ДЗС: Извозот достигна над 3,5 милијарди евра, а трговскиот дефицит 1,4 милијарди
Расте увозот, но расте и извозот на земјава. Македонија го продолжи трендот на раст на надворешната трговија и во првите пет месеци од 2026 година. Според најновите податоци, вкупниот извоз на стоки достигнал 217,98 милијарди денари, што претставува раст од 5,7 проценти во однос на истиот период лани. Во евра, извозот изнесува 3,53 милијарди.
Препорачано
Во истиот период, увозот пораснал за 5,9 проценти и достигнал 306,51 милијарди денари, односно 4,97 милијарди евра. Како резултат на тоа, трговскиот дефицит изнесува 88,5 милијарди денари или околу 1,44 милијарди евра, додека покриеноста на увозот со извозот е 71,1 процент.
Најголем придонес во македонскиот извоз и натаму имаат катализаторите со благородни метали, сетовите на проводници за автомобили, делови за седишта и други катализатори. Од друга страна, најголем дел од увозот се однесува на платина и други метали од платинската група, нафтени деривати и патнички моторни возила.
По сектори, најголем раст на извозот е забележан кај хемиските и сродните производи, каде вредноста е зголемена за 21,1 процент. Значителен раст има и кај минералните горива, мазива и сродни производи, со зголемување од 24,8 проценти. Истовремено, пад е регистриран кај машините и транспортните уреди (-1,6 проценти), како и кај разните готови производи (-3,9 проценти).
Германија останува убедливо најголем трговски партнер на Македонија со вкупна размена од над 106 милијарди денари. Следуваат Велика Британија, Кина, Грција и Србија, а овие пет држави заедно учествуваат со повеќе од половина од вкупната надворешнотрговска размена на земјата. Земјите членки на Европската Унија имаат удел од 58,2 проценти во вкупната трговија.
Особено се издвојува растот на трговската размена со Велика Британија, каде вкупниот обем е зголемен за 64 проценти, пред сè поради значително повисокиот увоз. Забележителен раст има и во размената со Полска, додека намалување е евидентирано во трговијата со Бугарија и Турција.
И покрај континуираниот раст на извозот, податоците покажуваат дека увозот и понатаму расте со слично темпо, што го одржува високиот трговски дефицит. Тоа укажува дека македонската економија и натаму е силно зависна од увозот на суровини, енергенси и индустриски производи, иако извозно ориентираните компании продолжуваат да ги зголемуваат пласманите на странските пазари.
Трошоците на живот пораснале за 4,8 проценти за една година, пресмета државната статистика


