Стармер му остава „отровна пилула“ од 5,5 милијарди евра на наследникот
Британскиот премиер во заминување објави план за одбранбени инвестиции тежок околу 346 милијарди евра, но речиси една третина од дополнителните средства сè уште не се обезбедени.
Енди Барнам, лабуристички политичар, поранешен градоначалник на Големиот Манчестер и новоизбран пратеник од Мејкерфилд, кој минатиот понеделник најави дека ќе се кандидира за наследник на британскиот премиер во заминување Кир Стармер, ќе мора уште во својот прв буџет да најде дополнителни околу 5,5 милијарди евра за одбраната, откако Стармер објави план за одбранбени инвестиции вреден околу 346 милијарди евра, без целосно да објасни како ќе биде финансиран, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Извори блиски до пратеникот од Мејкерфилд велат дека тој нема да се обиде повторно да преговара за Планот за одбранбени инвестиции, откако премиерот во заминување ги објави деталите на прес-конференција во вторникот.
Луѓе блиски до најверојатниот следен премиер признаваат дека тој ќе мора да најде речиси 5,8 милијарди евра повеќе од очекуваното за да ги финансира плановите во следните четири години. Сојузник на Барнам тоа го спореди со „неексплодирана бомба“. Гардијан дознава дека пратеникот од Мејкерфилд не бил информиран за финансиската дупка кога бил брифиран за планот.
Извор од одбранбениот сектор изјави дека е „лудост, по сето тоа натегање, да се остави дупка од 5,5 милијарди евра некој друг да ја решава“, додека конзервативците го опишаа планот како „отровна пилула со одложено дејство“ за Барнам.
Стармер во вторникот изјави дека долго одложуваниот План за одбранбени инвестиции ќе ја направи Британија побезбедна преку „генерациска трансформација на нашите вооружени сили“.
Британија е далеку од целта на НАТО
Вкупната потрошувачка за одбрана ќе се зголеми незначително, од 2,6 проценти од БДП во 2027 година на 2,7 проценти, или речиси 93 милијарди евра, до 2030 година. Стармер рече дека тоа ќе ја постави Велика Британија „на патека“ кон достигнување на 3 проценти во следниот парламентарен мандат, иако тоа и натаму е далеку под целта на НАТО од 3,5 проценти до 2035 година.
Тоа се смета за подобрување од околу 1,7 милијарди евра што го обезбедил новиот министер за одбрана Ден Џарвис, кој се бори да ја задржи функцијата по заминувањето на Стармер. Претходно на Џон Хили, кој поднесе оставка во знак на протест поради понудените средства, му биле понудени околу 15,7 милијарди евра.
Стармер на прес-конференција во фабрика за дронови во Беркшир изјави:
– Планот ги насочува нашите ресурси директно кон подготвеноста на вооружените сили, ги поништува кратењата од последните години, ја става во прв план достапноста на нашите сили и средства, ги обновува резервите на муниција и гарантира дека сме подготвени да се бориме, да ја браниме нашата земја и да бидеме подобро подготвени да победиме.
Авиони, дронови и нуклеарни подморници
Планот, кој требаше да биде објавен пред речиси една година, ги става дроновите, борбените авиони и нуклеарното оружје во центарот на воените капацитети на земјата.
Одбранбените планови вклучуваат купување 12 авиони „Локид Мартин Ф-35А“, способни да носат нуклеарно оружје.
Одбранбениот пакет на Велика Британија е проценет на околу 346 милијарди евра за следните четири години, од кои 17,4 милијарди евра се новонајавени средства. Најголем дел од парите ќе бидат насочени кон нуклеарната програма, вклучувајќи околу 54,6 милијарди евра за нови нуклеарни подморници, замената за „Трајдент“ и проектот „Аукус“ со Австралија и со САД.
Планот предвидува и средства за нова нуклеарна боева глава, нуклеарни горива, авиони Ф-35А, развој на борбениот авион ГЦАП со Италија и Јапонија и продолжување на употребата на „Тајфун“. Дополнително, околу 5,8 милијарди евра ќе бидат вложени во дронови. Дел од финансирањето ќе се обезбеди преку заштеди во Министерството за одбрана, намалување на администрацијата и консултантските трошоци, продажба на државен имот и кратења во патни и енергетски проекти.
Кратењата предизвикаа отпор кај дел од владата. Министерот во Канцеларијата за надворешни работи, Хамиш Фалконер, протестирал поради можното откажување на планот за проширување на обиколницата кај Њуарк, во близина на неговата изборна единица во Линколн.
Владата ќе откажува капитални проекти
Стармер призна дека дел од капиталните проекти, особено во секторите патишта и енергетика, ќе мора да бидат одложени или откажани за да се ослободат средства за одбраната. Според него, тие проекти се важни, но не се „непосредно витални“, а владата мора да носи тешки одлуки кога станува збор за националната безбедност.
Министерството за енергетика, сепак, сè уште не прецизирало кои конкретни проекти би биле погодени од кратењата, иако од неговиот буџет треба да се обезбедат околу 2,3 милијарди евра заштеди.
И покрај најавените кратења, значителен дел од одбранбениот план останува без обезбедено финансирање. Министерството за финансии потврди дека околу 5,5 милијарди евра ќе треба да се најдат во следниот буџет, од кои околу 2,1 милијарда евра веќе во следната финансиска година.
Извор од Министерството за финансии тврди дека не е невообичаено владата да објави план за трошење, а дел од средствата да ги обезбеди на следниот фискален настан. Според истиот извор, Барнам и неговиот иден министер за финансии би можеле да ја покријат дупката и преку задолжување бидејќи владата располага со речиси 27,9 милијарди евра фискален простор во рамките на своите правила.
Но, таквиот пристап носи ризик. Ново задолжување би можело да ги зголеми трошоците за позајмување, особено во момент кога дел од финансиските пазари веќе внимателно ги следат можните економски последици од влада предводена од Барнам.
Луѓе блиски до Барнам сметаат дека сојузниците на Стармер намерно не му ги соопштиле сите детали за недостигот од околу 5,5 милијарди евра. Стармер, пак, порача дека очекува неговиот наследник да го поддржи планот и да најде дополнителни средства за одбраната, но предупреди против финансирање преку таканаречени „одбранбени обврзници“, бидејќи тоа, според него, е само друго име за задолжување.
Дел од пратениците се незадоволни од кратењата и можноста за нов долг, додека, пак, други сметаат дека планот не оди доволно далеку. Поранешниот министер за одбрана Џон Хили предупреди дека Британија во 2030 година сè уште ќе троши само 2,7 отсто од БДП за одбрана, иако НАТО предупредува на можен руски напад токму во тој период.
Го нарекуваат „кралот на северот“ – кој е човекот што најверојатно ќе го наследи Стармер?


