Река Блатешница, фото: За Чисто Блатец

Инвестициите во обновливите извори на енергија не смеат да бидат на сметка на природата, бараат еколошки организации

„Денес Македонија има можност да избегне грешки кои веќе ги видовме во минатото — конфликтите околу малите хидроелектрани, долгите судски постапки, отпорот од локалните заедници и несигурноста за инвеститорите“, велат организациите.

Здружени еколошки организации нагласуваат дека Македонија се наоѓа во клучен момент од својата енергетска трансформација. Од една страна, посочуваат дека инвестирањето во обновливи извори на енергија претставува неопходен чекор за да се намалат емисиите на стакленички гасови, за да се подобри енергетската независност и да се исполнат меѓународните обврски, но, истовремено, предупредуваат дека ова не смее да биде на сметка на природата.

Оттука, организациите заеднички се потпишани на јавен документ „Јасни правила за природата и водите се од корист за развојот на обновливите извори на енергија и за биодиверзитетот“, наменет за надлежните институции.

„Искуството на Европската Унија јасно покажува дека успешната енергетска транзиција не е избор помеѓу обновливите извори и заштитата на природата. Напротив, таа се темели на јасни правила кои овозможуваат и двете цели да се постигнат истовремено. Денес Македонија има можност да избегне грешки кои веќе ги видовме во минатото – конфликтите околу малите хидроелектрани, долгите судски постапки, отпорот од локалните заедници и несигурноста за инвеститорите. Овие искуства покажаа дека недоволната заштита на природата не го забрзува развојот, туку го успорува“, посочуваат организациите.

Според нив, особено е важно што Македонија во моментов го ревидира Законот за заштита на природата. Овој процес, нагласуваат организациите, претставува единствена можност националното законодавство да се усогласи со европските стандарди и навремено да се воспостават механизмите кои ќе овозможат одржлив развој на обновливите извори на енергија.

Тие ги повикуваат Министерството за енергетика и Министерството за животна средина заеднички да дадат јасна политичка поддршка за Директивите за живеалишта и птици и Рамковната директива за води во правната рамка на Енергетската заедница, како и навремено и целосно да ги пренесе во националното законодавство.

„(Понатаму) да ги вклучат соодветните процедури за оценување на влијанијата врз природата и водите при планирањето и одобрувањето на енергетските проекти. Да го забрзаат воспоставувањето и правната заштита на мрежата Емералд како основа за идната мрежа Натура 2000. Да развијат стратешко просторно планирање кое ќе ги насочува инвестициите во обновливи извори кон деградирани, индустриски и веќе изменети површини, наместо кон подрачја со висока природна вредност. Да обезбедат транспарентни процедури и суштинско учество на јавноста при донесувањето на сите стратешки одлуки“, стои во барањата до министерствата.

Според организациите, јасните правила не се пречка за инвестициите, туку тие се предуслов за нивен успех.

Односно, како што велат, правилата ги намалуваат ризиците за инвеститорите, ги скратуваат процедурите, ги намалуваат судските спорови, ја зголемуваат довербата на јавноста и овозможуваат енергетската транзиција да биде навистина праведна и одржлива.

„На Македонија не ѝ е потребен избор помеѓу енергијата и природата. Потребни ѝ се политики кои ќе ги штитат и двете. Затоа ве повикуваме да ја искористите оваа можност и да креираме современа законска рамка која ќе овозможи забрзан развој на обновливите извори на енергија, без компромиси со биодиверзитетот, водните ресурси и јавниот интерес. Само така ќе обезбедиме енергетска транзиција која ќе биде навистина европска, праведна и одржлива за сегашните и идните генерации“, посочуваат организациите.

„Еко-свест“: Македонија да инвестира во обновливи извори на енергија, а не во инфраструктура за гас

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот