Како да се спасиме од приватните пензиски фондови?
Приватните пензиски друштва ѝ позајмиле речиси 2 милијарди евра на државата, за што си наплатуваат камата. Потоа, државата со тие пари ја крпи дупката во државниот пензиски фонд. Каква иронија!
Веќе долго време во јавноста се зборува дека Вториот пензиски столб, односно задолжителните приватни пензиски фондови, нема да им донесат добро на идните пензионери, а згора на тоа, сега значајно ја осиромашуваат државната каса, затоа што во државниот пензиски фонд се јавува дупка како кратер за сегашните пензии и таа мора да се пополнува со пари од Буџетот. Се чини дека заглавивме со приватните пензиски фондови и дека што побрзо најдеме излез, тоа ќе биде подобро. Но, дали е тоа така едноставно?
Препорачано
Сегашната законска регулатива е така поставена што во државава функционираат три пензиски фондови во кои има над 3 милијарди евра, а тие пари веќе се инвестирани. Да биде иронијата поголема, најголем дел, односно речиси 2 милијарди евра, се инвестирани во државни хартии од вредност, или во превод толку пари, секако за да остварат камата, ѝ позајмиле приватните пензиски фондови на државата, за потоа таа да ги троши во сервисирање на пензиската дупка. Катастрофа!
Идејата за приватните пензиски фондови се промовираше под плаштот дека пензиските придонеси се мртви пари на државна сметка, а вака ќе се оплодувале и ќе обезбеделе поголеми пензии. Арно ама, тоа било бајка за мали деца. Оние што не мораа според закон да бидат во Вториот пензиски столб, туку доброволно мигрираа во периодот кога тој се воведуваше, кога дојде време да се пензионираат, доживеаја шок од пензијата. Па државата се смилува и изнајде модел, сосе парите ги врати во државниот фонд и им пресмета пензија како и да не биле никогаш во Вториот столб. Но, тоа беше за околу 12.000 пензионери и за 40 милиони евра. Сега, ако се направи пресек, тоа треба да се направи за над 640.000 членови и за над 3 милијарди евра, затоа што сè погласно се зборува дека и тие кога ќе дојдат за пензионирање, нема да се усреќат. Тоа дојде и од устата на премиерот Христијан Мицкоски, кој во интервју јасно рече: „Сигурен сум дека намерата била добра, но од денешната перспектива загрижен сум дека голем дел од корисниците нема да бидат задоволни“.
Супер би дошле над три милијарди евра во државниот пензиски фонд, ама кое приватно пензиско друштво би се откажало од огромните добивки што ги прави за да управува со овие пензиски фондови? Според порталот Пари, минатата година „Триглав пензиско друштво“ било во мала загуба, но „КБ Прво пензиско друштво“ имало добивка од 4,1 милиони евра, а „Сава пензиско друштво“ 3,1 милиони евра. Толку пари си заработиле нивните газди од менаџирањето со парите на идните пензионери. Од друга страна, инвестициското портфолио, покрај во државни хартии од вредност, е распоредено и во домашни акции, странски фондови, акции на странски компании. Тие пари не се на една сметка, па да им кажеме на пензиските друштва „вратете ги“. Практично, би требало да се национализира приватен инвестициски фонд, а веројатно тука пола Европа ќе скокне, исто како што на времето скокнала Светска банка, која нè условила дека ќе ни даде пари за обесштетување на загубарите по онаа катастрофална транзиција, ако направиме ваков пензиски систем – факт што го откри сегашниот гувернер на Народната банка, а тогашен министер за развој Трајко Славески. Сега, Светска банка повторно е на главната маса за пензиски реформи, нешто се подготвува, одвреме-навреме имаат состаноци и заговараат некакви измени за да има одржливост на државниот пензиски фонд, кој патем се разниша затоа што наместо таму да одат сите пари од пензискиот придонес, таму одат две третини, а една третина е резервирана за приватните пензиски друштва.
Ако е за надеж, можеби ќе се изнајде светло на крајот на тунелот, затоа што има примери на земји што делумно или целосно се спасија од приватните пензиски друштва. Најрадикалниот случај е на Унгарија. Во 2011 година, тамошната влада целосно го укина задолжителниот приватен столб. Полска реагираше во 2014 година – не го укина целосно Вториот столб, но презеде голем дел од средствата. Државата ги презеде државните обврзници што ги поседуваа приватните фондови и ги префрли во државниот пензиски систем, со што значително се намали улогата на приватните фондови. Задолжителните приватни фондови ги напуштија и Боливија и Аргентина.
Вториот столб во Македонија функционира од 1 јануари 2006 година. Тогаш пензискиот придонес изнесуваше 21,2 проценти, а сега е 18,8 проценти. Негативно влијае и демографскиот фактор. Првите поголеми исплати на пензискиот фонд треба да почнат во 2030 година, затоа што приватните фондови се задолжителни за оние што се вработија по 1 јануари 2003 година, а се родени по 1 јануари 1967 година. Како се ближи рокот, така растат и стравувањата, па не е ни чудо што сè погласно се зборува од првите редови на власта. Само прашање е како да се одигра оваа игра, а да не паднеме во некоја нова стапица.


