено се најде на светската мапа на архитектонската јавност. Сепак, покрај забавноста на анегдотскиот карактер на сите овие искуства, за нас особено важно е согледувањата за предностите, но и последиците од овој „персонализиран“ пристап во проектирањето и изградбата на градот. Одредени критичари во Албанија говорат за проблематичноста на пристапот од неколку аспекти. Тие најпрвин укажуваат на нетранспарентноста на процесот во кој странските архитекти се поканети благодарение на приватните контакти и интереси што потоа само се легитимирани од институциите. Како последица на тоа, цената што тие ја наплаќаат е дури шестпати поголема од локалните архитектонски студија. Но, можеби уште посериозно обвинување е тоа дека странските архитекти честопати имаат целосна слобода да проектираат што сакаат, без притоа да ги почитуваат урбанистичките стандарди и правила. За нив постои посебен однос во институциите што служат само да ги легитимираат веќе договорените проекти и планови. Тие, исто така, укажуваат дека „градежниот бум во Тирана мора да се разгледува во контекст на приватните интереси, законските измени донесени во нивна корист и честите обвинувања дека зад изградбата стои финансирање од криминално потекло“ како што е наведено во рецентниот текст во Балкан инсајт.
Можеби тука лежи најголемата дилема што се исправа пред секој град, кој се обидува да се развие и трансформира во современа метропола. Изградбата и развојот многу често е задвижуван од приватните инвеститори, како во случајот на Тирана, кои во фокусот на своето делување го имаат токму тоа – приватниот интерес. За жал, најголемиот дел од новите градби, без разлика на нивната големина и светската архитектура, остануваат недостапни за поголемиот број граѓани, кои не ги исполнуваат економските или социјалните параметри за влез во овие објекти. Овој приватен простор, многу ретко придонесува за подобрување на јавниот простор или, пак, за развој на јавната инфраструктура и воопшто за добросостојбата на граѓаните. Напротив, мегаломанските градби најчесто ја оптоваруваат постојната градска инфраструктура и создаваат дополнителни нарушувања во функционирањето на градовите, од зголемен сообраќаен метеж, па се до нарушување на пазарот на недвижности. Конечно, со овој пристап, речиси и да не постои трансфер на знаења, бидејќи тие остануваат во еден исклучително тесен и затворен круг на соработници на странските архитекти.
Која е поуката за Скопје? Најпрвин, мора да се нагласи дека Скопје е планиран град. Урбанистичките планови во последните 100 години и покрај сите предизвици, укажуваат на долга и континуирана традиција на урбанистичко планирање на градот. Ова стана уште поевидентно со постземјотресната обнова на градот во 1963 година кога со меѓународна помош и знаење, Скопје ќе се издигне како град планиран врз основа на најсовремените урбанистички парадигми и норми во тоа време. Во овој процес беа вклучени низа светски архитекти, но и реномирани светски институции, од Обединетите нации, па сè до академски организации и институти од Јапонија, Холандија, САД, Германија, Полска и многу други земји во светот. Токму ова искуство, кое се базираше на врвните светските знаења и практики, спроведено на транспарентен и инклузивен начин, треба да биде моделот како Скопје ќе ја планира својата урбана иднина. Тоа треба да е процес во кој повторно светски реномирани научни и академски институции ќе се вклучат во изработката на визијата за Скопје како двигател на неговиот развој, а светските архитекти своите креативни предлози ќе ги претстават во отворен натпревар на визии и идеи. Конечно, Скопје мора да се фокусира на развојот на јавниот простор, градското зеленило и одржливата мобилност како основа на одржливиот урбан развој на градот. Само на таков начин, Скопје ќе биде град во кој задоволството на неговите граѓани ќе биде најдобрата промоција на успешноста на градот. Тоа, секогаш ќе биде најсилната приказна за градот.
(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


