Фото: Пекселс/Mikhail Nilov//Waldemar

Законот за игри на среќа се изгласал во петокот, АПИС предупредува дека ќе се игра „на црно“

Нема да има објект со апарати во близина од најмалку 500 метри од основни и средни училишта. Ризгорозни правила има за рекламирањето

Законот за игри на среќа и забавни игри е изгласан во Собранието во петокот, а вчера е објавен Указот за негово прогласување. Овој закон предвидува оддалеченост на објектите за игри на среќа од најмалку 500 метри од основните и средните училишта.

„Условот за оддалеченост (…) не се однесува за отворањето на уплатно-исплатните места за приредување игри на среќа во обложувалница. Во уплатно-исплатните места на приредувачите на игри на среќа во обложувалница, кои се наоѓаат на оддалеченост до 500 метри од основни и средни училишта не смеат да се поставуваат електронски видеолотариски терминали или терминали, компјутери за електронски игри на среќа“, пишува во Законот.

Согласно Законот, секој поставен автомат за игри на среќа односно електронски видеолотариски терминали (влт), во автомат клуб, во казино и во деловни простории во кои се приредуваат електронски игри на среќа е потребно да има Глобален систем за позиционирање на локација – ГПС.

Законот е ригорозен и во однос на рекламирањето, со цел да не се наметнуваат игрите на среќа.

Со новиот закон се забрануваат секакви начини на рекламирање на надворешниот дел на излозите, користење и рекламирање на назив различен од видот на играта на среќа за која е добиено одобрение, користење на зборови во називот на трговското друштво различни од играта на среќа за која е лиценцирано друштвото и користење на различни називи на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа согласно издадената лиценца. Исто така, забрането е рекламирање или учество во рекламирање со кое игрите на среќа се промовираат како начин за социјално прифаќање, за постигнување на личен или финансиски успех или пак за решавање на какви било економски, социјални или лични проблеми. Реклами не смета да се упатуваат како препораки од познати личности кои сугерираат дека игрите на среќа дале придонес за нивниот успех.

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) реагираше на донесувањето на новиот Закон за игри на среќа од Собранието. Според АПИС, новиот изгласан Закон за игри на среќа и забавни игри содржи одредби кои се во спротивност со темелните вредности, но и со членот 55 од Уставот со кој се предвиделе гаранции за слобода на пазарот и претприемништвото.

„Доколку предлагачите на законот навистина сметаа дека игрите на среќа се штетни по здравјето на луѓето, тогаш тоа мораше прво да го докажат во соодветна правосудна постапка, а потоа целосно да ги забранат. Вака, со дистанцирање 500 метри од училишта се прави противуставна дискриминација, и тоа на урбанистичка околност која не е фиксна“, се вели во соопштението на АПИС.

Како што тврдат приредувачите на игри на среќа, новиот Закон бил предложен набрзина, не бил закачен на ЕНЕР и затоа на стопанските комори, асоцијациите и здружението на вработените им било ускратено правото активно да дадат свој придонес во насока на создавање одржлива и спроведлива регулатива по европски и светски стандарди.

„Извршната и законодавната власт треба да и укажат на јавноста дека со изгласувањето на овие противуставни и дискриминаторски законски одредби широко отвораат врата за игри на среќа на црно, кои ќе се одвиваат во подруми, без контрола на државата, каде младината навистина ќе биде загрозена. Граѓаните сè уште ја паметат аферата „Детонатор“ од 2011 кога беа запленети 1.500 покер апарати поставени на црно“, соопштија од АПИС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот