Прашање до премиерот: Зошто ВМРО-ДПМНЕ не го сака Блаже Конески?
Почитуван премиере,
Препорачано
Една недела пред вашето гостување кај колегата Младен Чадиковски во емисијата „Директно“ на ТВ Телма, ви изразив пофалби за вашето читање на кирилицата, по „нотите“ на Блаже Конески, за разлика од вашите портпароли и пратеници кои и натаму ја читаат нашата азбука како латинично писмо.
Во време на вашите секојдневни комуницирања на отворено со новинарите и потенцирање на црвените линии околу гласањето на дијаспората и вашите непогрешливи прогнози за цените на нафтените деривати, сепак едно прашање и натаму остана неодговорено: Зошто пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не го прифати предлогот за воспоставување на државна награда со името на македонскиот великан, филолог, поет, есеист, писател, преведувач, професор, академик и прв претседател на Македонската академија на науките, Блаже Конески, за афирмација, унапредување и зачувување на македонскиот јазик?
Македонската јавност очекува барем една единствена причина зошто пратениците од вашата партија не го прифатија предлогот на СДСМ, веројатно паричниот износ на наградата од пет просечни плати не претставува проблем, зарем не?
За мирен сон на Македонците каде и да се, искрено се надевам дека по ова прашање ќе имате издвоено мислење од вашата пратеничка група и од Антонио Милошовски. Сепак за јазикот се работи, зарем не? Или како што рече нашиот великан од Небрегово – „Јазикот е нашата татковина“.
(Авторот е спортски новинар во пензија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


