На ерозивно подрачје на Водно се планира изградба на десетици нови објекти, тврдат од „Шанса за Центар“
Нацрт-планот, кој е на дневен ред на Советот на Општина Центар е приватна иницијатива од фирма која има имот во рамки на ДУП и на чие земјиште претходно биле планирани градби за државни институции кои сега, „сосема случајно“, се менуваат во приватно домување – велат од Иницијативата.
Околу 30-тина нови градби предвидува новиот Нацрт-детален урбанистички план за просторот на Водно кој се нарекува Барутана. Планот се најде на дневен ред на седницата на Советот на Општина Центар, која започна во вторникот, но потоа беше прекината и ќе продолжи во наредниот период кога советниците треба да го кажат своето мислење за овој ДУП.
Препорачано
Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ денеска алармираа дека Нацрт ДУП-от за Барутана ги надминува параметрите дозволени од Генералниот план на градот и дека може да создаде ново ерозивно подрачје над градот.
Просторот на Водно кој се нарекува Барутана, почнува од полицијата каде почнуваат и планинарските патеки. Во Планот за енергија и клима на Општина Центар веќе е обележан како подрачје загрозено од ерозија со препорака на него да се сади квалитетна шума, а не да се садат станбени објекти. И во самата проектна програма врз основа на која се изработувал ДУП пишува дека „задолжителна мерка за заштита и спасување која треба да се разработи во планската документација е опасноста од ерозија – посочуваат од „Шанса за Центар“.
Но, како што тврдат оттаму, во самиот ДУП нема никави мерки за заштита од ерозија, ниту заштита од потенцијални шумски пожари и поројни поплави и прашуваат зошто се занемаруваат стручните ставови.
Поучени од постоечките случаи на лизгање на земјиште низ населбите по падините на Водно (Клиниката за детски болести и хотелот Тасино Чешмиче), пак се предлага на овој стрмен планински терен да се градат уште десетици крупни градби. Со ова решение се отвораат само нови опасности. И тоа не е се. Планот е приватна иницијатива од приватна фирма која има имот во рамки на ДУП и на чие земјиште претходно биле планирани градби за државни институции кои сега, „сосема случајно“, се менуваат во приватно домување – велат од Иницијативата.
Оттаму објаснуваат дека „Шанса за Центар“ е категорично против ваков ДУП и дека новите планови треба да ја подобруваат состојбата и да ги решавават грешките од претходните штетни ДУП-ови кои го претворија градот во бетонска џунгла, а не да ги повторуваат и да ги зголемуваат.

Тие објавија и фотографија од планот на која со сина боја се означени објектите кои уште не се изградени, а се предвидуваат и со овој ДУП, за да се види уште колку градење се планира во овој дел на Водно.


