Фото колаж „Слободен печат“
Фото колаж „Слободен печат“

Здружението на приватни лекари на Македонија казнето за незаконско договарање цени – се чека наплата на глобата

Седење на сестрата со пациентот додека истече инфузијата – 100 денари од час, издавање лекарско уверение за работа 1.300 денари, издавање лекарско уверение за суд 1.500 денари… Вклучување инфузија — 100 денари, издавање пополнет образец за инвалидска пензија, 1.300 денари.

Ова е само дел од Ценовникот за услуги за приватни пациенти и приватни услуги што Здружението на приватни лекари незаконски го донело во 2012 година и формално не го извадило од употреба до 2025 година, а надлежните допрва истражуваат дали се користи и до ден денес.

Барем 13 години на пациентите во некои приватни здравствени ординации им биле наплаќани здравствени услуги според ценовник што Здружението на приватни лекари не смеел да го донесе затоа што со него ја нарушил конкуренцијата, сметаат од Комисијата за заштита на конкуренцијата, а тоа е потврдено и со пресуда на Вишиот управен суд, која е правосилна од овој месец.

Комисијата за заштита на конкуренцијата се противела против Ценовникот повеќе од една деценија во судските лавиринти сè до месецов, кога со правосилна судска пресуда Здружението на приватни лекари е казнето за продолжен прекршок кој траел од 2012 година и треба да плати глоба од 101.766 денари за нарушување на конкуренцијата. Спорниот ценовник изгледа вака:

 

Во постапката било утврдено дека на 10 март 2012 година Управниот одбор на Здружението на приватни лекари се состанал и донел недозволен ценовник што потоа почнале да го користат приватните здравствени ординации. Ценовникот, како што велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата бил недозволена одлука, со која директно или индиректно се фиксираат продажните цени на услуги за приватни пациенти и приватни услуги со цел спречување на слободната конкуренција.

Ценовникот уште бил на сила и на 30 април 2025 година кога е утврден продолжениот прекршок, а допрва ќе истражуваат дали и ден денешен функционира.

Комисијата утврди дека се работи за траен прекршок, а оваа оценка беше потврдена и со пресудата на Вишиот управен суд. Комисијата дополнително ќе утврдува дали по донесувањето на решението е донесена одлука за ставање вон сила на предметниот ценовник, велат оттаму за „Слободен печат“.

Од Комисијата почнале прекршочна постапка против Здружението на приватни лекари во 2015 година. По цели 11 години маратонска правна битка, судскиот епилог дефинитивно потврди дека Ценовникот за приватни здравствени услуги претставувал незаконско фиксирање на цените на пазарот.

Здружението на приватни лекари не смеело да им кажува на докторите колку пари да ги наплаќаат лекарските уверенија, обрасците за добивање инвалидска пензија, испирањата на очи и уши и другите услуги наведени во ценовникот, бидејќи на таков начин се нарушува конкуренцијата.

Додека триесетдневниот рок за доброволно плаќање на изречената глоба веќе тече, антимонополските власти најавуваат нова истрага – се проверува дали приватните ординации во пракса навистина се откажале од спорниот ценовник или тој сè уште тајно диктира колку граѓаните плаќаат од свој џеб. Имало периоди кога претставници на Комисијата оделе од ординација во ординација и го наоѓале ценовникот кај повеќе приватни здравствени установи кои функционирале воедначено, усогласено, сите со истите цени.

Од Комисијата за заштита на конкуренцијата за „Слободен печат“ потврдуваат дека изречената глоба сè уште не е инкасирана во државниот буџет. Сепак, прекршителот има законски рок од 30 дена за доброволно подмирување на обврската.

Глобата сè уште не е платена. Пресудата е примена од страна на Комисијата на 12 јуни 2026 година, со што решението на Комисијата стана правосилно. Согласно закон, од денот на правосилноста започна да тече рокот од 30 дена за доброволно плаќање на изречената глоба, кој сè уште не е истечен. По истекот на овој рок ќе се утврди дали глобата е доброволно платена, а доколку тоа не е случај, ќе се преземат дејствија за нејзино плаќање согласно закон, ни одговорија од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Во Здружението на приватни матични лекари членуваат лекари или сопственици на приватни здравствени установи. Претседателката, доктор Лилија Чолакова Дервишова за „Слободен печат“ изјави дека е разочарана од судската одлука и наведе дека шест пати судот утврдувал дека Здружението не е субјект кој може да биде третиран како претпријатие па да може да ја нарушува конкуренцијата. Таа рече дека ценовникот никогаш не бил обврзувачки и дека не може да му наложи никому каква цена да наплаќа за услугите што не потпаѓаат под договорот што приватните ординации го имаат со Фондот за здравство. Според неа, ценовникот бил донесен, зашто имало матични лекари што наплаќале многу високи цени за овие потврди, па така паднал договор да се направат цени што ќе бидат ориентациски, за „да не си ги земаме пациентите еден од друг“.

-Одамна го тргнавме ценовникот од нашиот сајт. Шестпати добивавме во наша корист и пак тужеле. Мислам дека ова е разочарување за судството. Ние сме здружение на граѓани. Не ми е јасно како кај сите други гранки, стоматологија, приватни болници итн., да може да има ценовници, а ние да не смееме да имаме. Разочарани сме од одлуката на судот и од целокупното судство. На крај треба да платиме и глоба. Па кој е оштетен, дали има пациенти оштетени? Ценовникот не беше обврзувачки. Тоа го направивме зашто пациентите ни се на прво место и не сакавме да има прелевање на пациентите од еден до друг доктор поради разлики во цените, зашто сме забележале дека во Западна Македонија има многу високи цени за нега, за образецот за инвалидска пензија итн. Пазарџиите се на повисоко ниво и се почитуваат, револтирано изјави доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението.

Таа додаде дека ценовникот е тргнат од страницата на здружението, дека се однесувал на работни задачи што приватните лекари ги вршат надвор од договорот со ФЗОМ.

-Целта беше да не биде образец за ИПК (инвалидска пензија н.з) 3.000 денари, туку пониска цена. Овие работи се административни, ги вршиме после работа. Вакви ценовници постоеле и во Југославија

Комисијата за заштита на конкуренцијата пак, ќе утврдува дали и со правна одлука на Управниот одбор на Здружението, ценовникот е правно укинат.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот