Пчелите го обожаваат овој прекрасен цвет, а јули е идеален месец да го размножите во вашиот двор
Пчелите се неверојатни суштества и имаат клучна улога во опрашувањето на многу земјоделски култури и диви цвеќиња. Сепак, нивната популација постојано се намалува, а јули е особено тежок период за нив. За среќа, постои едно растение што лесно можете да го размножите токму сега и со тоа да ја претворите вашата градина во вистинска оаза за опрашувачите.
Препорачано
Пчелите се незаменлив дел од нашиот екосистем. Покрај тоа што произведуваат мед, нивната улога во опрашувањето е од суштинско значење за производството на храна и зачувувањето на биолошката разновидност. За жал, популациите на пчели во Европа и во светот во последните неколку децении бележат значителен пад, што предизвикува сериозна загриженост.
Поради тоа, сè почесто се апелира граѓаните во своите градини, дворови и на балконите да засадуваат растенија и цвеќиња што ги привлекуваат пчелите и им обезбедуваат неопходен извор на храна. Без разлика на големината, нашите градини можат да станат безбедно засолниште не само за пчелите и бумбарите, туку и за други важни опрашувачи како што се осите, лебдечките муви, бубамарите и тврдокрилците. За птиците и ежовите, тие претставуваат место за одмор, храна и засолниште, пишува „Мирор“.
Јули е клучен месец за помош на пчелите
Токму јули, поради високите температури и сушата, е еден од најтешките месеци за пчелите. Пчеларите често го нарекуваат „период без паша“, бидејќи повеќето медоносни растенија престануваат да цветаат, оставајќи ги пчелните заедници без доволно храна. Во такви услови, секој цвет што нуди нектар е од непроценлива важност.
Со правилен избор на цвеќиња, растенија и дрвја, секој може да го претвори својот двор во богато живеалиште за опрашувачите. Но, ако немате многу простор или време за одржување на градината, постои едно растение што вреди да го размножите токму во јули – а пчелите едноставно го обожаваат.
Во видео објавено на Тикток, британскиот хортикултурист Пол Аткинсон од Кралското хортикултурно друштво објаснува како лесно да ја размножите лавандата и подоцна да ја засадите во вашата градина.
– Лавандата е извонредно растение за секоја градина и е одлична за пчелите – вели тој.
Зошто лавандата ги привлекува пчелите?
Пчелите ја сакаат лавандата затоа што нејзините виолетови цветови се многу забележливи за нивниот вид, кој е чувствителен на ултравиолетова светлина. Истовремено, растението испушта силен и препознатлив мирис што им служи како природен сигнал.
Иако лавандата ја посетуваат различни видови пчели, особена наклонетост кон неа покажуваат бумбарите.
Дополнително, лавандата долго време обезбедува богат и лесно достапен извор на нектар, што совршено одговара на нивните потреби за исхрана. Иако најдобро време за садење е средината или крајот на пролетта, кога почвата ќе се затопли и ќе помине опасноста од мразови, јули е идеален период за нејзино размножување.
Како да размножите лаванда?
Постапката е многу поедноставна отколку што изгледа, а успехот е речиси загарантиран ако се следат неколку основни чекори.
– Кај лавандата земаме полузрели резници. Со остар нож отсечете гранче веднаш под јазолот на листот. Токму на тоа место има најголема концентрација на природни хормони за вкоренување, што ќе ѝ помогне на резницата побрзо да пушти корен – објаснил Пол.
@the_rhsQuick and easy way to propagate lavender, to help pollinators in your garden AND save money! 🐝💜
Откако ќе подготвите неколку резници, наполнете саксија со земја и лесно притиснете ја за да слегне. Отстранете го вишокот земја, а потоа внимателно поставете ги резниците, оставајќи доволно простор меѓу нив.
– Сега кога резниците се засадени, треба добро да ги полееме. Тоа ќе помогне земјата цврсто да се прилепи околу резниците – рекол Пол.
Чувајте ги резниците во затворен простор
На крајот, Пол советува свежо засадените резници да се чуваат во затворен простор. Саксијата покријте ја со проѕирна пластична ќеса, прицврстена со ластик, за да се создаде ефект на мини-стаклена градина.
– Редовно отстранувајте ја ќесата за да се обновува воздухот околу растенијата и да се спречи појавата на гниење – советувал тој.
Според него, потребни се четири до шест недели за да се развие кореновиот систем, а околу осум недели за растенијата да бидат подготвени за пресадување во посебни саксии.
Ако ги земете резниците во јули, тие ќе бидат подготвени за садење на отворено на почетокот на есента. Така коренот ќе има доволно време да се зацврсти пред зимата, а веќе следното лето ќе имате нови, здрави грмушки лаванда што ќе ги хранат пчелите и ќе ја разубавуваат вашата градина.


