ВИДЕО | Срамота е да биде „табу“ што жените во Македонија поминуваат низ постпородилна депресија

Постпородилна депресија: Niall Wiggan / Panthermedia / Profimedia

Голем број жени во Македонија кои штотуку се породиле, се соочуваат со некакви симптоми на постпородилна депресија, вели за „Слободен печат“ гинекологот Албина Бејта од Клиниката за гинекологија и акушерство.

Дека оваа состојба е честа, покажува и фактот што над сто жени од државата, анонимно или со откриен идентитет одговорија на повикот на  „Слободен печат“, да ги споделат своите лични искуства кои ги имале во оваа состојба.

Поради обемот на сведоштвата неможно е да се објават сите во еден текст, но охрабрувањето од оние кои поминале низ тунелот на постпородилната депресија до другите жени, е да побараат помош и дека – поминува.

Компетитивноста меѓу новите мајки и бесполезната борба за тоа која од нив е „подобра“, притисокот од околината за тоа како треба да се чувствуваат жените по породувањето, но и игнорирањето на проблемот, само додаваат сол на раната.

Бројни жени со кои разговаравме сметаат дека постпородилната депресија е тема што итно треба да се детабуизира во македонското општество, а жените да си помагаат една на друга преку информираност и солидарност. 

Маргарита Арсова од Скопје се сеќава на периодот после породувањето како на поинаков. Породувањето било тешко, а од силината на болките, вели дека ги искршила ноктите од гребење по ѕидовите во болницата.

Бременоста не била баш најпријатна, па тоа кај Арсова создало постојана загриженост за нејзиното бебе. Кога се породила, вели дека не знаела што треба да прави, дека едвај чекала да дојде сестрата и да го земе бебето. Одговарала на мејлови за работа, 24 часа по породувањето, само за да почувствува дека „сè е нормално“.

– Дома, сопругот тргна на работа 24 часа по враќањето со бебето. Беше тешка зима а јас затворена во стан од 50 квадратни метри,  со векна леб со која немав никаков однос. Доаѓаше мајка ми на помош, а јас ѝ плачев дека не знам што ми се случува, ама дека не ја сакам. Не можам да ја засакам, дека ми треба време, вели Арсова.

-Мајка ми веднаш ме спречи дека зборувам глупости. Престанав да јадам, престанав да спијам, снемав млеко. На 10-тиот ден со количка и со бебето отидов до работа да ги видам колегите, луѓето надвор ме осудуваа како сум можела да излезам со толку мало бебе надвор.

Голема среќа имав што тоа го препозна мајката на мојот сопруг, бидејќи верувам и таа минала низ истото. Ми рече да почнам да одам на работа, дека ќе ја чува ќерка ми на неколку часа додека сум таму. И почнав. И се извлеков од тежината која ја имав дека за мене животот заврши, само поради тоа што излегов од дома и направив нешто за себе.

Ќерка ми имаше тогаш само 4 месеци. И ден денес кога ќе кажам дека кога таа имала 4 месеци сум го прекинала породилното, ме осудуваат. Јас знам дека тоа ме спаси – вели таа.

Арсова смета дека најосновно е во текот на бременоста и после породувањето, во болниците да има обврзен разговор со психолог.

-Како што доаѓа дома патронажна сестра, така да дојде и психолог. Бидејќи кому и да го раскажеш проблемот, дури и на сопствените родители (мајка), не можат да разберат.

Или дека поминало доста време од нивното време кога станале родители, или бидејќи секое искуство е различно. Многу е важно жените отворено да разговараат, дури и понатаму во животот, какво искуство имале, бидејќи може да ги слушне друга жена која поминува низ постпородилна депресија и да се охрабри да побара помош.

Мораме да го дестигматизираме разговорот, мора да сфатиме дека за здраво бебе мора да има здрава мајка – вели Арсова за „Слободен печат“.

Ризикот жената да развие депресија за време на првиот месец после породувањето е трипати поголем споредено со останатите жени на иста возраст. Ако мајката страдала од депресија пред бременоста, тогаш ризикот од постпородилна депресија е 25 проценти.

Гинекологот, доктор Албина Бејта од Клиниката за гинекологија и акушерство вели дека кај 80 проценти од породените пациенти забележуваат некакви симптоми на промена на расположението. Најлесниот степен се нарекува „бебешка нажаленост“ (baby blues).

– Ако тие симптоми продолжуваат и се продлабочуваат подолго од две недели, ако дојде до одбивање за грижа за бебето или многу посериозни симптоми како самоубиствени мисли, тогаш тоа е постпородилна депресија чиј најтежок степен е постпородилна психоза.

Секој ден се среќаваме со пациентки што имаат некои од овие симптоми. На нашата клиника имаме вработени психолози. Ние како гинеколози кога ќе ги видиме овие симптоми прво им нудиме психолошка поддршка, на што дел од пациентките многу лошо реагираат кога ќе се спомене психијатар.

Затоа прво им нудиме психолошки разговор и психолошка поддршка, а ако психологот процени дека има потреба за психијатар, имаме многу добра соработка со Клиниката за психијатрија. Тие ни се на располагање – вели доктор Бејта.

Таа објаснува дека има многу фактори кои влијаат кај жените да се појави постпородилна депресија.

„После породување наеднаш има пад на хормоните и хемиски и емоционален дисбаланс. Има и надворешни причини, како претходно доживеана депресија, социјални, брачни проблеми, ниски социјални услови за живот.

Сите тие работи создаваат кај дел од жените предиспозиции за развивање на постпородилна депресија или „бебешка нажаленост“, објаснува докторката.

На Клиниката каде што работи, докторката вели дека полесните симптоми како расплакување, тага и неможност за снаоѓање во новата состојба кај новите мајки се присутни секој ден. Но, алармира дека најсериозно е кога пациентките ги кријат симптомите.

„И од семејствата имаме проблем бидејќи тие уште ги имаат тие стереотипи и предрасуди кога ќе се спомене психолог или психијатар.

Има многу лоши реакции и треба време прво за да му се објасни на семејството, па на пациентката дека нема ништо лошо во тоа да се има психијатриски преглед, па и терапија да се земе доколку е потребно.

А посериозните симптоми ги гледаме секоја недела. Многу често сме во контакт со Клиниката за психијатрија бидејќи мораме многу брзо да реагираме. Не треба да се оставаат жените самите да се лекуваат.

Пораката до сите лекари и пациентките кои планираат бременост, е што повеќе да се информираат за постпородилната депресија, како и за сите промени кои следуваат после породувањето. Да се спремат психички за тој период и да бараат поддршка од семејството и од својот круг на пријатели, но и од лекарите“, вели докторката.

Психологот од ГАК вели дека после породувањето многу жени имаат промени во своето расположение, во еден момент се среќни, веќе во следниот момент плачат. Тоа се поврзува и со хормонските промени што се случуваат во текот на бременоста и после породувањето.

Самото раѓање претставува период на големи промени, а новите мајки доживуваат биолошки, физички, емоционални и социјални промени. По породувањето кај голем број од жените се јавува „бебешка нажаленост“ поврзана со хормоналните промени и се јавува во првите две недели до породувањето.

Постпородилната депресија вклучува депресивно расположение, плачливост, губење на интересот и задоволството во секојдневните активности, нарушен сон, замор, намалена концентрација, чувство дека некој е неспособен како родител, па дури и самоубиствени мисли.

Сето тоа може да влијае на способноста на жената да се грижи за бебето. За разлика од постпородилната депресија, постпородилните психози вклучуваат лажни верувања, халуцинации, агитираност, конфузност и тоа бара задолжителен третман.

Постојат ризик-фактори кои може да влијаат врз развојот на постпородилната депресија како што е мината историја на психичко страдање, недостаток на социјална поддршка, насилство, злоупотреба, непланирана бременост. Психолозите со кои разговаравме велат дека најважно е мајките да си дозволат да побараат помош за грижата околу бебето, од семејството, партнерот, но и да разговараат за тоа што го чувствуваат.

Споделувањето овозможува да видат дека и други поминале низ нешто слично, дека не се сами, не се единствени коишто така се чувствуваат. Важно е мајката да не заборави на грижата за себе, да јаде, да се одмора, да си дозволи малку време за себе за да направи нешто во што ужива.

 

Тоа што се работи за многу посакувана бременост, не значи дека не може да се појави депресија

 

Дел од мајките кои ги споделија своите искуства, велат дека тоа што нивната бременост била многу посакувана, не ги поштедило од преживувањето на депресијата потоа.

– Имав многу посакувана бременост, планирана, на возраст од речиси 40 години. Прво посакувано дете. Го нагласувам тоа бидејќи во моментот кога се породив, почувствував нешто сосема друго. Точно откако се породив, по целата еуфорија и извршен царски рез.

Прво дека нема назад од ситуација со која наеднаш не можам да се носам, добивање на нов идентитет кој некако како да не сум јас. Страв од лична некомпетентност, неподготвеност, страв да го држам детето, страв дека ќе се задуши, или дека ќе ми падне, или дека ќе го испуштам од раце. Страв поради „грешни чувства“, недостаток на онаа позитивна еуфорија и љубов на прв поглед во своето дете. Тага која не можам прецизно да ја дефинирам, некаква отуѓеност, тежина и притисок и страв кои иако рационално и свесно ги обработував – размислував, анализирав – не можев да ги сузбијам.

Во болница не препозна никој, ниту пак бев прашана од пероналот како се чувствувам, визитите беа практични укажувања, за тоа што и како да правам со детето, проверки на операцијата, терапија, без прашања насочени на психичката состојба. Дали било видливо моето чувство, мислам дека не, или пак не доволно – вели мајка чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата.

Кога веќе си заминала дома, лошите мисли почнале да надоаѓаат во бранови, но ѝ било непријатно да зборува за нив со било кого. Помош побарала кај психијатар.

– Психијатарот беше пријател на мојата душа. Пред неа кажував сè. Мислам дека најсилна, трансформативна моќ имаше во тоа да се соголам буквално пред стручно лице од доверба, да се почувствувам слободно да говорам за најболните чувства, мисли, без страв од осуда дека сум неподобна, луда и со комплетно разбирање. Безбедна зона. Моја карпа беше мојот психијатар, јас само таму можев за ова да зборувам и целосно да се отворам. Ова целосно е многу важно.

Најдлабоко, најискрено би им порачала на сите жени, кои на некој начин се засегнати дека не се сами, но дека над своите мисли, чувства, над своето битие некогаш едноставно не можете да имате контрола. Да бараат стручна помош. И да знаете дека е процес, дека колку и да е страшно, ќе помине – вели таа.

Нашите соговорнички сметаат дека е потребна голема едукација, работилници, консултации, разговор со бремените жени за психолошките, хормонски и ред други промени кои можеби ќе следуваат, а кои можат да бидат силни, драматични, задушувачки и единствена реалност во даден период на жените.

Ова е обврска на државата каде што за ваквите проблеми и состојби кои се почести отколку што се мисли  е поразително и опасно да не се зборува.

„Мојата состојба траеше некаде година дена, првата половина драстично поинтензивна од втората. Не помина преку ноќ ништо, но помина комплетно, иако имав чувство дека никогаш нема да помине. Сега мислам дека родителството е најубавото нешто што ми се случило, уживам и го обожувам своето дете“, вели нашата соговорничка.

Дел од мајките чувствуваат вина што не можат веднаш по породувањето да чувствуваат еуфорија и благодарност, туку ги преплавуваат други чувства.

– Кога се вратив од болница дома, без млеко, со бебе кое спие подолго поради жолтица, се прашував зошто не чувствувам некој инстикт, радост, туку повеќе немир и паника што ќе правам со бебето.  Исфрустрирана од тоа дека не можам да го нахранам со мајчино млеко незаинтересираното бебе за доење, почнав да се затварам во себе, да се кријам од домашните, да плачам и да се оптоварувам со прашањата зошто ги немам потребните емоции и не можам да се поврзам со долгоочекуваното чедо. Имав осцилации во расположението, безволност, фрустрација поради спреченоста да ги извршувам нормално и редовно основните потреби како јадење и туширање.  Ги чекав фамозните 40 дена како затвореник дека нешто ќе се промени, напротив, полошо беше. На крајот во таа состојба донесов заклучок дека била погрешна одлуката да бидам мајка. Му го соопштив тоа на сопругот кој беше збунет, но немаше конкретно решение туку само зборови на утеха и повремена помош во обврските.

До ден денеска ме иритираат коментарите „па ти што мислеше, така лесно се чуваат деца“, „ех, ајде де, сите сме поминле низ тоа“ и „многу сте размазени вие младите, во наше време…“ – вели една од нашите соговорнички.

Смета дека од голема помош за неа во тој период би било ако некој ѝ навестел или ѝ дал реална слика за тоа што ѝ претстои по породувањето.

„Да ми кажеа дека постојат определени суплементи и храна кои би можеле малку да ја подобрат психофизичката состојба. Дека бебињата имаат грчеви и тоа не е ни малку лесно. Дека ќе се случи хормонски дисбаланс, дека мајчинскиот инстикт не се активира веднаш откако ќе ти го извадат од утробата детето, ниту пак кога прв пат ќе го видиш или допреш.

Едноставно мислам дека луѓето околу бремената жена не треба да го прават моментот толку спектакуларен и розов, туку реално да ги соопштат можните предизвици. И секако потребно е подигнување на јавната свест за да не се чувствува родилката како изолиран случај. Потребна е и стручна помош, не е ништо срамно, иако мислам дека кај нас тоа е уште табу тема“, додава таа.

Главниот проблем кој го посочуваат жените што споделуваат лични искуства од постпородилниот период е минималниот систем на поддршка.

„Овој период беше екстремно тежок за мене, бев осамена, тажна и се чувствував дека не сум никому важна и потребна освен на бебето за да го дојам. Најголем тригер ми беа коментарите  „неблагодарна си”, „ако ослабнеш ќе се чувствуваш подобро”, „ако излезеш од дома на воздух ќе ти биде подобро” и слично.

Денес, од оваа перспектива, после речиси три години мислам дека можеби требаше да побарам повеќе помош, да најдам некој што би ме слушал, дали друг терапевт, пријател или член на семејството. Но во тој момент едноставно можеби не бев свесна дека е толку лошо.

Дури денеска кога се присетувам сфаќам дека ми била потребна огромна поддршка“, вели една од жените што излегле од постпородилна депресија.

Нашите соговорнички сметаат дека осудата од околината и неразбирањето, не можат да им бидат пријател во најтешките моменти. Притисокот од околината околу тоа дали дојат или го хранат бебето со адаптирано млеко, дали се породени природно или со царски рез, исто така посакуваат да не бил дел од нивниот живот.

– Првпат почувствував дека нешто не е во ред уште во болница и не можев да си објаснам од каде тој наплив на тага, солзи и болка кога пред неколку дена се сторив мајка на живо и здраво дете.

Сестрите од болницата ме одминуваа и не ме ни прашуваа, што се случува, зошто тие солзи, но како да знаеја длабоко во себе низ каква психичка состојба поминувам и што ме чека. Кога си дојдовме дома, се сеќавам, седнав во еден агол да го дојам бебето, а на масата во трпезарија ручаат, сопругот, мајка ми и свекрвата во знак на радост и некоја прослава.

Е, тука веќе ме ‘удри’ уште појако, тука потонав и сфатив дека во оваа дупка без дно сум сама. Поминаа неколку дена и ноќи и на првата заедничка прошетка со сопругот и бебето му кажав дека не сум добро. Беше емпатичен и се обиде да ми помогне колку што тој разбираше и можеше – вели една од жените кои сакаат да го споделат своето искуство со јавноста.

Таа вели дека периодот за поврзување со бебето не е инстантен, туку треба да му се даде време на времето.

„Би сакала да го кажам и најболниот дел од цело тоа патување. И додека го пишувам ова, плачам. Ми требаше извесен период да се поврзам со бебето. Едноставно имав чувство дека тоа не припаѓа во нашиот дом и дека не сакам да биде до мене. Сите тие ноќни подои ме правеа агресивна и несреќна. Не уживав и за мене тоа не беше магичен момент.

Бебето, пак само кај мене се смируваше. Јас со денови станував и го одминував. Не му пружав никаква мајчинска љубов. Сѐ додека на еден редовен педијатриски преглед не ми кажаа, детето ти е гладно, немаш доволно млеко. Тука (верувале или не) ми олесна.

Фактот дека треба да дадам адаптирано млеко малце ме смири. Едноставно јас не бев мајката што сака да дои и со текот на времето сфатив дека тоа е сосема во ред. Затоа што моето дете денес е супер среќно, јако и здраво“, вели нашата соговорничка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот