Никола Мицевски Фото: Фејсбук Мицевски

Нема договор за Изборниот законик, следува блокада со илјадници амандмани

Сметаме дека разговорите се завршени и дека денеска во 14 часот ќе ја закажеме Комисијата за политички систем на која очекувам дека ќе бидат поднесени амандмани од СДСМ и од Левица, ни изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски

Нема договор за измените на Изборниот законик и по два дена разговори на координаторите на пратеничките групи. Спорно остана електронското гласање на дијаспората, кое беше црвена линија на ВМРО-ДПМНЕ за договор за Изборниот законик, а кое пак, барање е целосно неприфатливо за СДСМ. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за „Слободен печат“ изјави дека во 14 часот ќе ја закажат Комисијата за политички систем и според најавите на СДСМ и на Левица за илјадници амандмани, очекува дека Изборниот законик ќе остане блокиран и дека на следните парламентарни избори ќе се оди со постоечките изборни правила.

-За жал и вториот ден од разговорите меѓу координаторите на пратеничките групи и на пратеници кои немаат пратенички групи не успеавме да дојдеме до договор иако имаше ретерирање во одредени ставови помеѓу сите пратенички групи. ВМРО-ДПМНЕ ги прифати сите забелешки кои ги има и ДУИ и Левица, беа тргнати одредени членови кои беа спорни, но не успеавме да ги убедиме СДСМ да ретерираат за гласањето на дијаспората. Со тоа сметаме дека разговорите се завршени и дека денеска во 14 часот ќе ја закажеме Комисијата за политички систем на која очекувам дека ќе бидат поднесени амандмани од СДСМ и од Левица. За колкав број на амандмани се работи ќе видиме на самата седница. За жал четиримесечната работа на работната група која консензуално работеше на Изборниот законик не успеа да го види светлото на денот од причина што СДСМ не се согласи дијаспората да гласа електронски – изјави Мицевски за „Слободен печат“.

Ова зачи дека на следните избори ќе важи постоечкиот Изборен законик. Мицевски очекува дека измените на изборниот законик ќе бидат блокирани.

Опозицијата не ја поколеба повикот на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе ги прифатат сите забелешки освен гласањето на дијаспората, ниту гаранцијата на Мицкоски дека нема да се кандидира за шеф на државата на претседателските избори во 2029 година.

СДСМ најави дека ќе поднесе 10.000 амандмани, додека од Левица се очекуваат околу 3.000 амандмани. Амандмани ќе поднесе и ЛДП.

Мицкоски: Еве нека ѝ олесни на опозицијата, нема да се кандидирам за шеф на државата, нека поддржат дијаспората да гласа електронски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот