Кои се главните предизвици за НАТО?
Некои функционери стравуваат дека војната со Иран би можела да го засени собирот, но се надеваат дека лидерите ќе останат фокусирани на основната задача на Алијансата — одбрана и одвраќање.
Лидерите на НАТО, кои ќе се соберат на самит во Анкара на 7 и 8 јули, ќе разговараат за низа предизвици со кои се соочува Алијансата — од преземањето поголема одговорност од страна на Европа за безбедноста на континентот, до зголемувањето на одбранбеното индустриско производство, пишува „Ројтерс“.
Препорачано
Некои функционери стравуваат дека војната со Иран би можела да го засени собирот, но се надеваат дека лидерите ќе останат фокусирани на основната задача на Алијансата — одбрана и одвраќање.
Да се задржи Трамп во Алијансата
Претставници на НАТО велат дека една од нивните главни цели е да се зачува единството и САД да останат посветени на членот 5 од договорот, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите.
Алијансата годинава се соочи со две кризи што ги зголемија тензиите во трансатлантските односи — барањата на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање сопственост врз Гренланд, автономна територија на членката на НАТО Данска, и неговиот гнев кон сојузниците во НАТО поради нивниот одговор на војната со Иран.
Американскиот претседател ја нарече Алијансата „хартиен тигар“ и рече дека размислува за повлекување од НАТО. Генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, се обидува да ги смири тензиите, користејќи комбинација од ласкање и од податоци за да го убеди Трамп дека европските членки на НАТО ги исполнуваат своите ветувања.
Префрлање на товарот
Администрацијата на Трамп ги притиска европските влади да ја преземат главната одговорност за конвенционалната одбрана на Европа, додека Вашингтон настојува да насочи повеќе ресурси кон Индо-Пацификот.
Некои промени веќе се во тек: Вашингтон одлучи да го намали фондот на американски воени капацитети што би му биле достапни на НАТО во криза, а европските членки на Алијансата ги пополнија речиси сите празнини. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет најави и нова ревизија на распоредувањето на американските војници во Европа и се закани дека ќе задржи дел од американските уплати кон НАТО ако сојузниците што „се шлепаат“ не ги исполнат обврските за одбранбено трошење.
Европските функционери велат дека работат на зајакнување на одбраната. Но, некои го доведуваат во прашање американскиот пристап, тврдејќи дека за транзиција е потребно време и изразувајќи загриженост поради непредвидливоста на политиката што доаѓа од Вашингтон.
Повеќе трошење
Европските членки на НАТО и Канада се под силен притисок да ги зголемат инвестициите во одбраната — и за да се подобрат одвраќањето и одбраната од Русија и за да му покажат на Трамп дека сериозно ги сфаќаат неговите барања за префрлање на товарот.
На самитот во Хаг минатата година, лидерите на НАТО го поддржаа големото зголемување на одбранбените трошоци што го бараше Трамп, ветувајќи дека во рок од една деценија ќе издвојуваат 5 отсто од БДП за одбрана и за мерки поврзани со одбраната. Земјите се обврзаа да трошат 3,5 отсто од БДП за основна одбрана, како војници и оружје, и 1,5 отсто за пошироки мерки поврзани со одбраната.
Европските сојузници во НАТО и Канада во 2025 година ги зголемија одбранбените трошоци за 20 отсто во реални вредности во споредба со претходната година, според податоците на Алијансата. Но, не сите земји се на пат да ги исполнат новите цели, а дел од владите веќе се соочуваат со политички тешкотии околу одбранбеното трошење.
Стармер му остава „отровна пилула“ од 5,5 милијарди евра на наследникот
Нови договори вредни милијарди долари
Додека европските членки на НАТО ги зголемуваат инвестициите во одбраната, еден од главните предизвици за Алијансата е како парите бргу да се претворат во нови воени капацитети.
Во Анкара се очекува членките на НАТО да објават нови договори вредни десетици милијарди долари. Но, некои функционери изразуваат фрустрација што производството не се зголемува со темпото на кое се надеваа и што за одредени нарачки сè уште се потребни години.
Раководството на НАТО ја повика индустријата да соработува, да отвора нови производствени линии и да испорачува побрзо.
Одвраќање на Русија
Се очекува лидерите на НАТО во Анкара повторно да нагласат дека Русија претставува долгорочна закана за евроатлантската безбедност.
Иако претставници на Алијансата велат дека Русија се соочува со значајни економски проблеми и дека Украина ја зајакнала својата позиција, Руте предупреди дека речиси половина од рускиот државен буџет сега е наменета за одбрана и дека Алијансата не смее да биде наивна во однос на Москва.
Помош за Украина
Европските членки на НАТО продолжуваат да ја финансираат помошта за Киев, повеќе од четири години по почетокот на целосната руска инвазија.
Парите се канализираат на различни начини, вклучително преку билатерална помош, заем од Европската Унија и иницијативата „Приоритетна листа на потреби на Украина“, преку која европските земји плаќаат за Украина да добие американско оружје.
Иако повеќето европски лидери велат дека се посветени на продолжување на поддршката за Киев, одржувањето високо ниво на финансирање останува предизвик поради другите притисоци врз националните буџети и поради загриженоста во некои главни градови дека дел од европските влади придонесуваат несразмерно повеќе од други.
Каја Калас се сретна со Ердоган во Анкара пред самитот на НАТО


