Автомобилот е ваш и кога е на лизинг, со него не располага компанијата на која ѝ го плаќате
Со новиот Закон за финансиски лизинг, Владата воведува построги правила за лизинг-компаниите, поголема заштита за граѓаните и за фирмите и засилен надзор. Најголемите новини се забраната предметот на лизинг да се заложува без согласност на корисникот, а се олеснува и правото за предвремена отплата.
Финансискиот лизинг одамна не е наменет само за купување автомобили. Преку овој начин на финансирање денес можат да се набават товарни и патнички возила, градежна и земјоделска механизација, производствени машини, медицинска опрема, информатичка опрема, пловни објекти, како и друга деловна и индустриска опрема што им е потребна на компаниите. За многу мали и средни претпријатија, но и за граѓаните, лизингот претставува алтернатива на банкарските кредити.
Препорачано
Токму затоа Владата предлага целосно нов закон за финансиски лизинг, со кој значително се менуваат правилата за работа на лизинг-компаниите, но и се зголемуваат правата и заштитата на корисниците.
– Со новите законски решенија се модернизира регулативата, се зајакнува правната сигурност на корисниците и се создаваат услови за поголема доверба во пазарот на финансиски лизинг – се наведува во образложението на Предлог-законот.
Досега лизинг-компаниите како сопственици на предметот на лизинг немаа строга законска забрана да го користат како обезбедување, а прашањето најчесто се регулираше со договорите меѓу страните.
Една од најважните промени е што финансиски лизинг ќе може да врши само компанија што претходно добила дозвола од Министерството за финансии. Истовремено, ќе мора да располага со минимална основна главнина од 30 милиони денари. Со новиот закон Министерството за финансии ќе има значително пошироки контролни механизми. Без претходна согласност од Министерството нема да може да се менува сопственичката структура, управувањето или основната главнина на компаниите за финансиски лизинг. Воедно, ќе биде воспоставен и електронски регистар на сите лиценцирани даватели на финансиски лизинг.
– Со засилениот надзор се обезбедува поголема стабилност на секторот и поголема сигурност за корисниците на финансиски лизинг – стои во законoт.
Предлог-законот воведува обврска сите договори за финансиски лизинг да бидат заверени кај нотар, а ќе биде овозможено и нивно електронско склучување кога се исполнети законските услови.
Во секој договор задолжително ќе треба да бидат наведени предметот на лизингот, динамиката на отплата, условите за откуп, осигурувањето, начинот на раскинување и сите права и обврски на договорните страни.
Поголема заштита за граѓаните и фирмите
Една од најзначајните новини е што корисникот ќе може да го одбие предметот на лизинг доколку не ги исполнува договорените услови. Новите правила им носат дополнителни права на физичките лица.
Тие ќе можат во секое време целосно или делумно предвреме да ги отплатат обврските, при што ќе имаат право на намалување на вкупните трошоци за преостанатиот период. Лизинг-компанијата ќе може да наплати само ограничен надоместок за директните трошоци – најмногу еден процент од предвремено отплатениот износ, односно 0,5 проценти ако до истекот на договорот останува помалку од една година.
Една од најважните одредби предвидува дека компанијата нема да смее да го користи предметот на лизинг како залог без претходна писмена согласност од корисникот. Согласноста ќе мора да биде дадена пред нотар, во посебен документ. Договорите за залог склучени спротивно на ова правило ќе се сметаат за ништовни. Законот воведува и задолжителен регистар на сите предмети што се финансираат преку лизинг, кој ќе го води Централниот регистар. Ќе бидат пропишани рокови за упис, измена и бришење на предметите од регистарот.
Давателот на лизинг ќе има право да бара итно враќање на предметот ако корисникот не ги плаќа ратите, го пренесе користењето без согласност, не го осигура предметот кога е должен, се обиде да го изнесе во странство спротивно на договорот и го користи несовесно. Истовремено, и корисникот ќе има право да го раскине договорот ако лизинг-компанијата не ги исполнува своите обврски.
Ако биде отворен стечај над корисникот, предметот на лизинг ќе му биде вратен на давателот. Доколку, пак, стечај биде отворен над лизинг-компанијата, корисниците ќе можат да бараат исполнување на договорот, негово пренесување кај друг давател или продолжување на договорниот однос.
Предлог-законот предвидува високи санкции за прекршителите. За потешките прекршоци се предвидуваат казни од 16.000 до 20.000 евра, а за најсериозните случаи, како непочитување на решение за одземање дозвола за работа, глобите ќе достигнуваат од 40.000 до 50.000 евра. Санкции се предвидени и за одговорните лица во компаниите, нотарите, ревизорските друштва, стечајните управници, како и за корисниците кога нема да ги исполнат законските обврски. Постојните компании за финансиски лизинг ќе имаат рокови од три, шест и дванаесет месеци за да се усогласат со новите правила. Во спротивно, Министерството за финансии ќе може да им ја одзеде дозволата за работа.


