жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

Препотување, долги трепки и канта

Метеоролозите најавуваат долго, многу топло лето. Ќе биде, во секоја смисла на зборот.

Оваа земја дефинитивно не е за изгор лето. Не е така направена, не е подобна за живот и функционирање на температури над 25 степени Целзиусови. Сонцето паѓа некако накосо и пече многу веднаш штом живата во термометарот тргне накај 26. А над 30 степени Целзиусови, сообраќајот се парализира, училиштата се затвораат, шините се загреваат и се шират, па возовите не возат, сите сме некако исцрпени и ненаспани. Само пабовите чијшто пад почна за време на ковид-пандемијата и почнаа наголемо да се затвораат, доживуваат преродба.

Порано, кога летото беше фино лондонско, работниот народ паузата за ручек некаде околу пладне ја користеше да се раскомоти, да соблече некој дел од гардеробата и да се спружи во најблиското паркче, да фати малку сонце и витамин Д. Не во стилот на работниот народ во Шпанија, на пример, каде што вработените на пауза ги соблекуваат работните костумчиња и белите кошули, ставаат костими за капење, се испружуваат на пешкирче, вадат крем за сончање и колегијално се мачкаат едни со други (видено со свои, завидливи очи на градската плажа во Ла Коруња во Галиција пред некоја година). Не, тука сепак низ град е малку поконзервативно… ама така беше порано. Сега? На 35 и кусур степени, гледаме да се пикнеме во некоја дебела ладовина, да влеземе во самопослуга каде што работат фрижидерите и да мавтавме со лепези и папки, а дома очајнички да правиме промаја, затоа што домовите и добар дел од работните простории во Лондон главно немаат клима-уреди.

Нема клима

На познатиот факултет Лондон Скул оф Економикс, пред некоја недела требаше да се одржи тркалезна маса со угледни експерти, професори и активисти за улогата на климатските промени врз животот на луѓето од економски, политички, културолошки и секаков друг аспект. Бев пријавена, ама не отидов. Настанот за климатските промени беше откажан бидејќи: 1. беше многу жешко и 2. салата немаше – клима-уред. Па беше заклучено дека не е добро за здравјето на учесниците да се одржува ваков семинар, и покрај очигледната важност на темата. Едно друго собирање во Лондон, со предзнак десничарско, сепак се одржа. Во организација на Сојузот за одговорно граѓанство, чиишто поддржувачи ги вклучуваат сопственикот на Џи-би-њуз и редица сопственици на компании за фосилни горива, ова беше збир и на антиаборционисти, антиклиматски промени и антиимигранти. Најинтересниот дел беше тоа што на собирот на противниците на теоријата за климатски промени беше проклето жешко. Не поради дискусиите, тие беа предвидливи, туку поради тоа што внатре беше толку топло, не се дишеше. Зацрвенети во лицето, со облека навлажнета со пот на сите стратешки места, се зборуваше за потребата да се спречат приврзаниците на „нет зеро“, односно оние што се залагаат за намалување на загадувањето од фосилни горива, од издувните гасови; оние што се против копање и горење јаглен, дупчење за нафта и гас во морињата и заштитените области. Тука се презираа и се исмеваа оние што се загрижени од намалувањето на озонската обвивка, кои, според нив, во време на економска криза, мислат на заштитата на човековата околина, како не им е срам, а не на „економските потреби на луѓето“. И како сега да им се објасни, ве прашувам, кога заштитата на околината е и заштита на луѓето, ама тоа пак е помалку профитабилна категорија. И дека можеби на куси патеки ќе има некаков профит, но на подолги не, зашто профитот, како тргнал, ќе ја уништи планетата.

Нема згодни политичари

Премиерот во најава Анди Брнам, седмиот по ред во последните 10 години, покрај решавањето на тоа што е приоритет, дали ќе се зголеми делот од буџетот за одбрана, дали на оние што дошле тука за, велат, подобар живот, ќе им се бара да платат 10.000 фунти затоа што нивната издршка по хотели и касарни чини пари и така натаму, ќе мора да го реши, или да проба да го реши и британскиот придонес кон глобалното затоплување. Логично би било, велат, да го постави Ед Милибанд за министер за човекова околина, покажан и докажан познавач на проблематика и човек од кого стравуваат бензинашите, јагленџиите и другите „профит пред сè“ бизнис ориентирани политичари и финансиери. Е, сега, дел од проблемот е што Милибанд нема некоја харизма и во партијата уште му памтат кога во последен миг реши да се кандидира за премиер и го зафркна сопствениот брат, затоа што синдикатите гласаа за него, па братот Дејвид за кој сите мислевме дека ќе стане пристоен премиер, разочаран, замина за САД. Плус, личи малку на Волис, од популарниот англиски цртан филм „Волис и Громит“, макар што тука нешто не гледаат многу на убавина, зашто ако гледаа, ретко кој ќе станеше политичар. А кога ќе размислам подобро, и во светски рамки ќе да е така, убавиот физички изглед и политиката ретко одат заедно… со исклучок, се разбира на Трудо Помладиот и Шпанецот Педро Санчез.

Лидерката на опозициските конзервативци Кеми Баденок коментирајќи го идниот премиер Анди Брнам, рече дека лабуристите „паднале“ на шармот на Анди, на неговите, како што рече, „долги трепки и црна спортска маица“. Како го забележа токму тоа Кеми, не ми е јасно, затоа што човекот вака наизглед е симпатичен, ама ништо посебно. И веднаш почна да го препотува кутриот, уште не заседнат на премиерското столче, поставувајќи прашања за тоа што и како мисли за бегалците или за економијата или климата или на луѓето или на… Тука е и Најџел Фараж, лидерот на Реформа, кој од заседа и потајно ќе прокоментира нешто, да не го прашаат каде ги потрошил петте милиони фунти од тајванскиот крипто дарител. Па реши да даде оставка на пратеничкото место и да оди пак на избори, за граѓаните на Клактон, неговата изборна единица, а не судовите да решат дали е во право или не. Единствениот противкандидат, откако сите други партии решија да не трошат пари и да не кандидираат свои кандидати, ќе му биде Грофот Бинфејс, „Кантафаца“, дечко со канта за отпадоци на главата познат по хумористични и сатирични, но и сериозни политики кои ги објавува без да ја вади кантата од глава.

Метеоролозите најавуваат долго, многу топло лето. Ќе биде, во секоја смисла на зборот.

(Авторката е новинарка)

Писма од Лондон

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот