Пазарење во маркет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Дурмиши: Ќе се чешлаат 700 производи од кошничката за да се види како растат цените од увоз до маркет

Пораката од Владата е дека доколку анализите покажат неоправдано зголемување на цените или нарушување на пазарната конкуренција, повторно ќе бидат активирани сите законски механизми за заштита на животниот стандард.

Слушај ја веста

Пазарната инспекција во наредниот период ќе спроведе обемни контроли на меѓу 600 и 700 производи што се дел од потрошувачката кошничка, откако пред една недела се одржа состанок со претставници на трговските синџири, Министерствата за финансии, економија и труд и директорите на надлежните институции. Целта на контролите е детално да се утврди како се формира цената на секој производ, од набавната до продажната цена и да се идентификуваат факторите што доведуваат до нејзино зголемување.

Министерот за економија Бесар Дурмиши рече дека секој производ ќе биде проверуван кај секој трговски синџир поединечно, а институциите ќе анализираат кои индикатори влијаат врз формирањето на цените. Надлежните очекуваат токму преку овие контроли да добијат појасна слика за движењето на цените и евентуалните неправилности на пазарот.

– Инспекциските контроли не се новина, туку се спроведуваат континуирано уште од почетокот на економската криза. Само во изминатите три месеци беа реализирани засилени проверки, при што институциите реагира во делот на трговските маржи, односно таму каде што законски имаат можност да интервенираат – вели Дурмиши.

Тој објаснува дека во меѓувреме биле преземени и мерки за намалување на цените на нафтените деривати, а сега фокусот се префрла кон целосна анализа на синџирот на формирање на цените, од набавката до крајната цена што ја плаќаат граѓаните.

– Во изминатите две години создадовме политики што носат конкретни ефекти, а една од нашите најголеми одговорности беше заштитата на животниот стандард на граѓаните – рече Дурмиши.

Тој нагласи дека Владата работела во исклучително сложени економски услови кога глобалната економија сè уште ги чувствува последиците од повеќе кризи, нарушените синџири на снабдување и геополитичките тензии. Според него, дополнителен притисок врз светската економија создаваат и актуелните воени конфликти, кои директно влијаат врз цените на енергенсите, храната и суровините.
Министерот рече дека се интервенирало во повеќе наврати со конкретни мерки за стабилизација на пазарот, меѓу кои ограничување на трговските маржи и воведување потрошувачки кошнички, со цел да се ублажи ударот врз семејните буџети и да се спречат ценовни шокови.

Стабилизација на пазарот

Сепак, според Дурмиши, долгорочната стабилност не може да се обезбеди само преку интервентни мерки.

– Нашиот фокус сега е стратешка стабилизација на пазарот преку постојана координација со сите надлежни институции, регулаторните тела, производителите, трговците и стопанските комори. Целта е навремено да ги препознаваме ризиците, да спречуваме нарушувања на пазарот и да создадеме предвидлива економска средина во која ќе бидат заштитени и потрошувачите и стопанството – рече министерот.

Во отчетот Дурмиши се осврна и на економските политики што, според него, дале конкретни резултати. Министерството, како што рече, работело на пет стратешки приоритети: намалување на невработеноста, поддршка на инвестициите, развој на малите и средните претпријатија, спроведување на Реформската агенда и дигитализација на услугите.

Тој истакна дека успешно се реализирани оперативните планови за вработување за 2024, 2025 и 2026 година. Само во 2025 година за активните мерки за вработување биле обезбедени повеќе од 2,5 милијарди денари, од кои биле реализирани над две милијарди. Со новиот оперативен план се обезбедени 2,41 милијарди денари за поддршка на 10.352 граѓани преку грантови за самовработување, субвенционирано вработување, практикантство за млади, обуки за дефицитарни занимања и мерки за лицата со попреченост.

Во областа на трудовото законодавство, министерот информираше дека се донесени или изменети повеќе од 20 законски решенија. Реактивиран е Економско-социјалниот совет, повторно е ставена во функција Комисијата за утврдување репрезентативност, а прагот за репрезентативност на синдикатите е намален од 10 на 5 проценти.

Нови вработувања

Во делот на подобрување на деловната клима, Министерството оптимизирало 28 парафискални давачки и мапирало 100 административни постапки што постепено ќе бидат поедноставени. За поддршка на инвестициите, во Буџетот за 2026 година се обезбедени 1,23 милијарди денари.

Како пример за позитивни резултати Дурмиши ја посочи Технолошко-индустриската развојна зона Тетово, каде што компаниите во 2025 година реализирале производство вредно над 6,4 милијарди денари и извоз од речиси 8,9 милијарди денари, додека во зоната работат 1.845 лица. Дополнително, најавена е инвестиција од 21 милион евра од компанијата „КАВО отомотив“, која треба да отвори околу 550 нови работни места.

Министерот нагласи дека реформите продолжуваат и во рамките на европската интеграција преку ИПА-проекти, усогласување на законодавството со европските стандарди, поддршка на малите и средните претпријатија и зајакнување на конкурентноста на македонската економија.

– Свесни сме дека остануваат многубројни предизвици, но уверени сме дека реформите што ги започнавме се цврста основа за поконкурентна, поиновативна и поотпорна економија. Нашата цел останува иста – повеќе инвестиции, повеќе работни места, посилни компании и подобар животен стандард за секој граѓанин – порача Дурмиши.

Ацо Ристов ја презеде функцијата претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот