Почна собирање донации во бенкици и бебешка облека за ГАК
Здружението „Проект среќа“ чиј основач е пејачката Кристина Арнаудова, на Фејсбук објави повик за донирање бебешка облека за возраст до 3 месеци, откако „Слободен печат“ вчера објави дека на Клиниката за гинекологија и акушерство бебето на мајката ѝ било дадено за првпат да го види – во бенкица со дупки.
Препорачано

На „Фејсбук“ страницата на здружението пишува дека стапиле во контакт и со раководството на ГАК.
-Стапивме во контакт со одговорните од Клиниката и добивме одличен фидбек за идната соработка. Наскоро ќе објавиме детали за акциите што следуваат. На сите ваши пораки кои пристигнуваат во огромен број ќе биде одговорено наскоро, кога ќе имаме детали за реализацијата на донациите, соопшти „Проект среќа“.

Здружението се стави на располагање да обезбеди голема количина на бебешка облека која нивните донатори би ја донирале и ја имаат.
Веруваме дека промените во општеството ги правиме сите ние заедно, и иако тоа е навистина работа на државата и ресорното министерство, ние како здружение сме секогаш тука да бидеме поддршка, не на институциите , туку за децата, како што сме сите овие години. Сите кои имате бебешка облека од 0-3 месеци за донирање, ве молиме да не контактирате. Ќе утврдиме датум и место за складирање и ќе ве известиме (со оглед на тоа што повеќе немаме канцеларии ни наши простории), и потоа заеднички ќе ги доставиме до клиниката, додаваат оттаму.
Во меѓувреме, мајката што во Фејсбук групата „Труднички муабети“ ги објави фотографиите од своето бебе во парталава бенкица, што испровоцира бројни коментари за потреба од подобрување на некои аспекти во болницата, за „Слободен печат“ изјави дека најискрено се надева дека условите и услугата ќе се подобрат, дека нејзината намера не е да ја напаѓа институцијата ниту да бара „виновник“ туку да се подобрат колективно условите.
-Јас добив едукација од персоналот само за тоа како треба да го ставам бебето на града за да почне да цица. Секоја чест на жената којашто ме едуцираше, стручна, смирена и насмеана, такви треба да бидат сите. Кадичката во собата сметам дека не беше во хигиенска состојба, таму и не треба воопшто ни се капе бебе бидејќи чат-пат ја пролазуваа лебарки, објави таа.
Според неа не е во ред да се даде изјава дека секој реквизит (тоалетна даска) кој е скршен, е скршен од корисниците на истиот.
-Зарем трудниците што одат на ГАК одат таму за да кршат тоалетни даски? Ако ГАК забележале оштетен потрошен материјал, којшто се оштетил од користење со текот на времето, треба истиот навреме да се замени уште истиот момент кога ќе се забележи. Срамно е да се вели дека трудниците го искршиле, напиша таа во коментарите во групата „Труднички муабети“, додавајќи дека во првата половина на јуни, кога таа се породила, во одделот за патолошка бременост, во тоалетите во сите соби немало тоалетни даски и тоа можело да го потврди секоја трудница што престојувала во првата половина на јуни на тој оддел.
Ова како што вели, ѝ било посочено и од самиот персонал кога учтиво прашала дали може да користи тоалет од друга соба. Во три соби со свои очи видела и дека тоа е така. Во другите не влегла.
-Имаме разбирање за фактот што условите не можат да бидат идеални и идилични и одлично е што раководството на ГАК инвестира во опрема, а и се примаат примаат донации во вид на опрема. Јас лично бев сведок на истовар на огромни нови апарати за ГАК додека лежев во болница и бев воодушевена и горда што се обновува опремата, сеедно дали е набавена со свои пари или преку донации. Но, верувајте неизбежено е и неопходно е паралелно да се едуцира и персоналот со цел да се подобри односот кон родилките, не само од медицински, туку и хуман аспект, рече таа.
За неа доволно е тоа што ГАК скромно изјави дека како одговорна институција ќе ги разгледаат забелешките со надеж дека ќе се преземат чекори во насока барем на минимално подобрување на условите и односот од персоналот.
-Неопходно е континуирано да се организира семинари за своите вработени за тоа како треба професионално, културно, човечно и учтиво да се однесуваат со трудниците и родилките. Можеби веќе и сте го сториле тоа, но очигледно треба да се повтори.
ГАК не е пазарче, ниту кафуле, тоа е државна институција којашто има репутација во оваа држава и чијашто репутација треба да се задржи и одржи за сите идни поколенија. Тоа е успешна институција којашто го носи на свет потомството на оваа држава, институција во којашто работат огромни професионалци, гинеколози, акушери и други лица, професионалци во својата област, но се провлекуваат и такви кои ги поткопуваат темелите на институцијата.
Тоа што ГАК посочува дека спроведува не само редовни туку и вонредни дезинсекции и дератизции, не значи и дека тие биле успешни. Јас и другите родилки не побаравме од ГАК документација на увид и не се сомневаме во нивните напори да ги искоренат лебарките, туку ја споделивме реалната ситуација.
Ако не е точно дека има лебарки во собите на родилките, нека отиде некој утре на ГАК во собите на родилките да се увери во ова тврдење, да види дали има или нема лебарки и дали во шкафчето под кадичките има остатоци од измет или јајца на лебарки, не навлегувам, напиша родилката во коментар во групата „Труднички муабети“.
Нејзиниот одговор е подолг, а во него таа додава дека оние коишто имаат познанства со персоналот на ГАК нема да се дрзнат да ги објавуваат своите потресни стории. Таа предложи да се ангажира тим за редовна континуирана обука на персоналот во делот на меките вештини, како на пример семинар за професионална етика во грижата на пациентите или за етички и професионален однос кон пациентите, со цел персоналот самиот да не си го нарушува угледот на клиниката во која што работи.
– Посочените информации во јавноста преку бројните јавно објавени коментари од пациентки со споделени искуства јавно го потврдуваат фактот дека не станува збор за ширење на дезинформации, туку за голата вистина со којашто мораме, за жал, да се соочиме и да смогнеме заеднички сили и напори да ја надминеме.
ГАК би требало да ги штити, како својот персонал, така и своите пациентки од противправна злоупотреба, навреди од страна на персоналот и нарушување на дигнитетот и достоинството на пациентките. Нивното сведоштво низ коментарите на социјалните медиуми ја потврдува неоспорливата точност на она што е објавено од Слободен печат. Тоа беше и целта и сржта на моето споделено лично искуство и фактот што голем број родилки од земјава се охрабрија отворено да го споделат и своетото искуство, а коешто беше објавено од страна на Слободен печат, додаде таа.
Според неа, можеби треба да се преиспита хиерархијата на делување на ГАК со цел оптимизирање на работните процеси, а не слепо да се штити персоналот.
-Пред сѐ, ГАК и раководството на ГАК треба да работи и функционира како државна институција, меѓу другото, и во интерес на здравјето на родилките во нашава земја, оние коишто даваат потомство на земјата, мајките кои ја раѓаат нашата земја (Ваши сестри, можеби мајки, тетки, вујни, братучетки, другарки), а не во интерес исклучиво на персоналот.
Менаџментот на ГАК, како искусен тим од реномирани и професионални стручњаци и лидери од својата област, можеби потребно е да ја согледаат и положбата на своите пациентките и да се афирмираат целите на постоењето на оваа институција, а не да се чувствува директно нападнат од медиумите и родилките и веднаш преку дадената изјава да остави впечаток дека постапува дефанзивно или крајно офанзивно. Јавна тајна е што се случува во нашето здравство, требаше само некој да потсети, посочи таа.
Таа ја поздрави Школата за психофизичка подготовка на идните мајки што е воведена на ГАК, и смета дека треба да добие поголем публицитет и репутација во јавноста бидејќи за неа дознала кога била дури во породилна сала. Целиот коментар е објавен во групата „Труднички муабети“.
ВИДЕО | Срамота е да биде „табу“ што жените во Македонија поминуваат низ постпородилна депресија


