Гласање по пошта
Зошто токму сега? Што се случи? Дали некој во Владата една вечер се разбудил вознемирен, со испотена маица и со солзи во очите извикал: „Луѓе, не можам повеќе да спијам. Нашите во Минхен немаат лесен пристап до гласачкото ливче!“ Тешко. Политиката не функционира така. Политиката е трговија и никој не вложува ако не очекува добивка.
Во Македонија постои едно правило постаро и од Морган Фриман. А тоа гласи: „доколку политичар ненадејно почне многу да ве сака, прво што треба да направите е да проверите дали случајно се ближат избори“.
Препорачано
Последниве денови власта откри нова љубов. Не, не е народот. Не се младите што си заминуваат. Не се земјоделците. Не се ни лекарите што секој месец пакуваат куфери.
Туку: дијаспората.
Одеднаш, Македонецот што дваесет години вози камион низ Германија, лепи плочки во Италија или работи трета смена во фабрика во Австралија стана најважниот човек во државата. Толку важен што премиерот предлага на претседателските избори во Македонија да може да гласа по пошта.
Убаво звучи, па дури и праведно. Искрено, човек што има македонско државјанство треба да може да гласа без да патува стотици, па и илјадници километри до најблиската амбасада или конзулат.
Но, во Македонија секогаш има едно „но“.
Зошто токму сега? Што се случи? Дали некој во Владата една вечер се разбудил со испотена маица и со солзи во очите извикал: „Луѓе, не можам повеќе да спијам. Нашите во Минхен немаат лесен пристап до гласачкото ливче!“
Тешко. Политиката не функционира така. Политиката е трговија и никој не вложува ако не очекува добивка.
Затоа секогаш кога политичар ќе почне да зборува за принципи, погледнете каде му е есапот. Во Македонија, дијаспората никогаш не била само дијаспора.
Таа е дознака во извештајот на Народната банка. Таа е полн етноресторан во август. Таа е полна чекалница во приватна стоматолошка ординација во Тетово. Таа е германски автомобил паркиран пред селската куќа во Пешталево. Таа е полна торба подароци донесени од Аустрелија. И, се разбира, таа е потенцијален гласач.
Затоа секои четири години одеднаш станува „најважниот дел од нацијата“, а по изборите повторно со помош на магија станува најобичен непознат телефонски број со странски префикс.
И тука се случува најголемата иронија. Политичарите не ги бараат иселениците затоа што им недостигаат, туку ги бараат затоа што им недостигаат нивните гласови.
Да не се лажеме.
Ниту една партија во Македонија не би отворила ваква тема ако проценуваше дека ќе изгуби гласови. Сите зборуваат за демократија, а во себе пресметуваат проценти. Тоа е единствената математика што никогаш не греши.
Ќе гледаме дебати за коверти. Вакви да бидат, такви да бидат. За поштенски марки, за печати, за поштенски рокови… Ќе се формираат експерти за лепило и за форензика на пликови.
Ќе има прес-конференции за тоа дали ковертот патувал преку Виена или преку Будимпешта. Само никој нема да зборува за тоа зошто тие луѓе воопшто заминаа од татковината.
Тоа е непријатната тема. Полесно е да им испратиш гласачко ливче отколку причина да се вратат. Полесно е да организираш гласање по пошта отколку да им овозможиш стабилна држава во којашто нивните деца ќе сакаат да живеат. Полесно е да испратиш коверт отколку надеж.
И токму затоа целата приказна мириса на расипано јајце. Не затоа што гласањето по пошта е лоша идеја. Напротив. Туку затоа што доаѓа од политичари што со години ретко се присетуваат на дијаспората, освен кога треба да ја споменат во предизборен митинг или да ја пребројат во изборна анализа.
Во Македонија љубовта кон иселениците има чуден календар. Најсилна е кога се бројат гласови. Најслаба е кога се бројат причините поради кои тие луѓе заминале.
На крај, можеби треба да бидеме фер и да им пратиме на иселениците две ливчиња.
На првото нека гласаат за партија, а на второто нека одговорат на прашањето: „Зошто заминавте?“
Јасно ми е, тоа второто никој нема да го брои. Таму резултатот однапред се знае.


