Паника за гориво во Русија – возачите прават резерви, полицијата интервенира

Полицијата во рускиот Иркутски Регион е распоредена на бензинските пумпи поради долгите редици и обидите на возачите да полнат гориво во канистри. Мерките се воведени во услови на сè посериозни проблеми со снабдувањето, кои се поврзуваат со украинските напади врз руските рафинерии, објавува „Москва тајмс“.

Полицајците го регулираат сообраќајот околу пумпите и проверуваат дали се почитува забраната за точење гориво во канистри.

Ограничувањата следуваат откако гувернерот на сибирскиот Иркутски Регион, Игор Кобзев, прогласи состојба на зголемена готовност поради недоволното снабдување со гориво. На бензинските пумпи се испратени и припадници на Руската национална гарда, кои треба да ги контролираат редиците и да помогнат во спроведувањето на забраната.

„Ситуацијата со горивото во градот останува напната“, изјави заменик-градоначалникот на Иркутск, Сергеј Гаврин.

Според него, многу возачи се обидуваат да направат резерви од бензин, што дополнително го забавува движењето на бензинските станици. Гаврин потврди дека полицијата ќе остане на пумпите 24 часа на ден за да го следи почитувањето на ограничувањата.

Властите предупредија дека возачите кои ќе се обидат да складираат гориво може да бидат казнети. Полицијата во Иркутск во понеделникот соопшти дека привела и казнила четири лица осомничени дека препродавале бензин по повисоки цени, откако гувернерот Кобзев наредил мерки против ваквите случаи.

Недостигот на гориво се прошири во повеќе руски региони, откако, според проценките, украинските напади со беспилотни летала уништиле околу една четвртина од вкупниот руски рафинериски капацитет.

Рускиот претседател Владимир Путин призна дека нападите врз енергетската инфраструктура предизвикале проблеми во снабдувањето со гориво. Тој изјави дека недостиг има, но дека состојбата не е критична. Путин додаде дека приоритет останува зајакнувањето на воздушната одбрана и заштитата на снабдувањето со гориво, особено на окупираниот Крим.

Путин забрани извоз на бензин од Русија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот