Дивиот премин на Бит Пазар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Дивиот премин на Бит Пазар - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Градот успеа да го тргне „Али тобако“, но никако да го реши дивиот премин на Бит-пазар

Ни од Град Скопје ни од Општина Чаир се немаат огласено за состојбата со дивиот премин, кој во изминативе месеци беше оспоруван јавно помеѓу граѓаните, а за неговото постоење се водеа жестоки дебати и во Советот на Град Скопје, особено откако градоначалникот Ѓорѓиевски не успеа да го исполни ветувањето дека на местото ќе биде поставена ограда со што трајно ќе се решеше проблемот.

Пет месеци по првичната најава за уривањето на „Али тобако“, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски кусо информираше дека денеска започнува отстранувањето на проблематичниот објект што со години ја блокираше пешачката и велосипедската патека покрај булеварот „Крсте Петков Мисирков“ кај Бит-пазар, но на само неколку метри од овој веќе непостоечки објект си постои нелегалниот премин чие затворање со месеци е толку голема и важна тема на дискусија во јавноста, што дури и самиот градоначалник се пишмани и не постави ограда поради протестот на чаирчани.

Ѓорѓиевски: Ќе се руши „Али тобако“ на Бит-пазар и сите диви објекти низ градот што блокираат тротоари

Тобакото конечно се отстранува

Ѓорѓиевски вчера накусо напиша дека е склучен договор за отстранување на нелегалната трафика што со години го узурпираше тротоарот.

– Се урива „Али тобако“. Со добар збор и домаќински пристап, нема невозможно решение – накусо информираше Ѓорѓиевски.

Тој претходно најави засилени акции за отстранување на дивопоставените објекти низ градот, кои низ годините биле изградени без соодветна документација, а со тоа тие узурпираат јавни површини, велосипедски и пешачки патеки, како и зелени зони, а како таков Ѓорѓиевски прв го посочи токму овој објект што се урива.

– На Бит-пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор, ќе постапуваме – истакна тогаш градоначалникот.

ФОТО | Конечно се отстранува „Али тобако“ од пешачката патека на Бит-пазар

Денеска, објектот веќе е вон функција и се отстранува од пешачката патека, додека, пак, „Али тобако“ сега има нова локација и е сместен веднаш на почетокот на Бит-пазар, каде работи во полна пареа, но сега не го блокира тротоарот и велосипедската патека како што беше случајот изминатата деценија. Од Град Скопје велат дека новата локација на тобакото не е обезбедена ниту предложена од Град Скопје.

Од Општина Чаир исто така се пофалија дека го ослободиле јавниот простор што со години беше узурпиран од овој објект, а од локалната самоуправа најавија дека овој тип акции ќе продолжат во периодот што следи на различни локации низ Чаир.

– Со одлука на Општина Чаир, во соработка со Град Скопје, е отстранета конструкцијата на киоскот „Али тобако“, кој се наоѓаше во близина на пешачкиот премин во реонот на Бит-пазар и со години зафаќаше дел од тротоарот и јавниот простор. Со оваа интервенција, просторот повторно им се става на располагање на граѓаните, овозможувајќи побезбедно и понепречено движење на пешаците. Општина Чаир ќе продолжи и во иднина со слични активности на други локации, со цел ослободување на јавните површини, подобрување на нивната функционалност и унапредување на урбаниот ред – се вели во општинското соопштение.

Али тобако на Битпазар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Али тобако на Битпазар – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Ни збор за дивиот премин

Сепак, ниту од Градот ниту од Општина Чаир се немаат огласено за состојбата со дивиот премин, кој во изминативе месеци беше оспоруван јавно помеѓу граѓаните, а за неговото постоење се водеа жестоки дебати и во Советот на Град Скопје, особено откако градоначалникот Ѓорѓиевски не успеа да го исполни ветувањето дека на местото ќе биде поставена ограда со што трајно ќе се реши проблемот.

Некои чаирчани побарале да не се затвора дивиот пешачки премин кај Бит-пазар, но Градот е решен да постави ограда

Дел од советниците од опозицискиот блок, пак, одлуката за оставање на неозначениот премин отворен за пешаци ја сметаа како политичко ретерирање на скопскиот градоначалник, кој беше одлучен и сигурен дека местото ќе се затвори, а потоа се предомисли.

– Вие пред некое време во медиумите излеговте со дециден став дека пешачкиот премин ќе биде затворен, но откако наидовте на отпор кај граѓаните, по неколку дена вие веднаш го сменивте вашиот став и рековте дека доколку граѓаните мислат и сметаат дека таму треба се направи пешачки премин, вие ќе направите пешачки премин, односно доживеавте целосно политичко ретерирање – изјави советничката од Левица, Милица Давчева.

На овие обвинувања дека сменил став, Ѓорѓиевски тогаш одговори дека не ретерирал, туку направил чекор назад и ја слушнал волјата на народот, по што решил дека ќе се изнајде друго сообраќајно решение за оваа црна точка.

– Не станува збор за политичко ретерирање тоа што кажав дека ќе се консултирам со граѓаните бидејќи кај многумина од нив видов искрено барање на друг начин да го промениме и регулираме движењето на пешаци, земајќи предвид дека најголемиот број забелешки беа од повозрасни граѓани. Јас не се срамам и не се плашам некогаш ако треба некогаш да одам чекор назад кога е во прашање наредната волја- одговори градоначалникот – изјави тогаш Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски тврди дека не ретерира туку „прави чекор назад“ од ставот за дивиот премин кај Бит-пазар, но „Али тобако“ сигурно ќе се урива

Двајца прегазени додека Градот и МВР бараат чаре

Дополнителен факт дека местото е преопасно за пешаците, а направи поголем притисок за градските власти, беше несреќниот случај неколку дена по блокадата на чаирчани, кога две лица беа прегазени и повредени поминувајќи токму на овој премин во Чаир.

Овој несреќен случај, според советниците од опозицијата, е демант од реалноста и последица на тактизирањето, калкулациите и премислувањето на Ѓорѓиевски за тоа како ќе се реши овој нелегален и необележан пешачки премин.

ВИДЕО | Двајца пешаци се прегазени на дивиот премин кај Бит-пазар

Од Градот неодамна за „Слободен печат“ соопштија дека се во комуникација и со Општина Чаир, и со МВР во однос на изнаоѓање сообраќајно решение, кое, според ограничениот број опции, веројатно ќе биде бележење на преминот со „зебра“ и поставување на еден сообраќаен знак.

На оваа тема неодамна се огласи и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој исто така немаше конкретен став за тоа како ќе се реши проблемот со дивиот премин, туку само најави дека во иднина на таа локација ќе има одредени активности.

Дивиот премин на Бит Пазар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Дивиот премин на Бит Пазар – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Тошковски посочи дека прашањето веќе е отворено на координациите меѓу Министерството за внатрешни работи и Град Скопје и најави конкретни активности во наредниот период.

– Постојат редовни координации и оваа тема е веќе разгледувана. Во иднина очекувајте конкретни дејства за подобрување на безбедноста – изјави министерот.

„Слободен печат“ повторно испрати прашања до Градот дали веќе има некакво решение за нелегалниот премин.

– Во врска со дивиот премин, се разгледуваат повеќе опции, кои се законски издржани и што е најбитно во интерес на граѓаните за зголемување на безбедноста во сообраќајот. За предлог решенијата за таа позиција ќе бидете навремено известени, велат од Градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот